Од 13 декември 2017 година до 26 март оваа година, во Центарот Помпиду поставена е голема изложба – ретроспектива посветена на делото на Сезар Балдачини (1921-1998), француски скулптор познат по своите радикални компресии (пресувани автомобили или купишта отпад), „експанзии“ (скулптури од полиуретанска пена) и фантастични претстави на животни и инсекти. Сезар е еден од најимпресивните француски уметници на новиот реализам.
Сезар, еден од најистакнатите уметници на своето време и автор кој често пати бил погрешно разбран поради својата уметност, починал пред дваесет години. Тој станал познат уште на 25-годишна возраст, кога од Марсеј се преселил во Париз во 1944 година и кога почнал да ја развива техниката на креирање скулптури со заварување на стари железни материјали.
Неговото творештво опфаќа секогаш актуелни теми како што се прекумерното конзумерство, прекумерното трошење, и тој во текот на својот живот креирал еден сатиричен универзум, кој истовремено осудувал и интригирал.
Изложбата во центарот Помпиду претставува 100 дела собрани од целиот свет, од кои денес многу се сметаат за икони на модерната скулптура. Несомнено една од најистакнатите личности на минатиот век, автор на џиновскиот палец, кој се наоѓа во La Défense, деловниот кварт во 6-ти арондисман на Париз, и на бронзената статуетка César која секоја година се доделува на церемонијата French Cinema Аwards.
Поставката е вистинска можност да се види делото на овој исклучителен мајстор на скулптурата.
ПОЧЕТОЦИ И НОВ РЕАЛИЗАМ
Сезар Балдачини е француски скулптор со италијанско потекло и како што спомнавме еден од главните претставници на новиот реализам – уметнички правец во модерната ликовна уметност. Името на овој правец потекнува од францускиот критичар Пјер Рестани и се однесува на уметничките достигнувања на група уметници (Клајн, Сезар, Арман, Кристо, Рејс, Тенгли и други), кои се базираат на луцидноста на дадаизмот и иконографијата на потрошувачкото општество. Нивната уметност била сродна на поп-артот во Англија и Америка.
Така, на почетокот на шеесеттите години во 20 век уметничкото движење нов реализам се обиде да го премости јазот помеѓу уметноста и животот, а основниот начин со кој се служеле неговите членови е рециклирање на отпадот. Односно, акумулација на предмети со исти или слични карактеристики), нивна модификација, нивна компресија…
Посебно во ваквото уметничко третирање на процесот на рециклирање се истакнал César (негово полно име и презиме е César Baldaccini).
Имено, Сезар ги користел автомобилите кои се индустриски пресувани и компресирани во блокови со остри ивици, не нагласувајќи ништо друго во нивното изложување, освен самото постоење на обликот и материјалот. Со набиеноста и компресирањето автомобилот ја губи својата функционална, но и симболична смисла.
Како син на италијански имигранти, Сезар го напуштил училиштето на возраст од 12 години за да работи, но по три години тој се запишал на локалната уметничка академија во Марсеј и посетувал вечерни часови. Во 1943 година, тој добил стипендија за престижната École des Beaux-Arts во Париз. Со својата уметничка визија која била обликувана и со сиромаштијата со која се соочувал како млад човек, тој користел најевтини и најисплатливи материјали за своите скулптури и станал еден од основачите на движењето нов реализам, во кое ги инкорпорирал елементите на италијанската Arte Povera – уметничка група која ги истакнувала суровите и непреработени материјали – и на француските Matiéristes, кои биле фокусирани на „пронајдени објекти“ (objets trouvés). Неговиот прв самостоен уметнички настап бил во 1954 година во галеријата Lucien Durand во Париз, а неговата прва „компресија“ била изложена во 1958 година.
ДЕЛА ОД СТАРО ЖЕЛЕЗО
На почетокот на својата творечка кариера (од 1953 година) Сезар Балдачини создал скулптури од старо железо, комбинирајќи парчиња со машина за заварување. Во овие дела може да се следи влијанието на Пикасо и Ришие. Овие скулптури се одликувале со различни форми и текстури, својства за старото железо кои не биле маскирани, туку, напротив, активно се користеле.
„КОМПРЕСИИ“
Психологијата вели дека автомобилот во соништата симболизира актуелен развој и неочекувани промени кои може да се случат, па евентуалната симболика на пресуваните автомобили на Сезар може да се однесува само на формата на нивната „скулптуралност“, бидејќи функционалноста на објектот (автомобилот) е изгубена. Обликот на таквата содржина е најчесто квадратен, така што станува симбол на просторот, земјата и материјата. Посебноста на овие „компресии“ е што е „ослободена нивната бескорисност, нивната сиромаштија, па дури и нивната беда, и на тој начин покажуваат неочекувана убавина” (Умберто Еко).
Може да се каже дека на симболично ниво „можноста за развој и промени“, тука е дојдена до својот крај. (спротивно на старогрчките уметници, кои сакале да ги покажат совршенството и довршеноста на човековата убавина, тука авторот се занимава со недовршеноста и несовршеноста).
