Со изработка на мурал на фасадата на киното „Партизан“ во Битола се отвора годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У) .
Автори на муралот се КУРС колективот од Белград , изработката на муралот е во продукција на ФР~У во партнерство со Народен Театар Битола.
Овој мурал е дел од серијата на мурали кои деновиве се изработуваат во уште 6 други градови во земјава и тоа во Штип, Прилеп, Велес, Кочани, Гевгелија, Скопје. Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со Гласен текстилец, Штип; БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор – Прилеп; Народен Театар Битола; Дом на Култура Ченто; Општина Гази баба; Општина Велес, Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.
Овој зафат, кој се протега на површина од околу 600 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е концепт, кураторство и организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Денис Ампев, Александар Јовановски и Ивана Васева.
Покрај во Битола, во периодот што следува, муралите се сликаат во следните градови:
Скопје
Дом на Култура Ченто
СОЛИДАРНОСТА Е ТЕМЕЛ НА ИДНИНАТА
Автор: Владимир Милиќ во партнерство со Културно Ехо Скопје и Општина Гази баба
Гевгелија
ФИЗИЧКА ДИСТАНЦА, СОЦИЈАЛНА БЛИСКОСТ / КОМШИЈАТА И ВО АРНО И ВО ЛОШО/
Автор: Миле Ничевски во соработка со М.Ц и во партнерство со БОШ Фестивал.
Прилеп:
НАПРЕД, САМО БЕЗ ЗАБОРАВАЊЕ!
Автор: Ристо Аврамовски во соработка со Филип Јовановски и Ненад Тонкин
Во партнерство со ЦСЛУ и Јавен Простор – Прилеп
Штип
ЕДНАКВИ ЗАЕДНО ПОСИЛНИ
Авторка: Јана Јакимовска
Во партнерство со Гласен Текстилец – Штип
Велес
СОЛИДАРНОСТ, МОБИЛНОСТ, ИДНИНА
Автор: Давор Кешкец
Во партнерство со Општина Велес
Кочани
СОЛИДАРНОСТА ГО ЈАКНЕ ИМУНИТЕТОТ
Автор: Ненад Тонкин
Во партнерство со Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.
Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со корона вирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно.
Во општество каде ксенофобијата, национализмот и дискриминацијата по сите основи е се уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сеуште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните. АКТО зборува за солидарноста која културата треба да ја иницира и поттикне во локалните заедници со цел создавање на праведно општество. АКТО зборува за важноста на културата и уметноста и за правата на уметницте и културните работници!
Покрај муралите годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО ќе вклучува и други содржини кои ќе се објават дополнително.