Насловна / Архитектура / Со Ценовник за инженерски услуги до поквалитетни услуги и подобри плати!

Со Ценовник за инженерски услуги до поквалитетни услуги и подобри плати!

Во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 259 од 1.12.2022 година беше објавен долгонајавуваниот Ценовник на инженерски услуги (Ценовник за висината на минималниот надоместок на услугите на овластените архитекти и овластените инженери во областа на високоградбата) на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Северна Македонија. И покрај законската обврска до 1.1.2025 година истиот да се применува со задолжителен попуст од 25 %, очекувањата се дека донесувањето на истиот ќе придонесе не само за подобрување на деловното работење на бироата и примањата на вработените во секторот туку и на квалитетот на услугите.

a1

ЦЕНОВНИКОТ Е РЕЗУЛТАТ НА ДОЛГОГОДИШНИ НАПОРИ НА КОМОРАТА

Со оглед дека, сега веќе законски важечкиот Ценовник е резултат на долгогодишни напори на Комората на овластени архитекти и овластени инженери од објавениот текст на Ценовникот може само да се насети кои сè параметри биле земени предвид при оформување на предлогот.  За очекување е дека во претстојниот период ќе дојде до појаснување и толкување на истиот за да им се помогне и на членовите на Комората и на пошироката јавност да се запознаат со Ценовникот и со деталите за неговата примена. Ова е вообичаен дел од еволуцијата на кој било официјален документ со цел да се обезбеди неговото доследно спроведување. Гледано од овој аспект и од запознавањето со Ценовникот, веројатно би било пожелно во наредниот период да се појаснат одредени сегменти на документот.

Севкупен трошок за услугите и основа за пресметување

1

Според член 1, „Ценовникот се однесува на услугите кои ги наплаќаат физичките и правните лица регистрирани за вршење на дејности за архитектонски и инженерски услуги, како севкупен трошок за услугите на лиценцираниот правен субјект, а се пресметува врз основа на просечна цена на изградаба за m2 и вкупна инвестиционо градежна вредност… согласно со расположливите податоци од Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика…

Веројатно би било пожелно да се дефинира терминот „севкупниот трошок за услугите“.  Формулацијата на текстот сугерира дека сè е вклучено во трошокот на услугите без разлика на тоа дали станува збор за самата стручна услуга или пак за дополнителните трошоци сврзани со реализацијата на услугата, како на пример патни трошоци и дневници, трошоци за паркирање, телефонски трошоци и поштарина (особено кога станува збор за работа со инвеститори од странство), присуство на повеќе од договорениот број на состаноци, печатење на повеќе од  договорените дополнителни примероци од цела или делови од инвестиционо техничката документација и сл.  Праксата од други средини покажува дека овие дополнителни трошоци или се наплаќаат врз основа на реално направените според претходно договорени тарифи или пак како паушален износ базиран на дополнителен фиксен процент од вредноста на договорот.

01

Претпоставката е дека дефинирањето на „основата на пресметување“ е резултат на ограничениот пристап до ажурирани релевантни податоци.  На пример, Статистичкиот годишник за 2022 година е објавен на 25.10.2022 година, а според веб-страницата на Државниот завод за статистика Годишникот дава „јасна слика за демографските и социоекономските состојби во државата во 2021 година.“  Оттука произлегува дека договорите склучени од стапувањето на сила на Ценовникот ќе бидат базирани врз основа на просечна цена на изградаба за m2 од 2021 година и покрај тоа што според Заводот „индексот на трошоците на животот во ноември 2022 година, во однос на ноември 2021 година, бележи зголемување од 19,5 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 15,2 %.“  Иако Ценовникот во рамките на член 8 има вграден механизам за усогласување на надоместокот за услугата со нормативните промени, животните трошоци, и други аспекти, понуденото решение веројатно ќе резултира во реактивно решение, каде промените на надоместокот ќе бидат усвоени со помало или со поголемо задоцнување. Искуствата од други средини укажуваат дека цените на услугите се усогласуваат по автоматизам со очекуваната инвестиционо градежна вредност на објектот во кварталот во кој се предвидува да започне изградбата на истиот, при што се користат проекциите за очекуваното ниво на зголемување на цените во градежништвото во наредниот период. Дополнително, повикувањето на „просечна цена на изградба“ остава можност учесниците во проектите не само да добијат надоместок кој не ја зема предвид инфлацијата на градежните услуги туку и да не бидат надоместени во однос на вистинската инвестиционо градежна вредност на објектот.