На некој начин, може да се каже дека „компресијата“ на Сезар е еден вид на „Мементо мори“ (тема многу популарна во барокниот период) – односно „мртва природа“, која во овој случај не се состои од глинени садови, излупени лимони, мртви фазани или черепи, туку од омилените форми од индустрискиот свет. Како и да е, минливоста, но и моментот од конечното ослободување на употребливоста „зрачат“ од овие навидум „неугледни“ скулптури, со што уште еднаш се потврдува тврдењето на Шиле: „Уметноста не може да биде модерна, бидејќи таа е вистински вечна“.
Сезар користел хидраулична преса за да создаде многу „компресии“ и повремено користел заварувачки машини. Еден негов објект содржи илјадници фалсификувани „Картие“ часовници запленети од царински службеници.
За Фондацијата „Картие“ во 1986 година, Цезар направил монументална компресија од 16 тркачки автомобили – Champions.
Неговиот сензационален гигантски Sein бил моделиран според градите на кабаретска танчарка и обликуван во розова полиестерска смола. Едно од неговите најпознати и најдостапни дела, репродуцирано во многу димензии за комерцијална продажба, е секако претставата на неговиот палец – Le Pouce, верзија од 12 метри, подигната во парискиот кварт на La Défense.
Најмасивното дело на Сезар е проектот од 520 тони компресирани автомобили изложени на Венециското биенале во 1995 година.
ЕКСПАНЗИИ
Од крајот на 60-тите години на 20 век, Цезар почнал да создава нови уметнички форми, т.н. експанзии, во духот на компресирани проширувања, комбинирајќи ја скулптурата и хепенингот како уметнички чин. Уметникот во присуство на публиката истура пена полиуретан на подот на галерија или музеј, кој се „замрзнува“ во различни форми. Една од првите такви „експанзии“ била во месец мај 1967 година во Салон во Париз. За некои дела, Цезар користел оган, креирајќи мазни, сјајни форми на промена со помош на факел, нарекувајќи ги „согорувања“.
СКУЛПТУРА КАКО ДЕЛУВАЊЕ
Треба да се биде на дистанца од едноставното толкување на Сезар како уметник на завареното железо, автор на компресии, импресии и „екстензии“ по кои тој и навистина бил познат. Или да се третира во поп-артовска смисла само како критичар на конзумеризмот.
Инвентивно, воден од логиката на материјалот, тој настојувал да го изрази духот на времето, да ја изрази својата уметност преку одлучувачки нови потези, кои тогаш навистина го добиле сето можно внимание на целиот свет. Додека ги менувал јазикот и практиките на скулптурата, тој константно се враќал на техники кои ги открил кога бил без скршена пара, како што е заварувањето на старо железо. Тој независно од машините кои биле круцијален дел во реализациите на неговите дела, целиот свој живот бил понесен од митските приказни за уметноста како интимност на креативен чин и практика која зависи само од рацете на уметникот.
Од оваа спротивставеност помеѓу рацете на страста и праксата врз основа на индустриската технологија и моќта на машините, Сезар креирал една скулптурална дијалектика за која ќе создаде нови и нови алатки инспирирани од неговата творечка љубопитност. Со своите дела, Сезар постојано го доведувал под знак прашање јазикот на скулптурата во времето на модерноста и на современоста. Така, неговите реализации кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години на минатиот век, делувале како еден вид „експерименти“, „вежби“ сè со цел размислувањето за скулптурата да се пренесува на различни и нови нивоа и да се создаваат нови работи…
КЕНТАУР
Достигнувајќи височина од речиси пет метри, скулптурата на Сезар Le Centaure претставува бронзен кентаур (суштество со човечки и животински елементи). Суштеството изгледа прилично агресивно, и покрај гулабот во левата рака. Создадено по нарачка на Министерството за култура во 1983 година и инсталирано на плоштадот во Париз во 1985 година, скулптурата била замислена како почит кон Пикасо. Сезар бил пријател со Пикасо, кој живеел најголем дел од својот живот во Париз.
ВЛИЈАНИЈА И ПРИЗНАНИЈА
Во развојот на неговото творештво големо влијание имало разноликото дело на Пабло Пикасо, францускиот скулптор Жерман Ришие, швајцарскиот уметник Алберто Џакомети и геометриските апстрактни креации на британскиот уметник Ентони Каро.
Бидејќи неговите креации најчесто биле толкувани како критика на конзумерството, затоа и неговите т.н. consumer-waste скулптури биле споредувани со поп-уметноста на Енди Ворхол.
Сезар, сепак, во текот на својот живот одбивал да биде групиран или сместуван во категоризациите што биле диктирани од страна на уметничкиот свет.
Во 1975 година, француската филмска индустрија нарачала од Сезар да осмисли и дизајнира нивна годишна награда во форма на статуетка која би се доделувала секоја година на најдобрите филмски остварувања во Франција.
Сезар реализирал компресирана златна статуетка, сосема различна од нејзината постара американска „роднина“ – Оскар. Сезар во 1996 година ја добил наградата Praemium Imperiale prize за скулптура од Јапонската уметничка асоцијација.
ФОТОГРАФИИ: Дејан БУЃЕВАЦ (специјално за Порта3 од Париз)