Насловна / Архитектура / „Словенска плажа“, Будва: Поетска туристичка населба во прегратките на природата

„Словенска плажа“, Будва: Поетска туристичка населба во прегратките на природата

Природните ресурси на Будванската ривиера се највредниот потенцијал и капитален фактор за интензивен и супериорен развој на туризмот во овој регион, како најквалитетна и најатрактивна туристичка област на црногорското приморје.

0

Драматично разбиениот релјеф, кој го карактеризира – од една страна – бисерен ѓердан од 37 поголеми и помали песочни плажи и плажи со ситни камчиња – и од другата страна – голиот и сив црногорски карст на динамичниот масив Ловќен, азурно синото море, благата и топла медитеранска клима, раскошната вегетација, го сочинуваат пејзажниот колорит на ривиерата. Покрај тоа тука е и епската контура на Ловќен, чии врвови го параат синото небо веднаш над синото море.

20220924_094358

Уште кога ќе се додаде она што низ историјата го создавале човековата рака и ум, за да го направат животот полесен, поубав и посвечен, се огледува и идентитетот. Ретки се местата што на толку мал простор изобилуваат со толкаво културно-историско и духовно наследство. Меѓу црногорските општини, подрачјето на Будванската ривиера е најбогато со сакрални објекти и споменици на културата, кои покрај Стари град Будва и вонвременскиот Св. Стефан, го сочинуваат околу дваесет манастири и цркви со извонредна ризница на средновековно сликарство.

17b1ba5c93bd9be6bda351437b60edf2

И секако не смее да се заборави и духовното наследство (легенди, преданија, историски приказни, песни, фолклор, обичаи, занимливости и анегдоти), без кои историската меморија би била многу посиромашна. А начинот на кој се раскажуваат е единствен, полн со дух и богатство на изразување, проткаен со софистициран хумор и кога е потребно со епски преданија, толку карактеристични за локалното население, единствен начин на раскажување или како што самите велат – беседење.

20220924_092007

ИАКО МАЛА, ЦРНА ГОРА Е ГОЛЕМ ГРАДЕЖЕН РЕСУРС

Вкупната површина на плажите на будванската ривиера изнесува 318.635 квадратни метри, од кои дури 98,5 отсто отпаѓаат на површина на песочни плажи. Поаѓајќи од оваа површина и нормативот од шест метри квадратни простор по капач, потенцијалот на овие плажи овозможува истовремено да прифати околу 53.000 капачи. Доколку околу 7.000 места за капење се резервираат за локалното население со примена на коефициентот на истовременост на бројот на туристи и капачи од 1,4 (кој е утврден во Регионалниот просторен план од 1968 година) се доаѓа до податок од 68.000 можни истовремено. Е сега, Будва, „престолнината на туризмот“ се фали со бројка од 100.000 до 150.000 гости, (истовремено), или што би рекле будвани, туристи колку на останатиот дел од приморјето заедно. И ова не го велат со гордост, туку со сарказам.  А зошто е тоа така? Па се разбира поради урбанизмот, односно урбанистичкото (не)планирање.

20220924_092726 (1)

Иако мала, Црна Гора е голем градежен ресурс. Но брегот и другите предели се драгоценост и мора да се заштитат. Тоа не е ресурс кој може да се троши  во недоглед, иако голем дел веќе е потрошен. Кога сакаме да зборуваме за ексклузивитет на дестинација, објект, место, забораваме дека ексклузивност подразбира квалитет – но само кога е помалку по количина. За целиот регион, па и за Будва е карактеристично дека не сме зрели за „ударот на парите“ кој се случи, што претставува и предупредување за нашите слабости. Се наметнува потреба критички да се преиспитаат досегашните концепти и планови, затоа што обврска на државата и општеството е да обезбеди рационално користење на просторот, т.е. одржлив развој. Она што ѝ се случи на Будва карактеристично е речиси за сите значајни локации во регионот. Секако, онаму каде е поубаво, уште повеќе, па да се запрашаме дали е убавината дар или проклетство? Или како што вели познатиот архитект и професор на Архитектонскиот факултет во Белград, Бранислав Митровиќ, роден во 1948 година во Бар: „Не ја сфативме важноста на тоа што го имавме, и ми се чини дека, ако не се проблематизираат сите тие работи во овој момент, ќе го изгубиме натпреварот. Во тој натпревар сме тргнати кон пораз, но 90-те минути сè уште не се одиграни. И тоа не е поединечна вина, туку колективна одговорност. Затоа мора да реагираме многу критички и без компромиси за да смениме некои работи. Дали навистина ќе научиме нешто од претходно направеното, тоа е дилемата што ме мачи. Ние повеќе немаме право сето тоа само да го гледаме.“

