Скопје живее меѓу очајот, можностите и надежта. Тридеценискиот развој на градот остави видливи траги и деградација на просторот и животот во него. Талкаме ли по вистински архитектонски и урбанистички решенија ? Има ли надеж градот пак да биде убав и здрав за живеење. Одамна сум талкач низ овој град кој многу го сакам. Во младоста талкав по Старата скопска чаршија, Калето и сите катчиња кои нешто значеа.
Во текот на изминатата година талкав низ целиот град и сите населби кои го сменија својот лик и автентичност, ги следев случувањата во централното јадро на градот и пошироко, анализирав, пишував, предупредував, сè со цел да придонесам да се разбуди свеста за тоа што на градот му се случува и што треба да се преземе. И сега кога годината завршува го сведувам билансот на случувањата и резултатите.
СКОПЈЕ 2014
Централното јадро на градот го носи бремето на творбата „Скопје 2014“. Многу страници се испишани, стручно анализирано, формирана стручна комисија и работна група која дала свои видувања, констатации и предлози. Во очекување на правни разврски и бирократско-процедурални дејствија до денес ништо не е сторено. Градскиот плоштад „Македонија“ со повеќедецениска историја за која се испишани многу страници и стручни констатации, стои со својата сценографија на хаотичност без ниедна интервенција за подобрување. Крајбрежниот појас на реката Вардар, особено во делот на централното јадро со пејзаж тажен и неинспиративен, стои со сите направени прекршочни дејствија. Нема позитивни промени ниту долж целото течение на реката каде многу крајбрежни зелени појаси се уништени или пренаменети.
ХОЛИДЕЈ ИН, РАСАДНИК, ТРЕСКА
Трите актуелни локации, ХОЛИДЕЈ ИН, РАСАДНИК и локацијата на фабриката ТРЕСКА, цела година го окупираат вниманието на стручната јавност и на граѓанитe. Стручната фела од сите провиниенции експлицитно укажуваше на значението на тие локации за градот и животот во него. Покрај сè на локацијата Холидеј Ин се загради градилиштето и се најави почнување на градбата на една од трите висококатници. Зелен хуман град ги прави последните напори укажувајќи на погубноста на тие градби по животот во центарот на градот. Локацијата Расадник е во некое привидно мирување иако Општина Кисела Вода пристапи кон изработка на некаков коригиран ДУП кој е само шминка на претходниот. За уредување на локалитетот на просторот на поранешната фабрика ТРЕСКА по многу дискусии и состаноци на Општина Центар и стручните асоцијации, се распиша јавен анонимен конкурс после кој е одбран труд кој нуди соодветни предуслови за понатамошна разработка. Големите очекувања не се сосема исполнети, а целокупната конкурсна процедура може да се смета за делумно успешна. Сепак ова е голем чекор напред за излегување од бирократскиот лавиринт во кој е заплеткано претходното решение. Нема никаква иницијатива за преземање мерки во делот на културно-историското наследство. Скопското кале кое е во тажна состојба, Старата скопска чаршија каде се направија многу недозволиви интервенции, Контактната зелена заштитна зона околу Калето и МСУ каде никнуваат дивоградби, сè уште чекаат надлежните институции да преземат нешто. Во населбите Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Чаир двојно е зголемен бројот на жители. Изградени се нови блоковски комплекси во кои не се решени основните придружни содржини. За обезличените станбени блокови од 50-60-тите години со доградби и надградби и меѓублоковските простори запуштени и исполнети со супстанардни гаражи, нема никакви размислувања ниту иницијатива за некаква реурбанизација и ревитализација. Сообраќајниот хаос, ѓубрето, проблемот со загадувањето, дивеењето на новоградбите чекаат решение.
„СЕ ТРЕСЕШЕ ГОРАТА СЕ РОДИ ГЛУВЧЕ“
Мора да констатирам дека билансот на постигнувањата е негативен. Партиите не покажаа дека се обединети околу вредностите на градот. Покрај жестокиот ангажман на невладините организации (Зелен хуман град и др.), Асоцијацијата на архитекти на Македонија и целата стручна фела за спас на тоа што може да се спаси, и подобри тоа што може да се подобри, се чини дека крајот на годината го дочекавме со онаа народната „Се тресеше гората се роди глувче“. Се отстрани само споменикот на Ќосето. Ќе ја почнеме годината исправени пред прашањето: Има ли воопшто шанса да добиеме поквалитетен град?
По природа не сум песимист, но и свесна сум за разорното дејство и штетите од досегашните активности. Убедена сум дека какви било удари и интервенции не можат да ја уништат суштината на градското битие. Записите во градската матрица се сè уште видливи. Во државата недостасува Институт за урбанизам или слична таква институција со истражувачки тимови и сериозен научен пристап за решавање на урбанистичките проблеми. Наука и сознанија постојат. Квантум на енергија кај граѓаните и свесност за јавниот простор, јавниот интерес на пошироката заедница, одговорна градска власт и стручна фела со кредибилитет и интегритет може да дадат резултати. Мојот град, нашиот град заслужува шанса. Низ него минувале воинствени и природни сили, цивилизациите што поминале оставиле материјални и духовни сведоштва. Денеска е таков какви што се неговите жители, со убави и грди нешта, но со единствена желба за поубав и похуман град. Затоа се надевам дека годината ќе ја започнеме со јасни цели, планови за заздравување на градот, а во архитектонската равенка ќе ги вметнеме пејзажот, климатските промени и биодиверзитетот.
На сите мои читатели и сограѓани им ја испраќам мојата сонувана разгледница и желба: Скопје град со зеленило и живописни пејзажи, мирис на липи, чисти улици, убави населби, креативни катчиња, мемориски точки, насмеани и среќни луѓе.
Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.