Трудот ја разгледува важноста на сликата на градот во историскиот развој на теоријата и праксата на урбанистичкото планирање. Тој дава концизен преглед на важни елементи и нивните односи, како и корелација со типичните парадигми за планирање и футуристички претстави на сликата на градовите.
Клучни зборови: градска слика, елементи на урбана слика, одржливи заедници, идеални градови, нови градови.
Во историските градови на Европа, многу јасно можеме да ја прочитаме сликата на градот типична за поединечните историски периоди на градбите од антиката до модерната, постмодерната и одржливиот развој. Прегледот на историјата на урбанистичкото планирање, исто така, покажува и многу богата збирка на утописки идеи и теории за тоа како градот треба да биде организиран, замислен и проектиран, од „идеален“, „град градина“, „вертикален“, „компактен“, „еколошки град“, до „паметни градови“, „дигитални“ и „отпорни градови“. Некои утопии и парадигми за планирање се успешно реализирани низ вековите во таканаречените нови градови.
Сл.1 Слика на градот: potpuri (izvor: sopstvena arhiva, Internet 1)
Често, сликите на градовите се симболи на демократијата или на моќта на владејачкиот режим
Еден од најамбициозните примери во 20 век секако е Бразил, кој ја илустрира успешната комбинација на политички, економски, социјални и симболични вредности на модерната. Неговата реализација е, може слободно да се каже, заслуга на еден човек, визионерот Жуселино Кубичек (Juselino Kubitschek), политичар и претседател на Бразил од 1956 до 1961 година, и на креативната група автори Лусио Коста (Lucio Costa), урбан планер, Оскар Нимаер (Oscar Niemeyer), архитект и Роберто Бурле Маркс (Roberto Burle Marx), пејзажен архитект.
Сл. 2. Нови градови Бразил (извор: сопствена архива)
Често, сликата на градовите се симболи на демократијата или на моќта на владејачкиот режим и се појавуваат во различни историски периоди. Класичната слика на агората или форумот во антиката, како „архитектура на демократијата“, се среќава и во 1930-тите за време на владеењето на Хитлер и Сталин. Поврзаноста на монументалната (класична) слика на градовите со тоталитарните режими е карактеристична и за Букурешт, за време на владеењето на Чаушеску во 1980-тите и уште подоцна во Скопје со реализација на проектот „Скопје 2014“, во град кој е карактеризиран со брутализам, за 50 години подоцна да се претвори во непрепознатлива, класицистичка слика, таканаречена барок, која никогаш не била присутна во историскиот развој на градот.
Фактот дека фасадите на зградите и јавните, отворени простори во градовите биле трансформирани во согласност со современите стилови на архитектурата е познат во историјата, особено во периодот на ренесансата и барокот. Во случајот со Скопје, каде градот добива „стар антички лик“, се поставува прашањето дали е урбана обнова или национален кич. Секако, експертите се згрозени, а лаичката јавност и туристите се возбудени од новата слика на градот која наликува на Лас Вегас на Балканот.
Сл.3 Слика на градот: Скопје 2014 наспроти 1960 (извор: сопствена архива)
Инаку, класицизмот, карактеристичен за 18 и 19 век, повторно и повторно се враќа во обликувањето на градовите кон крајот на 20 век. Класичната слика на градовите што ја следиме, продолжува и ја повторува парадигмата на планирање, како што е постмодернизмот и новиот урбанизам. Во последните децении градовите се трансформираат во согласност со принципите на одржливост, а се создаваат и првите одржливи заедници како што се Кронсберг-Хановер. Eколошката компатибилност и компактноста на заедницата се основните појдовни точки за планирање на овие населби, што ги земаат предвид еколошките, урбанистичките и општествено-економските принципи на одржливост.
Сл. 4 Модел на одржлива заедница: Кронсберг и Хановер (извор: сопствена архива интернет 3)
Низ вековите, парадигмите на градското планирање и проектирање се обидувале да најдат и просторна и општествена организација, која ќе овозможи идеална форма на физичката структура на градот и истовремено ќе обезбеди развој на идеално општество. Од овој аспект, теориите за градското обликување бараа инспирација во (1) идеализирање на минатото или во проучување на историските модели, (2) во идеализација на иднината и во утописките модели и (3) во проучувањето на сегашноста, преку развојни пристапи кои произлегуваат од уметноста и од науката.
Во современата урбанистичка пракса, можеме да видиме многу различни приоди кои директно или индиректно влијаат врз формирањето на сликите на градот, како на пример урбанистичко-историски, психолошко-перцептуален, бихевиористички, урбано-морфолошки, културен, развоен и еколошки приод. Овие приоди (принципи) ги одредуваат и структурните елементи на урбаната слика и принципите на урбанистичкото планирање и квалитетот на урбаниот простор.
Сликата на градот во теорија и пракса на урбанистичкото планирање
Прегледот на литературата и планските документи покажуваат дека планските одредби за заштита и развој на сликата на градот се занимаваат пред сè со локалниот идентитет, структурата на планот и карактеристичната силуета на градот, како и со важни визури на природните и изградените просторни доминанти.