20220924_092048

ТРОШЕЊЕ НА ДРАГОЦЕНИ ПРОСТОРНИ РЕСУРСИ

Денес Будва не е во состојба да повлече линија со која проектирањето како сложена активност на трансформација на градскиот простор, бескомпромисно и недвосмислено се одвојува од градежните шпекулации, неодговорното трупање структури, без какво било просторно оправдување освен профит за инвеститорите, а сè тоа проследено со неодржливо трошење на драгоцените просторни ресурси.

20220924_092128

Плановите кои порано се правени за приморјето го нагласувале прашањето за развојна рамнотежа на просторот. Но за жал плановите немаа доволно влијание на процесите кои се одвиваа во просторот, па така планските определби немаа можност да бидат проверени. Политичките промени што се случија на почетокот на 90-тите години, како и кај нас, така и во Црна Гора, донесоа крупни општествени и економски ломови во кои трката на инвеститорите за заземање што „подобри локации“ ги обесмисли сите развојни концепти и плановите ги сведе на чиста формалност, и сè тоа, како и кај нас – со амин од државата.

20220924_092812

НЕЗАМЕНЛИВ ФАКТОР НА ИДЕНТИТЕТОТ

Меѓутоа не било секогаш така. Во одреден период во социјализмот, развојните и општествени процеси не се одвивале вон планираните и декларираните определувања. Вистински пример за тоа е архитектурата на туристичките објекти и населби на југословенските простори.  За тоа не се знае доволно, особено меѓу помладата генерација, која го промаши феноменот на синдикален туризам, или се запознала со овие комплекси кога биле веќе дотраени или потполно преуредени. Сепак, тогашната архитектура на туристички и хотелски објекти се смета за врвна во најширока смисла, од квалитетни архитектонски решенија до промислен пристап на урбанизација, каде се водело сметка за заштита и зачувување на природните вредности и изнаоѓање рамнотежа помеѓу новото и старото. Токму поради тоа, добро би било да се обноват некои аспекти на тогашниот начин на размислување за туристичката архитектура и урбанизам – денес повеќе од кога и да било, затоа што времето истекува, а просторот е неповратен.

20220924_093052

Еден таков извонреден пример на архитектура и урбанизам е туристичкиот комплекс „Словенска плажа“ во Будва како вредно архитектонско и урбанистичко наследство од втората половина на 20 век и како незаменлив фактор на идентитетот на црногорското приморје.

Плажата со исто име Словенска плажа, го опфаќа појасот непосредно до стариот град Будва, на 10 минути пешачење, под локалниот пат, сè до ‘ртот Завала на источната страна. Долж целиот потег Словенска плажа се протега шеталиште кое го поврзува Стари град со населбата Бечиќи. Изградбата на првите туристички капацитети на Словенска плажа во Будва започнала во 1960-тите, најавувајќи ја појавата на модернизмот кога се претставени нови начини на проектирање хотелски капацитети. Изградени се пет хотелски комплекси сочинети од функционалистички објекти од павилјонски тип.

Screenshot 2022-10-14 105823

Долгорочниот и амбициозен план за развој на Словенска плажа е запрен со земјотресот во 1979 година, кога се срушиле сите тогаш изградени хотели. Позицијата и значењето на Словенска плажа за градот Будва низ историјата ја направија приоритетна локација за реконструкција веднаш по земјотресот и Словенска плажа по втор пат стана инспирација за планирање на централната туристичка зона во централниот дел на Будва.

