Загадувањето на воздухот во делови нa Кина е толку екстремно што може да доведе до услови слични на т.н ефект на нуклеарна зима, предупредија денеска кинеските научници.
Смогот што ја покрива земјата стана толку густ што го попречува процесот на фотосинтеза, што може сериозно да влијае врз овогодишниот принос во земјоделието, изјави за „Чајна дејли“ професорот на Земјоделскиот факултет во Пекинг, Хе Донгсијан.
Експеримент, што кинескиот научник го спровел во Пекинг, покажал дека процесот на ’ртење на семињата на пиперки и домати, кој вообичаено трае 20-ина дена, сега е продолжен на два месеца.
– Ќе бидеме среќни доколку воопшто преживеат. Сега речиси секоја фарма е зафатена со паника поради смогот, – рече Хе.
Доколку овие услови продолжат, Кина ќе почувствува нешто слично на „нуклеарна зима“.
Проблемот со загадувањето на воздухот во Кина достигна критична точка, а смогот минатата година прекри шест провинции. Во текот на изминатите неколку дена во 19 градови е регистриарно ниво на загаденост што драстично го надминува безбедното ниво пропишано од Светската здравствена организација (СЗО).