За правилно разбирање на урбанистичкиот план, како основа за негова понатамошна трансформација, важно е да се знаат карактеристиките на одделните типови градби, нивната историска заднина и локалното толкување, како и начинот на кој тие се интегрирани во еден урбан организам. Од оваа гледна точка, физичките структури овозможуваат перцепција на градот со тематски (повторливи урбани обрасци или карактеристични области на градот) и нетематски (основниот поврзувачки, перцептивен и ориентационен систем на градот). Тие исто така се поврзани и со трите основни теории за урбанистичко планирање. Првата, тематските структури се претставени во теорија, полно-празно (слика на терен), додека втората, нетематска, ги комбинира теоријата на асоцијација и теоријата на локација.
Тематските структури се формираат со повторување на обрасци на изградени и отворени простори со заеднички хомогени карактеристики, како што се урбани блокови во ортогонална мрежа, слободно формирани блокови на град во раст или планирани органски структури. Во урбано-морфолошките анализи тоа се карактеристики кои му даваат на градот идентитет и го отсликуваат неговиот историски развој. Карактеристиките на одделни делови на градот се карактеризираат и врз основа на етничката структура на жителите (Кинеска четврт…) Тематските структури најлесно се препознаваат во односот полно-празно. Најпознат пример е Нолиевиот нацрт на Рим од 1978 година.
Сл. 5 Урбанистички морфолошки пристап: теорија и пракса, пример на Рим, извор. Бекон, 1967 година, Транцик 1986, сопстевна архива)
Нетематските структури на градот, кои се белези на градот ( монументални просторни обележја) го формираат основниот систем на перцепција и ориентација на градот и се исклучително важни за разбирање на градската организација во целина. Со градење на рамката на нетематската структура на градот, на која потоа се надоврзуваат нови градежни површини, генерално се постигнува читливост, идентитет и контекст во развојот и растот на градот.
Успешната употреба на нетематска структура е во планот во времето на папата Сикстус V во 16 век (Sixtus V), кој ги поврзал локациите на сакралните објекти и на тој начин ја подобрил пристапноста и читливоста на физичката структура на Рим. Овој план за реурбанизација на градот е и извонреден пример за префинета естетика на урбани визури кои се постигнати на повеќе начини. Меѓу најважните се поставување на обелиск како репер во просторот или користење на постоечки споменици, како на пример Колосеумот, за завршеток на долгите визури.
Три века подоцна, сличен пристап може да се види во планот на Жорж Ежен Осман (Georges Eugene Haussmann), познат како барон Осман, за реурбанизација на Париз, каде самостоечките објекти, како што се триумфалните порти, комеморативните столбови, спомениците, имаат двојна цел: да го нагласат погледот и во исто време да го консолидираат просторот во правилно обликуван квадрат. Еден век подоцна, во истиот контекст, во Дефанс (La Defense ), новиот деловен центар на Париз), изградена е Портата на Дефанс (Arche de la Défense), како „point de vue“, објект со кој е завршена историската оска која оди низ целиот Париз во должина од 10 километри.
Односот помеѓу тематските и нетематските структури во еден град, поточно рамнотежата на анонимното ткиво и уникатната архитектура по Кошир (1993) се од извонредно значење за постигнување идентитет на градот и на поединечните негови делови.
Ако моделот на анонимното урбано ткиво бесконечно се повторува, урбаниот предел станува монотон (на пр. приградските населби со индивидуални куќи или со поголеми станбени населби со иста типологија на објекти ). Или во спротивно доколку пречесто е присутна нетематската структура или уникатната архитектура настанува хаос во урбаниот простор.
Сл. 6 Урбанистички морфолошки пристап теорија и пракса, пример на Париз, извор: интернет
Дали сликата на градовите во иднина ќе биде „дежа ву“?
Каде ќе се бара инспирација за идните теории за планирање на градовите? Дали тоа ќе бидат историските модели? Fabjan, 2018; Trancik, 1986; Fresco, 2011
Ако го споредиме планот за Атлантида со Градот градина на Ебенизер Хауард (Ebenezer Howard 1850) и футуристичкиот кружен град на Фреско (Fresco), гледаме многу сличности: самодоволност, планираните градови се опкружени со земјоделски површини, радиоцентричен модел на градење, појаси на станбени згради со зеленило и во централниот дел доминантен јавен простор.
Сл. 7 Обликување градови: Атлантида наспроти Градот градина наспроти футуристички кружен град (извор: Fabjan, 2018, Freskо, 2011)
Во Атлантида тоа е храмот на Посејдон, во Градот градина на Хауард градскиот плоштад со центар за активност опкружен со појас на градски парк, а во футуристичкиот град на Фреско е централен објект со купола со кибер и комуникациски центар и централни активности поврзани со објекти / помала купола, посветен на програми за наука, уметност, музика, истражување, изложби, забава и конгресен центар.
