Архитектот на сплитскиот фудбалски стадион Пољуд, Борис Магаш во едно интервју ми раскажа дека на своите почетоци најмногу научил од од Владимир Турина, авторот на стадионот на Динамо, кому како студент му бил и асистент. Со Турина на почетокот немал идеален однос, затоа што всушност му бил наметнат на позицијата асистент, но почетната нелагодност брзо поминала, па соработувале и подоцна. „Во тоа време Турина на факултетот беше Ле Корбизје“, се присетуваше подоцна.
Во интервју за Магазин Мартино Стиерли, главниот кустос на Одделот за архитектура и дизајн на њујоршката МоМА и еден од авторите на изложбата „Бетонска/Конкретна утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980“, која ја воодушеви меѓународната критика, рече дека дека неколку проекти од овие простори се особено импресивни, а помеѓу трите набројани се најде и Пољуд.
Борбина награда
Треба да се каже дека важноста на Пољуд е препознаена и во времето на неговото создавање, па Магаш 1979 година добива, тогаш најважна награда за архитектура, Борбина награда. Иако е коавтор на Музејот на револуцијата во Сараево (Борис Магаш, Радован Хорват и Едо Шмидихен), самостално работи на хотелскиот комплекс Халудово на Крк, Градинката Вјеверица во Загреб и Соларис кај Шибеник, Пољуд бил и останал најважниот проект на Магаш. Бидејќи се градел во за Медитеранските игри, се течело мошне брзо. Архитектот подоцна често се сеќавал како се преселил во Сплит, каде добил привремен стан. Се дружел со фудбалери кои му ги пренесувале своите искуства од различни стадиони.
По Магаш доаѓал возач во шест часот наутро, го враќал во станот во десет, а притоа платата му била помала од онаа на раководителот на градилиштето. Соочувајќи се со низа проблеми и интензивно работно темпо, се разболел од жолчка. И подоцна така го доживувал секој проект. Премногу интензивно. А Пољуд бил и останал симбол на добра архитектура, и секако многу повеќе од тоа, важен симбол на една епоха. Еден од нашите најзначајни теоретичари на архитектурата, инаку и кустос на поменатата изложба во МоМА, Мароје Мрдуљаш проектот го опишува: „Тоа е едно од канонските дела на хрватската модерна архитектура, проект кој е преседан во својата типологија и кој ни денес не изгубил ништо од својата актуелност“.
Оваа година е претставен проект на Студија за ревитализација на Пољуд. Автори се Горан Гиљановиќ и Еуген Поповиќ, кој делуваат како ГЕ+архитекти. На овие архитекти не им е непозната архитектурата на спортски објекти, го потпишуваат фалениот Стадин на Лука Шокчевиќ Шаљапин во Гуња, Хрватска. За потсетување, овој проект се направи, кога Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС), одлучи да ја обнови фудбалската инфраструктура девастирана од поплавите во источна Славонија, а сретствата се собрани преку соработка со ФИФА и УЕФА.
Во врска со Студијата за ревитализација на Пољуд овие архитекти за Магазин велат:„Проценка на вредноста врз основа на идејното решение изнесува 13 милиони евра. Меѓутоа реализацијата на проектот е предвидена во повеќе фази. Напоменуваме, се работи за големина на зафат од 69.000 квадратни метри и бруто површина на затворен простор поголем од 6.000 квадратни метри.
Проектот во март му го претставивме на градоначалникот, Андро Крстуловиќ Опара и останатите претставници на Град Сплит, а на истата презентација беа присутни, покрај тогашниот претседател на ФК Хајдук, Иван Коса и останатите претставници на клубот, потоа претставници на Конзерваторскиот оддел на Сплит и колегата архитект и статичар Боженко Јелиќ, проектантот на кровната конструкција на Пољуд. Реакциите беа повеќе од позитивни. Иван Кос го препозна квалитетот, но и проблемите на комплексот, а и неговиот потенцијал“, велат.
Реконструкција на кровот
Горан Гиљановиќ и Еуген Поповиќ велат дека постојат повеќе битни точки кои го одредиле нивниот проект. Меѓу нив се: „подигање на спортските и услужни стандарди на стадионот со што би се приближиле на современите стандарди кои денес се неопходни за самоодрживост на стадионите. Моментално, стадионот е во ситуација во која нема никаков приход кој би го осигурал барем основното одржување, тој трошок е исклучиво во домен на клубот и градот. Секако дека е важна и вредноста на делото на Магаш и зачувување на неговиот изворен концепт“. Битна е и самата локација:„ Стадионот се наоѓа во центарот на Сплит, но потполно е изолиран. Просторот околу стадионот, вон одржување на некои манифестации, кои сем фудбалот се мошне ретки е празен и не е привлечен бидејќи нема други содржини.
