Насловна / Вести / Смел градежен потфат на Мултифункционален комплекс во Москва

Смел градежен потфат на Мултифункционален комплекс во Москва

Објектот „Мултифункционален комплекс со подземен паркинг на адреса: Москва, Ленински проспект, 90/2“ претставува административно здание на компанијата ПАО „НОВАТЕК“ која  е најголемиот независен производител на природен гас во Русија. Компанијата се занимава со истражување, производство, преработка и продажба на природен гас и течни јаглеводороди и има повеќе од дваесет години искуство во руската индустрија за нафта и гас.

DCIM100MEDIADJI_0145.JPG

АРХИТЕКТОНСКО РЕШЕНИЕ

Автор на проектот е Архитектонското биро SPEECH – едно од најголемите и најуспешните проектански дизајнерски организации во Русија. Основано е во 2006 година од архитектите Сергеј Чобан и Сергеј Кузњецов. Бирото е  специјализирано за проектирање згради и комплекси со  различни функционални целини, разработка и развој на концепти за урбанистичко планирање, како и создавање на ентериерни решенија.

Просторната композиција на Мултифункционалниот комплекс претставуава сложена форма која се состои од неколку блока. Подземните и надземните делови на комплексот се проектирани имајќи ги предвид принципот на максимална искористеност на територијата, инсолацијата и осветлувањето на објектот со околните згради.

Дизајнот на  Мултифункционалниот комплекс со подземен паркинг претставува композиција од неколку волумени со мазна форма. Со проектот условно е извршена поделба на комплексот во блокови. Првите четири надземни ката и приземјето се стилобатот на објектот, кој се состои од два блока со коридорен систем поврзан со премин. Еден блок – издолжен и малку заоблен, вториот – е затворен во круг, така што стилобатот во основа потсетува на руската буква „Ю“ или можеби авторот ги соединил првите две букви од нарачателот Новатек и на тој начин ја добил актуелната форма во планот. Може оваа необична форма на објектот во основа  да се спореди со обликот на  рибата ихтис, како еден од најраните христијански симболи.

DCIM100MEDIADJI_0157.JPG

На стилобатот на објектот распоредени се  пет кули со различна висина, кои во основа имаат трапезоидна форма со заоблени агли. Кулите се означени со латинските букви А, B, C, D и Е, почнувајќи од највисоката. Висината на кулата е А – 12 ката од покривот на стилобатот, вклучувајќи ги и техничките ката B – 7, C, – 5, D и Е – 3 ката. Над секоја кула и над блокот F / G има техничка зона која не се загрева. На покривот на кулата А над техничкиот кат се наоѓа хелипад според утврдените стандарди за употреба на хеликоптери со средна тежина – Агуста Вестленд 139 или Еурокоптер 135. За дополнителна комуникација помеѓу кулите А и Б предвиден е мост на ниво од 9 до 10 кат.

На првиот кат, проектиран е  атриум со површина од 2.385 квадратни метри, покриен со просторна застаклена конструкција над нивото на 2 кат.

На приземјето се наоѓа трпезарија за внатрешна употреба со 460 седишта. Исто така, на ова ниво расположена е   мултифункционална сала, архиви, технички простории, вклучително и трафостаница на трансформаторот и главна разводна табла со можност за пристап, одржување и замена на опремата. Мултифункционалната сала има капацитет од 566 седишта, вклучувајќи три места за корисници на инвалидски колички. Сместена е во центарот на приземјето и се спушта на -1 кат, каде што се сместени сцената, помошни простории и зона за товарање.

Во надземниот дел од зградата од 2 до 15 ката, сместени се канцелариски простории. Покрај кабинетите, по катовите се предвидени простории за состаноци, мини кујни, простории за чистење, простории за пушење, гардероби, простории за копир-апарати  и други помошни и технички простории.

2_foto

Основниот материјал за изработка на фасадата е природен камен. Одделни елементи се изработени од метал и нерѓосувачки челик. На фасадата се користи структурното застаклување SCHUCCO.

Главниот влез во зградата се наоѓа на страната на Ленински проспект помеѓу кулите C и D. Истиот е во форма на арка во висина на два ката, кој води кон атриумот кој е покриен со просторна застаклена конструкција.

Покривот на сите кули претставува непроодна тераса која не се користи. Над стилобатот расположена е експлоатирана проодна тераса, на која се обезбедени излези од кулите и блокот F / G.

Во подземниот дел од објектот, се наоѓа на два ката паркинг за 811 автомобили проектиран  за различни класи автомобили. Во североисточниот дел под кулата B предвиден е  излез  на двојна рампа до подземниот паркинг,  а во југозападниот дел  во блокот F / G  се наоѓа влез од паркингот.

20171106_100552

ПОДЗЕМЕН ДЕЛ:

Во услови на стеснета градска локација со густа мрежа на постоечки подземни инсталации, електрични  линии и линии на врски применета е сложена  технолошка последователност на ископ на градежната јама, фундирање на објектот и изведување на конструкцијата на објектот:

Ископот на градежната јама се врши  под заштита на таканаречена шпунтова ограда т.е. конструкција изработена од челични цевки со дијаметар од 426×8 mm и 530×8 mm поставени на растојанија од 800 mm до 1000 mm, вкупниот број на цевки за оградување  на јамата е 686. Оградата  од челични цевки е проектирана така да ги прими на себе сите странични притисоци на почвата и можното дополнително оптоварување на работ на јамата од технолошки процеси со вредност не повеќе од 10 kN / м2. Контурот на јамата го следи контурот на подземниот дел од објектот. Периметарот на јамата  е околу  589,0 метри, а површината 20 583.9 квадратни метри. По изградбата на објектот, цевките не се отстрануваат.

