ЈУ Музеј на град Скопје по успешното претставување на изложбата: “Една слика за темната страна на римската историја, Скупи – гробница со масовно погребување / архео – антрополошка и форензичко – антрополошка презентација” во ЈУ Музеи и галерии на Подгорица – Црна Гора, продолжува со презентација на истата изложба во Музејот на Херцеговина во Требиње – Босна и Херцеговина, во периодот од 26.11. до 15.12. 2019 година.
Изложбата и каталогот се реализирани со финансиска подршка на Град Скопје, а во соработка со Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија – Скопје, ЈУ Музеи и галерии на Подгорица и Матичниот музеј на Херцеговина во Требиње.
На изложбата се презентирани резултатите од истражувањата на едно исклучително и несекојдневно откритие од Југоисточната некропола на римската колонија Скупи (Colonia Flavia Scupinorum), еден од најголемите римски градови на тлото од современа Македонија. Станува збор за масовна гробница во која биле погребани околу двеста возрасни мажи, некогашни храбри војници, припадници на непобедивата римска воена камарила, од кои повеќето биле насилно усмртени, најчесто со обезглавување/декапитација на жртвите. Изложбата претставува пионерски потфат како во однос на мултидисциплинарниот пристап поради паралелната примена на археологијата, физичката и форензичката антропологија, така и поради мултимедијалниот начин на презентација со примена на повеќе класични и современи уметнички дисциплини (фотографија, видео, скулптура и цртеж).