0

Минимална цена за работен час

Со член 4 од Ценовникот регулиран е „надоместокот за консултантски услуги, изготвување на засебни архитектонски и инженерски мислења и анализи со архитектонска и инженерска тематика, кои не се составен дел од Прилог 1.“ Според истиот член минималната нето-цена за овие услуги се пресметува според работен час и изнесува 1.200,00 денари (или приближно 19,35 евра по работен час според курсот користен во Прилог 1 од 62 денари за едно евро). Дополнително, во член 2 од Ценовникот се вели дека „вредностите, предмет на овој ценовник се изразени во денари, во нето-износ и како процентуална вредност од инвестиционо  градежната вредност.“ За разлика од терминот „инвестиционо градежна вредност“ кој е дефиниран во член 1 од Ценовникот, терминот „нето“ не е дефиниран, така што не е јасно дали се мисли на износот на услугата пред вклучување на данокот за додадена вредност или пак за нешто друго.

2

Прилози

Прилозите на Ценовникот содржат две групи на документи. Поголемата прва група на прилози дава примери на таблици за пресметки на минималниот надоместок за стручни услуги во зависност од категоријата на објектот, додека втората помала група ги наведува просечните цени по m2 за секоја категорија на објекти. Коментарите по однос на втората група на прилози веќе се искажани погоре.  Во однос на првата група на прилози веројатно има повеќе прашања отколку одговори. Ако определбите на член 3 се разбирливи дека соодносот помеѓу различните фази ќе биде предмет на меѓусебен договор помеѓу учесниците во проектот, прашање е кој ќе ја донесе конечната одлука за ова доколку има одредено ниво на недоразбирање помеѓу фазите.  Ова во голема мерка ќе зависи и од тоа кој ќе го назначи проектантскиот тим, инвеститорот или некој друг, со оглед дека од ова може да зависат и меѓусебните односи и одговорноста на учесниците во проектот.

Увидот во таблиците за пресметки укажува на потенцијално селективен пристап во однос на тоа кои услуги се услуги се покриени со Ценовникот, а кои не се. На пример, не е јасно каков надоместок следува за услугите кои не се сврзани со изработка на идејниот или на основниот проект, нивната ревизија или пак надзорот на изведба или пак проектантскиот надзор, како на пример кој раководи со тендерот, кој го администрира договорот за изграба или кој дава проектантска поддршка во процесот на изградба. Исто така не е јасно како се надоместуваат другите етапи на проектот кои не се наведени во таблиците за пресметки или идентифицирани во рамките на Законот за градење, како на пример оние сврзани со анализа на стратешките програмски барања на нарачателот и нивната трансформација во оперативна проектна програма, прелиминарни студии и изработка на алтернативни решенија и сл.   Во отсуство на детални информации во Ценовникот, а и во Законот за градење не е јасно дали има и која е поделбата помеѓу основните и дополнителните должности на архитектите и инженерите. Искуствата од другите средини укажуваат дека само основните должности се вклучени во договорената цена, додека дополнителните должности се предмет на анекс-договор и на дополнителен надоместок со оглед дека не може да се очекува архитектот или инженерот да преземат неограничен опсег на обврски. На пример, како дополнителни обврски можат да се јават снимања на постојни објекти, изработка на проектна програма, изработка на детални барања за секоја просторија во објектот, внатрешно уредување, изработка на макети, визуализации, внатрешно уредување итн.

Во рамките на Ценовникот и особено на табелите за пресметка на цените на услугите особено е забележливо отсуство на учество на стручно лице за предмер и пресметка, така што само може да се претпостави дека секоја фаза поединечно ќе треба да го изработи предмерот и пресметката во својот домен на работење. Искуствата од другите средини укажуваат на потреба од посебно стручно лице кое ќе се грижи за предмерот, пресметките и за финансиската контрола на проектот во целост, особено кога станува збор за поголеми проекти.

