Владата на Словенија наскоро ќе распише тендер за доделување на концесии за изградба на три нови постројки за спалување на отпад и производство на електрична и топлинска енергија во Љубљана, Марибор и Кочевје. Словенија веќе има искуство со енергетски третман на отпадот, така што технологијата е веќе добро позната и прифатена.
Министерот за животна средина и просторно планирање Андреј Визјак, изјавил дека Словенија сега има проблеми бидејќи извезува отпад кој би можел термички да се третира во земјата и да се произведува енергија. Затоа, Министерството веќе го завршува нацртот на уредбата за пружање на јавната услуга – спалување на комунален отпад. Уредбата наскоро ќе биде усвоена од страна на владата, а потоа ќе се распише тендер за доделување на концесиите.
Уредбата предвидува спалувањето на комуналниот отпад да се врши во Љубљана, Целје, Марибор и Кочевје. Имено, овие локални самоуправи искажале интерес да се занимаваат со енергетски третман на отпадот. Визјак истакнал дека често се случува овој вид проекти да имаат проблеми со финансирањето, па затоа државата ќе вложи околу 60 милиони евра и ќе ги кофинансира компаниите кои ќе достават најдобри понуди. Топлинската енергија од овие постројки ќе се продава по регулирани цени. Постројките ќе користат најдобри достапни технологии (BAT) и ќе работат според највисоките еколошки стандарди.