Здруженијата за заштита на животната средина, активистите и граѓаните во Словенија, извојуваа голема победа во борбата за заштита на водите. На референдумот во неделата, на кој одзивот бил 46,6%, 86,6% граѓани гласале против измените на Законот за води. Претходно, невладините организации и експерти собраа над 50.000 потписи за одржување на овој референдум.
Иако Министерството за заштита на животната середина и просторно планирање тврдеше дека со измените и дополнувањата ќе биде забранета градба на индустриски и приватни објекти во крајбрежните подрачја, еколошките активисти упорно повторуваа дека токму со измените на законот ќе се стори спротивното – ќе се дозволи изградба на такви објекти, што би ја загрозило водата за пиење. Мнозинството граѓани, исто така верува дека законските промени би ги загрозиле водите во Словенија. Инаку Словенија е втората земја во ЕУ која во Уставот го има внесено неповредливото право на граѓаните на вода за пиење.