3

Плати

Веројатно едно од поголемите очекувања на архитектите и на инженерите во земјата од Ценовникот е поврзано и со подобрување на нивните примања и на животниот стандард, особено во овие времиња на економски предизвици. За жал од расположливите информации не е познaто дали при изработката на Ценовникот е направена и анализа за финансискиот импакт од примената на истиот не само на нарачателите на услуги туку и за давателите на услуги од која би можеле да се видат и очекувани позитивни резултати на примањата на архитектите и инженерите во земјата. На пример, според соопштението на Државниот завод за статистика од 22.12.2022 просечната месечна нето-плата за вработен во „архитектонски дејности и инженерство; техничко испитување и анализа“ во месец октомври 2022 изнесувала 33.861 денари, што е само незначително поголемо од просечната исплатена нето-месечна плата во земјата од 33.104,00 денари. Големото прашање е колку ќе се зголемат платите откога ќе започне примената на Ценовникот, првин до 1.1.2025 година кога Ценовникот треба да се применува со задолжителен попуст од 25 %, и потоа кога ќе се започне со наплата во целост според Ценовникот.

Се разбира објавувањето на Ценовникот и последователните појаснувања и толкувања би требало да им помогнат на работните организации да ги пресметаат своите трошоци на работење и максималниот потенцијал за заработка на секој вработен, а преку кои инфомации ќе бидат во можност да го утврдат и потенцијалот за зголемувања на примањата за сите вработени. Искуствата од други средини укажуваат на променлив однос во однос на продуктивните и непродуктивните часови од 80 % : 20 % за продуктивно вработените до 20 % : 80% за оние со комбинирани и продуктивни, и организациони и раководни позиции. Дополнително, при пресметките за цената на работниот час на вработените на вистинскиот трошок за нивното вработување се додава и процент помеѓу 50 % до 300 % за покривање на другите трошоци на работење на фирмата и профитот на истата.

23 22

 

Расположливи работни часови

Погорниве пресметки ќе овозможат исто така на почетокот на секој проект да се алоцираат расположливите работни часови за секоја фаза и за секоја етапа на проектот со што ќе се овозможи подобро следење на прогресот на проектот, но истовремено и на самиот почеток ќе помогне да се утврди дали алоцираните часови се доволни, и ако не да се обиде да се најде начин како овој фундаментален проблем би се надминал.

Расположливи работни часови по проект

Веројатно друг аспект вреден за анализа е да се утврди бројот на работни часови коишто наплатата за услугите според новиот ценовник ќе ги поддржи за одреден проект. Така како пример може се земе оној прикажан во таблицата А2 Домување во згради за објект со површина на градба од 3.500 m2. Од прилогот произлегува дека минималната цена за изработка на проектната документација би изнесувала 4.774.000,00 денари од кои 1.100.842,11 денари за идејниот проект и 3.673.157.89 за основниот проект. Овие би резултирале во вкупен фонд од 3.978,33 работни часови според минималната вредност на работен час од 1.200,00 денари, односно 917.37 работни часа за идејниот проект и 3.063,46 работни часа за основниот проект. Со оглед дека според таблицата потребно е да се сработат 10 вида на проекти и елаборати, врз основа на несоодветната, но подеднаква поделба помеѓу учесници во проектот, за секоја фаза и елаборат ќе бидат на располагање по 397.83 работни часа или некаде околу 12,43 недели за по еден вработен да работи на проектот по четири дена во текот на неделата и да го изготви и идејниот и основниот проект за секоја фаза поединечно.  Додека оваа алокација е веројатно доволна за изработката на одредени елаборати прашање е во колкава мерка истата е доволна за изработка на архитектонскиот проект. Ова е прашање за секоја работна организација одделно.

Silhouette of engineer and construction team working at site over blurred background sunset pastel for industry background with Light fair.Create from multiple reference images together.

Останати согледувања

За очекување е дека Комората за овластени архитекти и овластени инженери го направила она што најмногу го можела во сегашните услови во земјата. Самото воведување на Ценовникот претставува огромен исчекор напред во доменот на напорите да се обезбеди барем некое минимално достоинствено вреднување на трудот на архитектите и на инженерите во земјата, и ќе претставува камен-темелник за надградба на истиот во наредниот период.

