Насловна / Архитектура / Скопје престолнина на културата – без архитектурата нема да биде возможно

Скопје престолнина на културата – без архитектурата нема да биде возможно

Градот Скопје ја доби номинацијата за Престолнина на културата  2028 година. „Престолнина на што?“,  ќе рече Звездан Георгиевски. Еден коментатор во еден белградски весник вели: ,,Еве му шанса на Скопје да ги изгради пирамидите од Гиза, уште само тоа му недостасува“. Ако го додадам и коментарот на еден загрепски архитект кој се пожали дека неговиот Загреб станува грд како Скопје, предизвикана сум да се позанимавам со мојот град на еден поинаков начин од песимистичкиот.

4H5A9345

Мојот град не е грд иако му се случија многу грди дејствија. Има и многу нешта со кои може да биде Град на културата ако се засукаат поли и ракави и се мобилизира сиот кадровски, финансиски и стручен потенцијал. Културата без архитектурата нема да биде возможна. Тридеценискиот развој и раст на градот остави видливи траги на деградација на просторот и животот во него. Нема да набројувам што сè е деградирано, запуштено, заборавено. Впрочем за тоа се испишани многу страници и изгубени многу битки. Разорните дејствија и штетите од досегашните активности се погубни по многу нешта што градот го  чинеа препознатлив и угоден за живот. Но и покрај сè убедена сум дека никакви удари и интервенции не можат да ја уништат суштината на градското битие. Записите во градската матрица сè уште се видливи. Градот има интересна и возбудлива приказна, необичен урбан пејзаж, траги од различни слоеви на историјата. Низ него минувале војни и природни сили, а цивилизациите што поминале оставиле материјални и духовни сведоштва. Денес е таков какви што се и неговите жители, со убави и грди нешта, но со единствена желба за поубав и похуман европски град. Овој пат ќе опфатам само неколку сегменти од градското ткиво каде одма треба да се дејствува.

4H5A3031

PSE JO – ЗОШТО ДА НЕ

Културно-историското наследство за жал ги доживеа можеби најжестоките удари на деградација и уништување што беше недозволиво, бидејќи тоа е единствено и неповторливо. Тоа е најзначајниот репрезент на културата на градот и туристички потенцијал за кој се потребни многу вложувања, напор и внимание за да се ревитализира и возобнови тоа што е останато и тоа што е можно. Најголемите симболи на Скопје се: реката Вардар, Камениот мост и Скопската тврдина, кои скоро еден век се составен дел на градскиот грб. Целиот простор меѓу Тврдината и Музејот на современа уметност (МСУ), кој со Генералниот урбанистички план е предвиден како контактна  зелена зона, во изминатиот период стана симбол на физичка негрижа, бирократски хаос и недоволен интерес да се заштити. Се дозволи просторот да се претвори во сива зона изградена со неадекватни објекти на неадекватни локации, кои ги сокриваат  ѕидините  на тврдината и го покриваат видикот. Во контактната зелена зона непосредно до Калето и до МСУ во отсуство на Детален урбанистички план изградени се индивидуални куќи, а хотелот „Ми каса ориент“ на само 94 метра од влезот во тврдината е „највпечатливата градба“ со масивен портал во „мароканско-андалузиски“ стил.

mmm

Просторот на Калето меѓу ѕидините има посебна приказна. Според истражувачките стории на новинарот Гоце Трповски од 2020 година таму се случија многу нешта. Цели десет години (2007 – 2017 г.) професорот Драги Митревски со својот тим вршеше археолошки истражувања на Тврдината. Преоран е 1 800 квадратни метри простор меѓу ѕидините и откриени се над 1 300 предмети од новото камено време сè до доцниот отомански период. Она што требаше да следува по археолошките наоди изостана заради изготвување конзерваторски елаборати и бирократски формалности. Два од трите музеи во кои требаше да се презентираат наодите се завршени и оставени со катанци на вратите. Третиот објект – фамозната црква-музеј, е оставен каков што беше по уништувањето во 2011 година во меѓуетничкиот конфликт на Калето и покрај тоа што чинеше најскапо, околу 1,7 милиони евра. Оттогаш речиси ништо не се случуваше на тврдината од туристички аспект. Највпечатливиот настан во изминатиот период беше посетата на сопругите на премиерите на Македонија и на Грција во 2019 година за време на посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на нашата земја.

