Насловна / Архитектура / СКОПЈЕ: УЧИМЕ И ЧИТАМЕ ОД ГРАДОТ – објекти/артефакти како симболи на градот

СКОПЈЕ: УЧИМЕ И ЧИТАМЕ ОД ГРАДОТ – објекти/артефакти како симболи на градот

Screen Shot 2014-12-09 at 1.14.06 AM

Скопје како град доживува брз развој после Втората светска војна, но неговото срце запира оној кобен јули во 1963 година. Тоа е момент-крстосница во историјата на градот, не поради рушевините туку поради вербата на населението за негова повторна изградба и солидарноста што пристигнува од сите делови на светот.

Интересна е наративноста на градот во периодот после 1963 година, што сè се менува, што останува неизменето, но најважно, како сето тоа влијае врз граѓаните на Скопје. Фокус на истражувањето е градското подрачје на Скопје -трансформациите, замислените рамки и објектите што го сочинуваат градското јадро и животот во него.

kenzo 2

Несреќната случка што го срамнила градот во 1963-та, го става Скопје во центар на меѓународното внимание: 87 нации праќаат помош со цел одново да се изгради разрушената престолнина. Нејзините граѓани пронајдоа енергија и волја  меѓу прашината на урнатините и беа решени да го видат градот како повторно се издигнува. Чувството и потребата за помош беа олицетворение, пример на човековата волја, надеж и разбирање. Скопје, во тоа време, беше именуван како „град на солидарноста“.

Oва е увертира на серија истражувања под наслов „Learning from the City“, преку кои група млади архитекти, социолози и активисти, под менторство на Сузана Милевска, истакнат теоретичар на уметноста, се обидоа да ги прочитаат скриените кодови на градот. Александар Балдазарски, Дарко Крстевски, Анастасија Спасовска, заедно со Ивана Драгшиќ од Плоштад Слобода, како и други соработници во претходните фази, поттикнати од темата нематеријални споменици, се фокусираа на Градскиот ѕид како пример и се обидоа да ги расчленат неговите значења.Capture

Денес, Градскиот ѕид е најголемата населена станбена структура изградена по нацртите на Кензо Танге. Тој претставува масивна композиција од шесткатни блокови и дванаесеткатни кули позиционирани околу градското јадро. Луѓето што живееја во двоетажните куќи со дворови, одеднаш најдоа дом во нови, целосно опремени станови во урбани згради. Тие го започнаа својот живот на исто место, но во потполно различен град.pozar-GTC-1

Замислен како дел од метаболистичкиот план на Танге, Ѕидот требаше да биде врска со останатите мегаструктури, и заедно со нив да ја претстават визијата на новото Скопје. Бидејќи изградбата на Градскиот ѕид е само делумно изведена, денес тој постои како една структура сама за себе. Поставен во самиот центар на градот, Градскиот ѕид претставува просторна, административна и визуелна граница на таканаречениот Мал ринг.SAMSUNG DIGITAL CAMERA

Sид по дефиниција е структура која дефинира одредена област, пренесува товар или дава засолниште и сигурност. Во многу современи култури ѕидовите претставуваат бариери кои оневозможуваат прогрес или влез. Ако го земеме за пример Пинк Флојдoвиот ѕид, или можеби некој физички пример како Берлинскиот ѕид, тогаш тој може да биде симбол на изолација и репресија. Понатаму, ѕид може да се однесува и на отежната човечка ментална или физичка состојба – ѕид како непреодна граница. Тој може да е и колективна површина за експресија, како што е ѕид со графити, или пак виртуелен ѕид – како оној на Фејсбук.80039765

Што претставува овој ѕид, денес? Одговорот на ова прашање групата го бара во дијалог меѓу колективното и индивидуалното. Значењето на ѕидот во просторот „меѓу“, во паралелата на нашите психо-географии и урбаните факти.IMG_0908

Несомнено, ѕидот е структура која го дефинира фрагментираното ткаење на градскиот пејзаж. Едноставно, претставува точка на спој. Ставено во историски контекст, ѕидот е нова страница во градскиот наратив, како современа интерпретација на тврдината Кале, нов лик. Неговата појава е карактеристична и свесно присутна. Атмосферите и социјалните простори што тој ги создава се дел од неговото битие и функција.

Ѕидот е колективен симбол на обновата, новата визија и урбаниот живот.  Во исто време, тој е именител на сите индивидуални чувства и претстави на неговите станари и граѓаните. Од социолошки аспект, во контекст на неговата функција како станбена зграда и нејзините социјални импликации, значењата на Градскиот ѕид се многубројни.

DSCF2992

Во овој момент, Скопје претрпува драстични промени кои ја засегаат неговата изградена структура. Околното ткаење на Градскиот ѕид епилептично се згуснува, ревносно испишувајќи нов слој во градската историја, кој како масло во вода се одделува од своите референтни претци. Тука не станува збор за логичен дисконтинуитет туку за небрежност, негрижа и лудило поради кои се напластува уште еден суштински слој – овој пат ѕид како реминисценција на урбаното, што им пркоси на заканувачките промени.

gtc01 (1)

Надоврзувајќи се на горните редови од истражувањето, во линија на нематеријални/материјални споменици, како еклатантен пример го имаме Градскиот трговски центар – антологиски пример од постземјотресниот период и градителското наследство на македонската модерна архитектура.