Slovenska_plaža_(Slavic_beach)_tourist_resort_03

Урбанистичкиот план за населбата „Словенска плажа“ го дал тогашниот главен урбанист, архитект Петар Перовиќ. Тој вели: „По разорниот земјотрес на 15 април 1979 година, урнатите хотели кои народот ги нарекуваше „наполитанки“ изгледаа страшно. Сакав тоа да не се повтори. Направив град во град, од апартмански зданија кои не надминуваат два ката. „Словенска плажа“ има 2.500 кревети и е синтеза на вековната медитеранска архитектура: античка, христијанска и исламска. Првата се препознава низ плоштадите, втората преку паштровската куќа од камен со перголи и ползавци. Исламската култура се манифестира преку интимни, внатрешни дворови. Целата населба наликува на замрзнат бран кој се претопува со панорамата. Покривите, каде што е возможно, ја следат линијата на брдото“.

20220924_093951

ПОДОБРА И НЕПОСРЕДНА ВРСКА СО ПРИРОДАТА

Веднаш по разорниот земјотрес распишан е југословенски конкурс во 1980 година за урбанистичко-архитектонско решение на крајбрежниот потег покрај Словенска плажа од хотелско-туристичката организација „Монтенегротурист“ од Будва. Конкурсниот материјал го преземале 115 конкуренти, а пристигнале 37 проекти и еден проект вон пропозициите.

Наместо некогашните поединечни големи хотелски објекти и крупни структури, во расписот на конкурсот предложено е проектирање помали, дисперзни хотелски единици кои требало да овозможат подобра и непосредна врска со природното опкружување.

20220924_093818

За најдобро конкурсно решение прогласен е проектот со шифра „Патио“ на словенечкиот архитект Јанез Кобе со соработниците од Љубљана: Житогој Лозич, Јанез Шубиц и Георг Даниал. Туристичката населба  „Словенска плажа“ е изградена врз основа на првонаграденото решение и главниот проект е изработен од истиот автор и соработниците. „Словенска плажа“ е добитник на престижни награди: Ноемвриската награда на градот Будва во 1984 година, Републичката награда на Црна Гора и Сојузната награда „Борба“ во 1985 година.

02 (1)

Во првонаградениот проект препознаен е стремежот на архитектите дека урбанистичкиот распоред на туристичката населба треба да се потпира на принципите на историско-урбанистичкото планирање. Просторната структура на комплексот е користење на регионално градителско наследство. Концептот е уникатен пример за урбан состав кој ја нагласува вредноста и важноста на традиционалните амбиентални матрици со помали физички структури интерпретирани во современа просторна рамка. Туристичкото село е изградено во медитерански стил, при што сместувачките единици се организирани во блокови од ниски објекти со едноводни кровови, вкрстени со пешачки патеки и помали плоштади.

20220924_093435

Ваквиот концепт потсетува на традиционалните населби Паштровиќи и на Паштровска куќа. (Паштровската куќа го добила името по Паштровска гора која се наоѓа во непосредна близина на ридот, или по родот Паштровиќ, што го населува регионот уште од античко време). Решението овозможува индивидуалност, со неминовно враќање кон традиционалните урбани матрици со мали физички структури. Со ваков концепт архитектите создале населба, а не класичен хотел и на тој начин покажале нова филозофија во третманот на туристите.

20220924_093508

МЕЃУПРОСТОРИТЕ – ПОСЕБЕН КВАЛИТЕТ

Концептот на комплексот е со нагласен премин од јавен во приватен простор и е поставен мошне смело што меѓупросторите претставуваат посебен просторен квалитет, наспроти утврдениот и очекуваниот концепт на „поглед на море“. Структурата ја сочинуваат ниски куќи со еден или максимум два ката, меѓу кои се развиваат комуникации – патеки и отворени јавни простори. Внатрешното движење е организирано рационално со изразита смисла за амбиент, со плоштади, премини, дворови и дворчиња, порти. Што на еден начин е и пандан на Стари град во современа верзија.  Па така главната улица е со мала ширина и разгранета е на споредни улички по кои се поставени куќите за сместување, кои меѓу себе се поврзани со заеднички комуникации, коридори и скали.

20220924_093414

Сложената композиција на комплексот се огледува во богатството на содржините и обликовните елементи во рамки на единствена целина. Волумените и масите на објектите во комбинација со пешачките улици и патеки, формираат микроурбанистичка целина по мерка на човекот, што е и карактеристично за историските урбани структури. Вклопување во природниот амбиент  и интеграција во контекстот во кој доминира Стари град претставува најголем квалитет на овој проект.