Гледано пошироко, но во рамките на просторите на бивша СФРЈ во јавниот домен можат да се најдат ценовниците за услуги од Словенија, Хрватска, Црна Гора и делумно за Србија. Во оние на Словенија и Хрватска се чини дека фокусот е на дефинирање на инвестиционо градежната вредност на објектот, дури во рамките на хрватскиот има и посебен калкулатор за определување на оваа вредност, земајќи ги предвид дијапазонот на цени по м2 за различни видови на објекти.  Паралелно со ова постојат и добри показатели за очекуваната вредност на работен час во зависност од образованието, искуството и улогата на учесникот во процесот. Од друга страна се чини дека во српскиот ценовник има добра дефиниција за стандардните и за нестандардните услуги. За разлика од словенечкиот и од хрватскиот ценовник каде ценета на услугата се дефинира врз основа на инвестиционо градежната вредност на објектот, во црногорскиот ценовник, цените се дадени по две основи, по бруто- површина на објектот и, невообичано, по бруто-волумен од објектот. За разлика од македонскиот ценовник каде учеството на разните фази во проектот е оставено на меѓусебен договор, во црногорскиот ценовник, учеството на секоја фаза во рамките на еден проект процентуално е дефинирано.  Веројатно е интересно да се напомене дека во црногорскиот ценовник се дефинирани и цените за рушење на објект, внатрешно уредување и партерно уредување.

000

Гледано пошироко, процентуалните цени во македонскиот ценовник се значително помали од оние достапните од поразвиените земји во светот. Прелиминарните проценки укажуваат на тоа дека процентуалната цена на проектирање за сите фази (струки) на објект во земјата се приближно слични на процентуалната цена на проектирање само за фазата архитектура во поразвиените земји. На пример, во Велика Британија, каде титулата на архитектите е заштитена но не и функцијата, вообичаено постои ограничување од околу 13,5 % за цената на проект за сите вообичаени фази од инвестиционо градежната вредност на објектот и тоа од запознавање со проектната програма заклучно со истекот на едногодишната гаранција на изведените работи.

Дополнително, не е јасно, дали и како, пристапот кон изградбата е покриен со ценовникот.  Искуствата од другите средини укажуваат на разлики во зависност од тоа дали станува збор за традиционален пристап каде целиот проект од почеток до крај го води архитект или инженер, дали станува збор за пристап базиран на испроектирај и изгради каде проектот го води избраната градежна фирма, дали станува збор за една од варијантите на менаџерски проекти каде проектот го води проект-менаџер, или пак за некој друг пристап. Исто така не е јасно како се покриени можностите за забрзување на изградбата каде проектирањето оди паралелно со изградбата, но со мала почетна предност?  Овие аспекти изгледа дека не се покриени ниту во Ценовникот, ниту пак во рамките на Законот за градење.

Како што е познато законодавството на Европската Унија не дозволува примена на ценовници за стручни услуги туку се залага цената да ја формира пазарот. Како резултат на ова пред неколку години Германската комора беше тужена од ЕУ заради својот ценовник со пресуда во корист на ЕУ, а пред тоа Кралскиот институт на британските архитекти беше принуден да му даде статус на информативен ценовник на својот оригинален ценовник. По Брегзит, Институтот им овозможи пристап само на овластените бироа од Институтот до онлајн калкулатор за пресметка на цените на услугите, но засега малку информации се достапни во јавниот домен. Во словенечкиот ценовик јасно е нагласен неговиот информативен карактер. Ваквиот пристап на ЕУ веројатно им помага на инвеститорите, но не и на проектантите кои сè потешко и потешко можат да си ги покријат своите животни трошоци и се принудени да работат голем број на неплатени прекувремени часови, коешто сигурно не е добро ниту за нивното здравје ниту за нивниот живот, а уште помалку за продуктивноста на бирото. За жал засега не може да се види дека ЕУ размислува да понуди и некое компромисно решение помеѓу пазарното формирање на цените на услугите и фер надоместок за услугите на архитектите и инженерите коишто ќе можат достоинствено да живеат од својот труд.

Само времето ќе покаже во колкава мерка ќе заживее примената на Ценовникот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери и кој ќе биде крајниот резултат во однос на достоинствен надоместок на услугите на архитектите и инженерите во земјата. Дополнително ќе биде потребно и да се согледаат и импликациите од започнувањето на официјалното функционирање на иницијативата за Отворен Балкан.

Испрати коментар

Scroll To Top