Она што се појавува во Скопје како одговор, логично продолжување на реизградбата на постземјотресно Скопје, се дела од локални автори со големи визии. Во атмосфера на полет и можности, врвни македноски творци се образуваат надвор и учејќи од најдобрите носат свежи идеи кои се читаат од изграденото творештво. Не можеме да зборуваме за Скопје без да го посочиме Градскиот трговски центар на Живко Поповски како модерно живеење и современи идеи преточени во објект. За него, професор Јасмина Сиљановска ќе рече: „Овој објект во времето кога се градеше беше еден од најсовремените во Европа, беше првиот претставник на т.н. концепт на отворена естетика, што го започнаа германските и холандските архитекти. Живко Поповски работеше во Холандија и беше близок со тогаш најголемите архитекти, како Ван дер Бруек, и нивните идеи – кои тектонски ја поместија архитектурата – ги донесе во Скопје“.unnamed

Градскиот трговски центар е, на некој начин, критика на дотогашниот интернационален стил кој владеел во архитектурата во Европа и во светот во почетокот на 60-тите години на 20 век. Бездруго, со тоа што сосема одговара на времето, духот и пред сè местото на кое е изграден, останува светски.

Поврзувајќи се со постоечката оска исток- запад, поставена со планот на обновата, решението на Градскиот трговски центар го почитува локалниот контекст и притоа создава нова локална вредност. Најголемиот дел од неговата површина е отворен простор кој го поврзува паркот „Жена-борец“ и кејот на реката Вардар, плоштадот „Македонија“ и источниот дел од градот. Во ГТЦ има слобода на движење, тој е отворен трговски центар. Архитектонски, ГТЦ претставува реинтерпретација на класичната идеја за агора, со што, покрај неговата комерцијална намена, тој е и функционален јавен простор.

Градскиот трговски центар, во однос на вариететот на значења, е дефинитивен пандан на неговиот претходник Градски ѕид. Од аспект на неговото постоење како објект/артефакт, тој е и референца и лик на Скопје. И повеќе од тоа, објект кој е и внатре и надвор. Единствен по својот вид, огромен волумен кој неверојатно нежно се вклопува во контекстот. Сè уште свеж како простор и идеја, денес ГТЦ е и коментар на постоечките трговски центри-конзерви. Од социо-културен аспект, тој е еден од симболите на Скопје, со идентитетско значење, врежан во емотивната меморија на граѓаните и нивната смисла за урбано.GTC

Како паралела на неодамнешните промени, новиот значенски слој на Градскиот трговски центар овој пат би се напластил и во физичка смисла, брутално обидувајќи се постоечката нарација да се замени со нова.

„Го сакам ГТЦ“ е моментално активна иницијатива, реакција на проектот за нова фасада и доградба на Градскиот трговски центар со кој целосно би се уништила архитектурата на објектот и неговата урбанистичка улога на „улица“ низ централното градско јадро. Преку оваа платформа, медиумите и социјалните мрежи, низа сликари, поети, актери, архитекти порачуваат да се престане со експериментите во градот, газењето по авторските права и насилното бришење на  целокупната колективна меморија за Скопје.

Во линија на реафирмација и поддршка, неодамна се одржа настан насловен „Читаме: луѓето ко книги, зградите ко луѓе“ –  дел од долгорочниот истражувачко-кураторски процес на Филип Јовановски и Ивана Васева –  „ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност“, каде што повеќе професионалци и архитекти се собраа со цел да изнесат 111 тези за Градскиот трговски центар. Тука, настрана од гореспоменатите карактеристики на морфологијата, позицијата и конструкцијата на објектот, се зборуваше и за сцени, доживувања и спомени проткаени во неговото порозно тело. Се говореше за пасарелата што е негов составен дел, а всушност не е само негова туку се излева, припаѓа и на плоштадот, на градот. Архитект Доминика Бошкова истакна: „Дали ова би се случило во Берлин со Мисовската Национална галерија или пак во Париз со Центарот Жорж Помпиду? Зошто ги кинеме страниците од нашите учебници и учиме исклучиво од други… “.

Овие истражувања и опсервации укажуваат на нужноста од потврдување и втемелување на вредностите од нашето културно наследство, во кое несомнено е вклучено и наследството од модерната и постмодерната, и нивно реактуализирање во конструктивниот дискурс. За потребата од препрочитување на страниците на историјата на македонската архитектура, го имаме Градскиот трговски центар како потврда и повик. Архитектурата како и сè што е физичко, секако, има век, и со тоа би навлегле во други полемики за нејзината трајност и потреба, но несомнено е дека симболите на еден град се оние што, ние како негови граѓани, треба да ги сочуваме и заштитиме како би можеле да се препознаеме.

Една од вродените особини на градот како организам е да создава, неговото ткаење и ахитектурата тоа го овозможуваат кога се солидарни со минатото и имаат отворен и визионерски поглед кон иднината. Градскиот ѕид и Градскиот трговски центар се подеднакво наш идентитет колку што е и македонската трдиционална куќа. Овие објекти како градски артефакти остануваат да бидат препознаени во нематеријалното, она што не подлежи на разорувачките сили на константната ентропија, и така тие продолжуваат да постојат. Еден град е онолку побогат колку што има преплет на слоеви и значења, фрагменти историја. Скопје е составено од парчиња град со различен карактер и од објекти кои раскажуваат најразлични приказни. Кога секоја од нив е читлива, само тогаш градот може да се восприми во сета негова целосност.

Испрати коментар

Scroll To Top