Минатата недела, Европската Комисија одобри инвестиции од 98,2 милиони евра, со цел да ја поддржи европската транзиција кон нискојаглеродна, циркуларна економија во склоп на новата програма за финансирање проекти од областа на животната средина и климатските промени, под името LIFE. Се работи за десет проекти во Белгија, Данска, Франција, Грција, Литванија, Малта, Шпанија и Шведска. Доколку на оваа сума се додадат и средствата од партнерите во проектите, вкупниот буџет достигнува 182,2 милиони евра. Целта на овие инвестиции е зголемување на квалитетот на животот на граѓаните во следните области: природа, вода, воздух, отпад и адаптирање на климатските промени. Пет проекти во Данска, Франција, Грција, Литванија и Шведска ќе помогнат во зачувување на природата, и тоа преку подобрување на имплементацијата на плановите за управување во заштитенте подрачја (Грција), или обезбедување на субвенции за земјоделците, во насока на управување со земјиштето на одржлив начин. Специфичниот проект во Данска, ќе им помогне на земјоделците да ја искористат биомасата преку развој на специјални производи со висока вредност. Проектите на Малта и во Шпанија се занимаваат со проблемот на прочистување и повторно искористување на водите. Во Франција, се настојува да се подобри управувањето и превенцијата во создавањето на отпадот, преку транзиција кон циркуларна економија. Целта на овој проект е зголемување на количината на органски отпад за околу 30%, како и сериозно намалување на количината на отпад од домаќинствата на депониите. Белгија ќе се фокусира на енергетската реконструкција на над 8500 домаќинства, додека проектот во Шпанија ќе му помогне на регионот Навара во постигнување на своите климатски цели до 2030 година, како и во воведување на систем за рано предупредување за речни поплави и вонредни ситуации во кои е вклучена и постапка за прочистување на отпадни води. Едно евро од програмата LIFE, мобилизира 20 евра од други извори на финасирање, што е одличен механизам, и истиот одговара директно на мноштвото проблеми на граѓаните поврзани со квалитетот на воздухот, водата и влијанието на климатските промени. Програмата им овозможува на државите членки да искористат значителни средства за решавање на некои од најсериозните еколошки предизвици.