Целта ни беше стадионот да му се приближи на градот, да се понудат содржини кои граѓаните ќе ги користат секојдневно. Токму тоа приближување го подига нивото на неговиот економски потенцијал и можност за остварување самоодржливост“. Во проектот се повикуваат и на Регулацискиот план за Сплит од 1924 година во кој постоел зелен потег, а целта била да се одвои планираната индустрија од станбениот дел на градот. Се споменува и во педесеттите години: „Во меѓувреме развитокот на градот го занемарил. Ние со овој проект го уважуваме“, велат архитектите.
Што се однесува до неопходната реконструкција на кровот истакнуваат: „Секоја конструкција, па така и оваа кровна конструкција на стадионот Пољуд има предвиден век на траење кој го пропишува проектантот, но и услови на нејзино одржување кои мораат да се почитуваат за да може да се постигне предвидениот век. Инаку, челичната кровна конструкција на Пољуд е обложена со поликарбонатни плочи кои се во видливо лоша состојба и потребно е да се заменат. Состојбата и одлуката за потребата од санација се на спцијализирани инженери“.
Во 2014 година се пишуваше за работите на реконструкција на тревата на стадионот, замената на дренажата, системот за наводнување и тревата. Станува збор за прва сериозна реконструкција на тревата од 1979 година кога е изграден Пољуд.
Заштитено културно наследство
Да потсетиме, 2015 година Министерството за култура го запиша Пољуд на Листата на заштитени културни добра. Сања Шабан која тогаш во Министерството за култура била задолжена за заштита на Пољуд ни кажа дека и е жал што заштитата не се случила кога бил жив архитектот, бидејќи тој самиот имал јасна визија и нацрти за обнова на Пољуд (Магаш почина во 2013 година). Шабан додава:„Благодарение на уписот во регистарот на културни добра, сопственикот може за некои зафати на реконструкцијата или за изработка на документација да аплицира на годишен јавен повик за програми за заштита на културно наследство на Министерството за култура, а може да се пријави и за фондовите на Европската унија“. Дали се во контакт со ресирното министерство ги прашувам Горан Гиљановиќ и Еуген Поповиќ?
„Во оваа фаза проектот е претставен на Конзерваторскиот оддел на Град Сплит, но со понатамошниот развиток секако би била потребна и тесна соработка со Министерството за култура“, одговараат ГЕ+.
Архитектите во предложената реконструкција се повикуваат на современи комплекси како што се Олимпискиот парк во Лондон или новиот стадион на Тотенхем, кои како што велат:„На своите корисници им нудат повеќе и претставуваат своевидна револуција во доживувањето на спортот. Основна идеа е за време на одржување на манифетсациите да се нудат различни услуги за сите генерации и различен вид публика, како и тоа просторот да биде секојдневно користен и надвор од одржувањето на манифестации и како таков да стане активен дел на градското ткиво. Предлагаме внесување на додатни јавно-рекреативни содржини во јужната и иасточната зона на комплексот, како што е мултифункционална бина, „зелени“ трибини, спортски терени, содржини за деца, вештачка карпа за качување која би имала улога и на видиковец, трим стаза, тематски паркови, водени атракции…“. Архитектите предлагаат и градење на ограден стадионски прстен „како би се подобрила сигурноста и проточноста. Исто така и иаградба на гаража со околу 500 паркинг места како делумно решение на тој недостаток, но дадаени се и назнаки на поквалитетно решение на поширокиот сообраќаен појас. Во просторите под источната трибина предлагаме да внесеме комплементарни содржини, како Музеј на ФК ХАЈДУК, фан шоп, спортски барови…“
Борис Магаш кој бил свесен дека треба да се обноват сите негови најважни проекти, и Халудово и Пољуд, и самиот работел реконструкција за нив. На јавноста и на ХНС 2006 година им ги престави проектите на измените на стадионот, со 44 илјади места за седење, скоро целосно наткриен. Проектот тогаш го претставил со архитект Винко Гргиќ (Ентазис). ГЕ+ архитектите ги прашав колку се запознаени со идеите на Магаш? „Уште за време на студиите имавме можност да разговараме со академикот Магаш на тема Пољуд. Беше незадоволен од тогашната состојба и фактот дека неговата архитектура не се користи. Сакаше да направи промена – да ја приближи архитектурата на човекот, но тогаш се немаше слух. Се сложивме дека архитектурата постои поради луѓето, а не за да биде споменик на нечија величина.
