Регионот мора да постави нови цели во енергетиката, да обезбеди стабилни вложувања во технологиите на енергија од обновливи извори, да развие модерна индустрија на биомаса, но и да имплементира политики со холистички пристап. Дефинирањето на енергетскиот микс во согласност со Парискиот договор би создало дополнителни 485 милијарди долари кумулативен БДП помеѓу 2019 и 2050 година во регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), открива извештајот на Меѓународната агенција за обновлива енергија IRENA. Следната деценија, како што с енаведува во извештајот, би можела да биде клучна за енергетскиот сектор во ЈИЕ.
Во ИЗВЕШТАЈОТ, опфатени се државите членки на ЕУ – Бугарија, Хрватска, Pоманија и Словенија, како и договорните страни на Енергетската заедница – Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Молдавија, Србија и Македонија.
Како што се истакнува, енергетската транзиција подразбира постепено укинување на застарените електрани на фосилни горива и зголемување на уделот на енергија од обновливи извори во енергетскиот сектор на ЈИЕ. Многу земји од ЈИЕ често занемаруваа одредени технологии на обновливи извори на енергија на сметка на хидроенергијата и биомасата, кои биле оценети како поефтини, но дури и со повисоки инвестициони вложувања фотоволтаичните централи и ветерниците се и натаму конкурентни решенија за производство на електрична енергија во регионот во споредба со електраните на фосилни горива, се вели во извештајот.