Денес (4 ноември), во 20 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде отворена 12-та самостојна изложба на струмичкиот сликар Ване Костуранов, насловена „Скршнувања“.
Циклусот „Скршнувања“ е насочен кон истражување на непознатите места, предели, светови… , до кои се стигнува единствено доколку се заталка надвор од познатото, надвор од просторот заробен од одредници, што, пак, е првиот чекор во авантурата на секое патешествие: физичко, ментално, уметничко, лично…
Според Јован Ивановски, како и во претходните фази од уметничкото творештво на Ване Костуранов, инспирацијата за циклусот „Скршнувања“ може да се побара во неговата надсвесна потреба да се разберат, објаснат и претстават животните односи во сопственото окружје; во обидите да се пронајде смисла и ред најпрво во својот, а подоцна и во заедничкиот свет. Скршнувањето од траекторијата на извесната и мирна животна димнамика во правец кон непознатото ја тангира хармонијата на неговиот дом и семејство, кои го означуваат неговиот идеал. Тоа, од една страна, го изместува средиштето на неговиот свет внесувајќи му животен немир, од друга страна, истовремено ослободува огромно количество креативна енергија што тој ја користи да се (пре)открива и себеси и односот кон љубените кои го следат на тешкиот творечки пат…