Повеќе пати се присетивме на тој разговор работејќи на ова решение“, велат. А за самиот Пољуд зборуваат: „Пољуд кон крајот на 70. години на минатиот век за Сплит претставувал развиток и градење. Бил атракција и нешто потполно ново и храбро во светот на архитектурата во тогашната држава – своевидно ремек дело. По завршувањето на Медитеранските игри станал дом на ФК Хајдук и од тој момент граѓаните на Сплит го поистоветуваат со најсреќните и најтажните денови од животот. Пољудската убавица, како што го нарекуваат нагалено стадионот, стана една од симболите на Сплит. Граѓаните со задоволство и се враќаат, но за жал во сегашната состојба и непостоењето на содржини, многу ретко“.
Самиот Магаш при проектирањето на Пољуд најмногу се угледувал на римска арена, како и на грчки театар, кој по негово мислење имал најдобар однос меѓу пибликата и глумците, односно играчите; органската архитектура, која ја следи формата на школка во потполност е срасната со природата. Како и неговиот учител Турина, така и Магаш сакал неговиот стадион да не биде затворена арена, туку гледачите да бидат дел од играта, соучесници, а не само „набљудувачи на терен“. Дали станува збор за најважниот проект на овој архитект го прашуваме Мароје Мрдуљаш? „Неблагодарно е да се издвојува поединечно дело од опусот на еден извонреден архитект каков што е Магаш, бидејќи оставил и други исклучителни дела, како што е Музејот на револуцијата во Сараево. Но, доколку зборуваме за значаењето на проектот за градот и неговиот меѓународен дострел и влијание, Пољуд е најзначаен проект на Магаш“. Мрдуљаш понатаму вели: „Темелот на концепцијата е единствена комбинација на римска арена фокусирана на спортски случувања и отвореност кон околниот пејсаж, со погледи кои се отвараат кон Марјан и планините во далечината. Магаш и конструктивно и формално маестрално ја решил задачата: голема школка на стадионот суптилно потонала во тлото и не се чита како агресија во просторот. Конструкцијата е ингениозна, бидејќи закосените трибини прицврстуваат два водорамни појаси на прстенот, па спротивните трибини се носат една со друга. Стадионот го обликува просторна јасност и конзистентност на сите елементи, од деталите до целината, и не гледам тука некаква можност за било каква промена, сем реконструкција во се спрема изворниот проект“. На прашањето од неопходност за реконструкција одговара: „Секој објект неопходно е да се обновува и одржува. Мислам дека Пољуд треба да остане што поблиску до изворното решение и дека се можни само минимални, неоходни технички интервенции, и тоа врз основа на студиозен конзерваторски елаборат, бидејќи станува збор за заштитен споменик на културата.
И самите клубски простории и ентериер би требало да го задржат духот на изворното решение на Магаш“. Во Њујорк може да се види и макетата на Пољуд. Како настанала, објаснува Мрдуљаш: „Макетата ја изработија студенти под раководство на Matthew Worsnick, а врз основа на нацртите од Архивата Магаш во Хрватскиот музеј на архитектура. Благодарение на излегувањето во пресрет на колешките од музејот, заеднички ја истраживме архивата, ги извлековме релевантните нацрти и ги скениравме за да може тимот во Њујорк да има најдобри можни подлоги. Изработка на таков модел не е едоставна, бидејќи станува збор за закривена тродимензионална форма“.
Во дијалог со морето и Марјан
Кога се зборува за овој стадион да се потсетиме и на книгата „Мисли за архитектурата“, печатена 2014 година, една година по смртта на архитектот. Станува збор за одбрани текстови на големиот архитект, кои, како што наведува уредникот на книгата Ален Жуниќ, биле „раштркани во денеска тешко достапни публикации, осебено странски кои кај нас останале непознати“. Вистинска скапоценост на оваа книга се токму цртежите на Пољуд, а го покажуваат развитокот на мислата на архитектот врзана за овој стадион, на речиси дневна основа. За жал, дел од скиците, по сведочењето на Магаш, исчезнале, па така овие црно бели цртежи се реткост. Низ скиците може да се проследи дека Пољуд е создаден во дијалог со морето, Марјан, заднината на Козјак.
„Односот кон Марјан добива значење на авторитет“, пишува на првата скица. Под следната стои „Од пејсажот може да изрони само конструктивен прсетен на школка“, потоа:„Идејата на пејсажот станува доминатна. На таа локација Сплит мора да добие зелен излез на море. Животниот простор на граѓаните, шетачите, спортските пристаништа, духот на современото поимање на спортот, не е дух на „колосеум“, па се појавува експресивна тема „кошара“. Од новата конфигурација на теренот извира школка која ќе ги прими гледачите“…
Превземено од “Јутарњи лист“
Автор: Патрициа Киш