Насловна / Вести / Словенија изработува стратегија за напуштање на производството на јаглен

Словенија изработува стратегија за напуштање на производството на јаглен

Словенечкото Министерство за инфраструктура покрена јавна расправа за нацртот на Стратегијата за излез и реструктуирање на подрачјата во кои се копа јаглен. За савињско-шалешкиот регион (во кој се наоѓа ТЕ „Шоштањ“) се предлага напуштање на употребата на јагленот најдоцна до 2033 година, а за савскиот регион се предлага хармонизирано сценарио кое предвидува урамнотежени вложувања во човечки ресурси и претприемништво. Прашањето на напуштање на јагленот е првенствено економско и политичко прашање, а потоа и еколошко, па и меѓу министерствата во словенечката влада нема усогласеност. Главното прашање е кој ќе ги сноси трошоците за производство на енергија кога дозволите за емисија  (ETS) ќе станат прескапи.

sostanj1

Според Министерството за инфраструктура, изменетиот извештај за животната средина утврдува дека најмало негативно влијание врз животната средина, природата, здравјето на луѓето и културното наследство има амбициозното сценарио кое предвидува напуштање на јагленот најдоцна до 2033 година. Имајќи ја во предвид целта за намалување на емисиите на стакленички гасови на ниво на ЕУ (од 55% до 2030 година), работењето на ТЕ „Шоштањ“ со просечна годишна дозволена граница на емисијата на стакленички гасови, ќе го исцрпи дозволеното ограничување веќе во средината на 2035 година, се заклучува во Стратегијата. Со други зборови, станува јасно дека ТЕ „Шоштањ“, термоцентралата чиј блок 6 на јаглен беше изграден низ коруптивни зделки и чија изградба значително поскапе, е на добар пат да стане т.н stranded asset или „напуштен имот“, бидејќи ETS дозволите ќе бидат уште поскапи. Значи, електраната би требало да се затвори или евентуално да се реконструира за работа на друг енергент. Стратегијата ќе биде во јавна расправа до средината на април, а веќе предизвика сериозни реакции. Имено, синдикатите на 2.000 вработени во рудникот во Велење кој ја „храни“ електраната, бараат да се дозволи работа на рудникот и после 2040 година, додека жителите на Велење бараат и чист воздух, но и работни места, па неопходно е регионот да се подготви за драматичен економски пресврт.

sostanj3

 

Испрати коментар

Scroll To Top