20220924_093316

Концептот на туристичката населба „Словенска плажа“ ја нагласува вредноста и важноста на традиционалните амбиентални матрици со помали физички структури интерпретирани во современи просторни рамки.

КОМПЛЕКС БЕЗ АВТОМОБИЛИ

„Словенска плажа“ е градена во две фази во текот на осумдесеттите години на минатиот век. Првата фаза со капацитет од 2.400 легла е реализирана во периодот од 1982 до 1984 година, а втората фаза од 1.200 легла е изградена до 1988 година.

20220924_093435

Автомобилски пристап во комплексот нема, постои паркинг за 500 автомобили покрај комплексот и има поле со соларни панели, во времето кога е градена е најголемо во Европа. Во населбата се застапени само пешачки патеки, кои се испреплетени низ целиот комплекс од 16 хектари зелени површини и кои водат право до плажата. Објектите меѓусебно се поврзани со пешачки патеки кои се слеваат во главната променада „Корзо“. Функцијата може да се подели на три главни дела: објекти за прием на гости, објекти за сместување и угостителски објекти.

20220924_093115

Парковски зони и зони за спорт и рекреација организирани се внатре во населбата. Рецепцијата се наоѓа на почетокот, каде се сместени амбуланта, банка и кафе-бар. Угостителските содржини се долж пешачките патеки, а комплексот содржи и детска градинка. Зоните за спорт и рекреација содржат базени со површина од околу 10.000 квадратни метри, спортски игралишта (10 тениски терени), трим-патека долга 1.000 метри, детско игралиште и др.

20220924_093203

20220924_093349

КАРАКТЕРИСТИКИ НА ОКОЛНИТЕ ПАШТРОВСКИ СЕЛА

За разлика од јавните содржини, сместувачките зони се конципирани во вид на сложени станбени единици, организирани внатре во комплексот со скриени приоди од внатрешни дворови. Капацитетите за сместување се состојат од соби и апартмани со покриени тераси и балкони. Сите станбени делови поседуваат атриумски простори со мали плоштади, кон кои се ориентирани сместувачките единици. Композицијата и обликувањето на комплексот претставува комбинација на медитеранска и модерна архитектура која се потпира на традиционалните мотиви на  регионалниот контекст. Објектите се формирани во облик на помали единици со нагласени комуникациски врски, со употреба на тремови и колонади од столбови. Композициските единици имаат едноводни кровови, прозорски капаци и други елементи карактеристични за околните паштровски села во што се препознава локалното градителство.

20220924_092140

Едноставното обликување со рамни ѕидови и малтер во бела боја, сини капаци, едноводни кровови со разиграни волумени, портокалови ќерамиди и камени детали околу вратите и прозорците ја карактеризираат архитектурата.

„Словенска плажа“ и денес е пример за поетска туристичка населба во прегратките на природата. Секоја вила е именувана по едно доминантно растение: вила на маслинки, чемпреси, лимони, магнолии, олеандри… „И секоја има сонце и поглед, бидејќи погледот е извор на душевна храна“, тврди архитект Петар Перовиќ.

20220924_092447

Од идејата, проектирањето и градењето на туристичката населба поминати се многу лета. Комплексот е реновиран во 2012 година, многу внимателно, дискретно и ненаметливо, со почитување архитектурата останува доминантна, обновувањето е како ненаметлива нова облека.

Во нечии бизнис-ориентирани умови сигурно се вртат многу бројки, мноштво квадратни метри, тука веднаш покрај море, на најубавото место. Сигурно си размислуваат што е ова олку паркови, колку ли станови овде можат да се направат, па ќе ставиме и саксии на тераси, а сè со поглед на море – што би рекле будвани „за сега“. Бидејќи молневитото менување на урбанизмот е трик кој ние обичните не го поимаме. Но ова вредно наследство успева да опстане и тоа во одлична кондиција, да се надеваме дека ќе биде и понатаму тука.

20220924_092646

20220924_092702 (1)

20220924_093618

20220924_092820

20220924_092921

20220924_093927

20220924_094340

20220924_094333

20220924_094117

20220924_094042

20220924_091925

20220924_093904

20220924_094031

20220924_093523

Испрати коментар

Scroll To Top