Должината на челичните цевки на оградата е од 17,2 до 21,8 метри, зависи од висината на површината на земјата и длабочината на јамата. Челичните цевки продлабочуваат под дното на јамата  од 5,4 до 6,1 метри, ова се должи на потребата да се обезбеди стабилност на конструкцијата на оградата на јамата. Длабочината на јамата варира од 10,9 до 15 метри.

20180624_085554

По монтирањето на цевките на оградата, внатрешната празнина на цевките се исполнува со ситнозрнест мршав бетон од класа В5. За да се исклучи осипувањето на земјата, помеѓу цевките се прави оплата од штици – талпи.

Оградата на јамата е проектирана со комбиниран систем на распонки и косници од челични цевки. Распонките и косниците  се изработени од челични цевки D 426 x8, 530×8, 630×8, 720×8, 720×10 mm.

Прицврстувањето на распорните  елементи со ограда од цевки се врши преку дистрибутивни ремени, кои се изработени од двојни профили IPE450 (за горниот појас на кота  195,00 м и 193,70) и IPE600  (за долниот појас на кота 188,00 м). Потпирањето на косниците се врши на изведена, таканаречена „пионерска“ темелна плоча преку вградени анкер плочи.

presek

Ископoт на почвата во јамата се изведува во фази со последователна монтажа на распорните елементи. Во подрачјата на косниците, ископувањето на почвата се изведува со оставање на почвени берми долж оградата на ископот на јамата.

Оградата од челични цевки е предвидена за период на ископ на јамата и изградба на „нулти циклус“ на проектираниот комплекс.

Фундаментот на објектот е монолитна армиранобетонска плоча со променлива дебелина 800 – 1500 мм, со хидроизолација (вертикална, хоризонтална) тип Техноеласт.

Носивите елементи на подземниот дел (ѕидовите, столбовите,  рампите, меѓукатните плочи и плочата на стилобатот) се изведени од монолитен армиран бетон. Степеништата, лифтовските шахти се од монолитен армиран бетон.

Надворешните ѕидови на подземниот дел  се монолитен армиран бетонски ѕид  д = 400 мм, хидроизолација Техноеласт, екструдирана полистиренска пена до длабочина на замрзнување, ЦСП-плоча 10 мм.

Внатрешните преградни ѕидови се од полна тула и ѕидови од гипскартон. Подот во паркингот е армиранобетонска плоча 300 мм, керамзит  бетон 70 мм, цементна кошулица 75 мм, самоизрамнувачки под (облога на горниот слој отпорен на абење) 5 мм.

dupka

КОНСТРУКТИВНО РЕШЕНИЕ

Носечките конструктивни елементи на Мултифункционалниот комплекс се проектирани од монолитен армиран бетон. Композицијата на  Мултифункционалниот комплекс се состои од пет ката од стилобат (земајќи го предвид приземјето) над кои се наоѓаат кули со различна висина. Конструкцијата на кулите излегува далеку од  конструкцијата  на стилобатот. Распоните  на конзолите – еркерите на кулите достигнуваат до 14 метри.

Рендер №1

Конструктивниот систем на кулите се состои од: армиранобетонска рамова конструкција и безгредна меѓукатна конструкција, армиранобетонски јадра на крутост околу лифтовите и степеништата, подолжните ѕидови долж кулите што излегуваат конзолно до фасадата и попречните ѕидови кои се потпираат на подолжните ѕидови и одат на фасадата обезбедувајќи посредна носивост на конструкцијата на фасадата. За конструкција на фасадата, обезбедена е носива армиранобетонска конструкција  од столбови и греди над нив – „вирандел“ со средни ослонци на местата на нивните налегања на подолжните и попречните ѕидови. Товарот од кулите се пренесува на долните конструкции на подолжни ѕидови, кои се спуштаат до фундаментот заедно со ѕидовите на армиранобетонските јадра. Меѓу вертикалните носиви елементи на надземниот и подземниот дел на објектот изведена е прелазна плоча. Во подземниот паркинг применета е  ортогонална мрежа на столбови. Фундирањето на објектот е на темелна плоча на природно тло.

2a

ОСНОВНИ ПОДАТОЦИ ЗА ОБЈЕКТОТ

Објект: Мултифункционален комплекс со подземен паркинг на адреса: Москва, Ленински проспект, 90/2

• Инвеститор–„Шервуд Премиер“ OОО

• Нарачател – ПАО „НОВАТЕК“

• Генерален изведувач – АО „Путеви“  Ужице, Република Србија

• Директор на проектот на генералниот изведувач – АО Путеви „Ужице“ – Б. Димитријевиќ

• Автор на проектот – Архитектонско биро SPEECH

• Автори на проектот – Сергеј Чобан и Алексеј Иљин

• Главен архитект на проектот – Г. Д. Чембаева

• Главен инженер на проектот – Л. С. Макухина

• Површина на локацијата – 21 174 ха

• Вкупна површина на комплексот – 109 175 кв. м.

• Површина на надземниот дел на МФК – 66 103 кв. м.

• Површина на подземниот дел на МФК – 43 072 кв. м.

• Рок на градба  – 18.7.2017 – 30.9.2020

Автор: Предраг КОЧОВСКИ, дипл.инж.арх. (Специјално за Порта3 од Москва)

Испрати коментар

Scroll To Top