4H5A3046

Истата година еден руски ју-тјубер по посетата на Калето направи 20-минутно видео во кое го опиша овој симбол на главниот град како една од најздодевните, валкани и неуредени тврдини што некогаш ги посетил, со блокирана главна порта и недостаток на каква било информативна содржина. До денес на овој локалитет не се забележливи некои значајни промени. Имам информација дека Општина Центар донесе ДУП за контактната зона меѓу тврдината и МСУ. На просторот меѓу ѕидините, објектите на изградените музеи се и понатаму под катанци и прашина. На највисоката точка на локалитетот стрчи челичната конструкција на недовршениот музеј-црква, со која едниот коалициски партнер се гордее, ама освен што за време на предизборната кампања ја испиша пораката „pse jo“ („зошто да не“), не направи ништо, а другиот очигледно не знае што да прави. Мислам дека е крајно време на овој простор да му се посвети сериозно внимание. Со јасна визија, максимална стручна посветеност и финансиска конструкција да се создаде атрактивна туристичка дестинација, да се возобнови македонскиот Акропол.

4H5A3017

БРУТАЛИСТИЧКАТА И МОДЕРНА АРХИТЕКТИРА

Друг архитектонски ресурс кој нуди можности за културни случувања е бруталистичката и модерна архитектура од втората половина на 20-тиот век. Иако е маргинализирана и во голем дел оставена да „животари“, нејзиниот доминантен дел е видлив. Големината, функционалноста и монументалноста на овие објекти е материјално и духовно богатство кое нуди многу можности. Со адаптации, одржување и пренамени тие може да се користат такви какви што се или со некои нови читања да се користат за други намени како што тоа во светот се прави. Има иницијатива и проекти за адаптација и пренамена на шалтер-салата на Поштата и реализацијата на тој проект треба да се забрза.  Постојат и други објекти со слични можности  кои треба да се преиспитаат.

4H5A7409_resize1

ПАРЧИЊА ОД ДОСЕГАШНИОТ ЖИВОТ

Третиот сегмент за кој сакам да зборувам е оној кој е најзапоставен и во целиот метеж од деценискиот  градежен бум е можеби најоштетен и скоро невидлив. Тоа се оние парчиња од досегашниот живот на градот со историска конотација, белези на едно време, мемориски точки, простори и објекти кои будат емотивни чувства. Од сето тоа може да се создаде прекрасна приказна за градот и неговото живеење.

IMG_20231113_200308

Градовите се збир на многу работи: сеќавања, желби, знакови на еден јазик. Тие се места не  само за  размена  на стока туку и на зборови, сеќавања и приказни за минатото. Историјата најгласно зборува преку немиот говор на скопските палати, старата македонска куќа и приказните на старите Скопјани за мирисот на липите, градините со босилек и здравец, олеандери и винова лоза. Во инспиративната книга „Невидливи градови“ на Итало Калвино најсликовито се осознава  како се сака и носи во себе еден град. Марко Поло кога ги опишувал градовите низ кои поминал, всушност ја раскажувал приказната за неговата Венеција. „За да ги разликуваме доблестите на еден град од доблестите на други градови мора да тргнеме од некој првобитен град кој се подразбира. Тој за мене е Венеција“ вели тој.

За мене тој првобитен град, град кој се подразбира е Скопје. Архитектурата и урбанизмот прават чуда во секој простор, но преку темелни анализи, современи проекти и идеи, транспарентни постапки и кредибилна власт и градска управа. И сето тоа што поскоро, за да се стигне до 2028.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

4H5A7369_resize

Испрати коментар

Scroll To Top