Сл. 8 Unite d’Habitation vs Dragonfly; станбена зграда, Tокио, наспроти футуристичка, мултистанбена модуларна зграда (извор: Fabjan, 2018, Fresko, 2011, сопствена архива)
Разликата во проектната програма на станбениот блок на Корбизје во Марсеј изграден во 1952 година, и футуристичкиот проект за самодоволност Dragonfly, е само во тоа што во вториот, покрај програмата за домување, продавници, рекреација, грижа за деца, предвидени се и простори за преработка на храна, и во споредба со проектот на мултистанбената зграда во Токио (јапонски метаболизам), можеме да кажеме дека речиси и нема разлики.
Сл.9 Присуство на минатото на урбаната сцена денес: Берлин и Љубљана
Видливото присуство на минатото на урбаната сцена е важен елемент на естетиката на урбаната средина. Тоа е јасно изразено во проектот на атриумот на центарот „Сони“ во Берлин, во кој централната скулптура или инсталација е „империјалниот салон“ на поранешниот хотел „Експланада“, кој некогаш бил важен белег во овој дел од градот. Слично на тоа, професорот Равникар на фасадите на зградите кај Словенска цеста (поранешен Кардо Максимум), симболично ги илустрирал остатоците од доцноантичките градби – ротондата, која е откриена на оваа локација, поранешен форум на римската Емона.
Сл. 10 Присуство на минатото на урбаната сцена денес и во иднина? (сопствена архива, 2018)
Помалку среќни примери за визуелното присуство на минатото на урбаната сцена се овие два примера за заштита на културното наследство на слика 10. Во примерот од Лондон, зачувана е само уличната фасада на објектот, како дел од фасадата на новата зграда. На примерот на Кобе, Јапонија, доцноисториската палата е надградена со 11 ката. Се чини дека овие два пристапа за реновирање на објектите ќе се користат во градовите во иднина. Во случајот на Париз, проектираните надградби (зелени конуси) потсетуваат на Вавилонската кула и на градините на Семирамида (5 век пр. н. е.).
Како да се создадат градови кои ќе бидат естетски, социјално и културно разновидни, а во исто време и еколошки и економски одржливи?
Научниците и експертите се обидуваат да ги поврзат концептите за одржлив урбан развој, иновативните проектни пристапи и стратегии за урбан развој со новата реалност на ограничени ресурси, што успешно се рефлектира во низа примери на практики на проектирање и примери на добри практики за урбанистичко планирање. Градовите треба да развијат конкретни пристапи и стратегии кои ќе ги земат предвид принципите на одржлив/зелен урбанизам и ќе бидат приспособени на климатските услови, просторниот контекст, како и на достапната технологија, општествените услови и демографските промени, економското преструктуирање, инвестициските програми и различните потреби и очекувања на засегнатите страни. Планирањето град и урбани области останува исклучително сложена задача. Претходно, не смееме да заборавиме:
- Градовите и населбите се исто така дел од регионалната и од глобалната конкурентност и затоа мора да претставуваат атрактивни, креативни и безбедни места за инвестирање кои имаат јасна визија и остварлива стратегија за развој.
- Сликата на градот се заснова на координирано архитектонско проектирање, урбанистичко планирање и заштита на животната средина во поширок контекст. Затоа, од суштинско значење е конструктивното и синергиско дејствување на сите засегнати страни, вклучително и јавноста. Ќе биде полесно да се постигне висок квалитет на урбан простор и животна средина доколку сите учесници се естетски и еколошки едуцирани.
Слоганот „Убавината е неопходност – иднината е зелена“ веројатно најдобро ја илустрира перспективата на развојот на сликата на градот.
Автор: Доцент, проф. д-р Калиопа ДИМИТРОВСКА – ЕНДРЈУС, Нов Универзитет, Факултет за европско право, Љубљана
Извори и литература:
Димитровска Ендрјус, K. (2011): Алатки за насоки и контрола на урбани форми. Љубљана, Зборник Урбан предизвик: публикации, Урбанистичко планирање, Институт Република Словенија
Fabjan, S. (2018): Утопија и реалност идеални градови преку историјата. Д-р дисертација Љубљана, Универзитет Нова, Факултет за социјални и европски студии
Fresco, J. (2011) Дизајнирање на иднината (e Kniga), Kindle Edition
Gosling, D. i Meitland, B. (1984): Концепти на урбан дизајн, Лондон, изданија на Академијата
Jencks, C. and Valentine, M. (1987): The Architecture of Democracy, The Hidden Tradition, Architectural Design , 57 9/10, str. 9-25
Jencks, C. (1973): Ле Корбизје и традиционалниот поглед на архитектурата, Лондон, Пингвин книги
Lehmann, S. (2010): Принципите на зелениот урбанизам, Трансформирање на градот за одржливост, Лондон, Earthscan
Trancik , R. (1986): Изнаоѓање на теориите на изгубениот простор за урбан дизајн. Њујорк, компанија Van Nostrand Reinhold