Со новиот Детален урбанистички план Ј04 Козле, кој ги поминал сите фази и наскоро ќе биде ставен на усвојување од Советот на Општина Карпош се предвидува во лозјата над Институтот за белодробни заболувања во населбата Козле да се градат објекти А1 – семејно домување, станбени куќи со дозволена катност од приземје, два ката и поткровје.
Јавната анкета и јавната презентација за овој ДУП е спроведена во мандатот на претходниот градоначалникот Стевче Јакимовски во 2015 година, кога била донесена и одлука дека не е потребна стратегиска оценка за влијанието на животната средина во врска со предлог планот. Од општина Карпош во изјава за медиумите тврдат дека над болницата во Козле нема да се градат станбени згради, туку објекти за индивидуално домување, со максимална висина до 10 метри. Законот за оваа намена А1, предвидена во ДУП-от Ј 04, дозволува четири стана во еден објект.
Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека набргу и тоа парче зеленило ќе отиде во историјата.
Стратегиската оценка би било пожелно да ја побараат од Министерството за животна средина и тоа да одлучи, бидејќи се работи за Парк шума Водно или евентуално од Град Скопје кој управува со Парк Шума Водно, вели архитект, Даница Павловска Циги за Радио Слободна Европа и додава: „Таму не треба да има ништо. Треба да биде зелено, затоа што се работи за некој тампон околу болницата. Како ќе се лекуваат децата таму ако наоколу имаат згради. Тоа место таму е одбрано за таква специфична намена затоа што е ориентирано кон шума, Водно, затоа што има струење на воздух од сите страни и таму децата се лекуваат. Значи тој како да го кажам тој атрибут, објектот на болницата Козле го губи“.