Словенија започна со воспоставување на компактен систем за сајбер безбедност во електроенергетскиот сектор, кој ќе биде базиран на вештачка интелигенција. Идејата е да се оформи национален безбедносно – оперативен центар за електроенергетика. ALiEnS-SOC проектот (Artificial Intelligence for Slovenian Electro-Energy Sector Security Operation Centre) го спроведуваат 13 фирми и институции, а водечки партнер е словенечкиот оператор на преносниот систем ELES. Останатите учесници се пет оператори на дистрибутивни системи – Elektro Gorenjska, Elektro Celje, Elektro Primorska, Elektro Maribor, Elektro Ljubljana и Telekom Slovenije, Akademska in raziskovalna mreža Slovenije – ARNES), Urad Vlade RS za informacijsko varnost – URSIV, Smartis, Informatika, Tiko Pro и Končar Digital, единствениот партнер од Хрватска.
Инаку сајбер нападите во енергетскиот сектор на светско ниво се удвоиле во периодот од 2020 до 2022 година, а на мета беа компаниите од регионот, вклучувајќи ги Словенија, Србија и Црна Гора. Последните анализи наведуваат дека енергетските фирми треба најсериозно да ја сфатат оваа закана. ALiEnS-SOC има за цел да се зафати со овие предизвици така што ќе развие напреден систем за сајбер безбедност воден од вештачката интелигенција, прилагоден на безбедносните оперативни центри (SOC), тврдат од словенечкиот оператор на преносниот систем. Тие истакнуваат дека проектот ќе воведе најсовремени технологии на вештачката интелигенција и механизми на реагирање во реално време со цел да се ублажат ризиците и да се обезбеди отпорност на енергетскиот сектор. Вкупната вредност на проектот е 9,92 милиони евра, од кои 4,96 милиони евра се кофинансирани од страна на ЕУ. Проектот трае три години – од јануари 2025 до декември 2027 година.