Словенечкиот оператор на преносниот систем ELES и операторот на дистрибутивниот систем SODO, направиле преглед на локации на кои постои технички потенцијал за приклучување на поголеми соларни електрани, на преносната и дистрибутивната мрежа соодветно. Нивната анализа покажала дека на преносната и дистрибутивната мрежа можат да се приклучат електрани со вкупна инсталирана моќност од 1.826 MW.
Поставувањето на соларни електрани со моќност од вкупно 1.000MW, премиерот Роберт Голоб го постави како еден од приоритетите на новата словенечка влада. Во споменатата анализа, 58 локации се идентификувани како погодни за електрани поврзани на преносната мрежа (електрани со моќност поголема од 10 MW). Министерството за инфраструктура подготвило и неколку нацрт закони за забрзување на инвестициите во обновливи извори на енергија, и покренало јавни консултации за нив. Исто така, подготвен е и предлог на петгодишен план за постигнување на целите на производството и користењето на обновливи извори на енергија.