Насловна / Вести / Скопје на приземје и први

Скопје на приземје и први

Во овој текст имам за цел кусо да го истражам физичкиот простор на ниво на приземје како единствена обединувачка рамнина во градот, и да ја испитам неговата политичка, правна, архитектонска, социјална, и филосовска улога во обид за пронаоѓање извор на потенцијални решенија и размисли кои имаат капацитет да се справат со актуелните проблеми во градот. Имено, целиот овој дискурс произлегува од потребата за акцентирање на секојдневните градски проблеми кои упорно ги решаваме со административна логика, срамежлива инвентивност и кумулативна немоќ. Заглавени во градски неред што фаќа ’рѓа, од исклучително значење е да отвораме теми за радикални ретроактивни трансформации бидејќи времето за „планиран“ град помина, и колку побрзо го сфатиме тоа толку полесно ќе почнеме да делуваме во специфичните дисциплинарни полиња преку конкретните општествени институции. Оваа констатација ја поддржува фактот на незаинтересираноста на актуелните градски тенденции за инфраструктурни интервенции кои може да ја разбијат денешната густа неметрополитентска граѓа на Скопје и затоа мора да работиме на случајот наречен „ослободување“ .

IMG_20210317_121356_resize

„Слобода“ или „ослободување“

За подобро да го поставиме терминот „слобода“ или „ослободување“ во контекстот на овој текст, ќе се повикам на два филосовски концепти кои, прелиминарно, ја објаснуваат состојбата на слобода како позитивна и негативна. Овие два концепта прв ги поставил либералниот философ Исаија Берлин на своето инагурално предавање на универзитетот во Оксфорд, во 1958, подоцна објавени во форма на памфлет. Преку овие два концепта ќе се обидам да го аргументирам физичкиот простор на ниво на приземје и потенцијално првиот кат, како две унифицирани рамнини, земајќи ја предвид изградената градска маса како предмет на рефлексија и реконструкција. Ако се прифати, како прв услов, тезата на недостигот од инфраструктурна експанзија, тогаш, како причинско-последичен втор услов, идните трансформации ќе се случуваат токму во изградениот простор во градот. Овие интервенции подразбираат операции на одземање и додавање слобода во градот, преку процеси на физичко одземање и додавање „слобода“ во формална смисла низ процеси на реконструирање, релоцирање, намалување и зголемување, и конечно отстранување. За подобро да го сфатиме „ослободувањето“ нужно е да ги објасниме двата концепта на слобода, негативна и позитивна, каде првиот концепт ја заштитува слободата на субјектот (индивидуата) преку елиминација на пречки, бариери и ограничувања од други субјекти во процесот на остварување на посакуваните цели, додека вториот концепт ги акцентира потребните „ресурси“ за делување како основа за остварување на посакуваните цели на индивидуата. Негативната слобода најчесто е поврзана со субјектот како единствен ентитет, додека позитивната слободна најчесто е поврзана со колективот, или со единката како дел од колективот.

2_resize

1_resize

Ecole normale supérieure de Cachan – Lacaton & Vassal

Двата вида на слободи се потребни во едно здраво општество

Битно е да се нагласи дека зборовите позитивна и негативна не се поврзани со значењето на придавките, односно служат само за диференцијација и класификација на концептите. Берлин исто така не зазема став дека едниот концепт е подобар од другиот, напротив, смета дека двата вида на слободи се потребни да коегзистираат во едно здраво општество, имајќи предвид дека негативната слобода се наклонува кон либералните додека позитивната слобода кон социјалните идеологии. Со други зборови, ако сакаме да изградиме куќа меѓутоа некој физички ни попречува, тогаш нашата негативна слобода е прекршена, додека пак ако сакаме да изградиме куќа но немаме доволно ресурси, тогаш, од аспект на позитивна слобода, иако никој физички не ни попречува, недостигот на ресурси нè прави неслободни.

3_resize

Ecole normale supérieure de Cachan – Lacaton & Vassal

Без разлика на овие два концепта, според „таткото на либерализмот“ Џон Лок – „Во природната состојба, слободата ја среќаваме во форма на непопреченост на поединецот од страна на каква било надмоќна сила. Ваков тип на слобода поседуваат луѓето кои не подлежат на туѓата волја или на законодавна власт, туку се потчинуваат само на законите на природата. Во политичкото општество, поимот слобода го добива значењето на непопреченост од страна на каква било законодавна власт освен од онаа на која по пат на општа согласност ќе ѝ се потчини заедницата“. Последователно, секоја единка во едно политичко општество има право да ги изразува своите слободи, позитивни или негативни, сè додека не предизвикува штета и не се коси со законите. Овие ставови ја прават улогата на градот многу комплексна бидејќи политичко-општествените процеси директно се манифестираат врз физичкиот простор на градот.

4_resize

6_resize

Ecole normale supérieure de Cachan – Lacaton & Vassal

Позитивната слобода претставува поседување „ресурси“

Тогаш би се запрашале, како градот може да генерира, односно овозможува и гранатира, граѓанинот да ги ужива своите слободи, негативни или позитивни. Ако позитивната слобода претставува поседување „ресурси“ кои овозможуваат човекот да ги оствари своите цели, како образование, здравство, работа, храна итн., тогаш местото кое нема училиште или болница ја нарушува позитивната слобода во случај кога човекот треба да се лекува или образова. Двата концепта на слобода исто може да се објаснат преку првиот Њутнов закон или законот за инерција – „Секое тело, кое се разгледува како материјална точка, ја задржува состојбата на мирување или рамномерно праволиниско движење сè дотогаш додека некое друго тело не го принуди да ја промени таа состојба.“  Со други зборови, ако индивидуата ја споредиме со телото кое мирува, и во обид да  ги оствари своите цели почнува да се движи праволиниски, тогаш, во негативна смисла на слободата, сè додека никој физички не ѝ попречува таа е незапирлива, додека пак, во позитивна смисла на слободата, недостигот на „ресурси“ за остварување на своите цели влијае како надворешна сила која може да ја запре нејзината инерција.

5_resize

Во тој контекст, дали навистина еден човек во едно урбано општество може паралелно да биде негативно слободен без позитивна слобода и обратно? И ако градот е рефлексија на човековата слобода, тогаш дали Скопје денес е повеќе позитивно или негативно слободен град? За подобро да го разбереме ова, мора да ги опсервираме либералните и социјалните афилијации и тенденции, не само како општествени уредувања туку како катализатори на методологии за просторното уредување.

Позитивна неслобода

Модерните либерални ставови не го поддржуваат концептот на позитивна слобода бидејќи две индивидуи не може да бидат еднакво и паралелно слободни ако едната треба да земе нешто од другата за да ги оствари своите цели, и според Џон Стујарт Мил – „една индивидуа не му должи ништо на едно општество сè додека таа индивидуа не прави штета врз тоа општество.“ Но за да се обезбеди позитивна слобода тогаш сите ресурси мора рамномерно да се распределуваат низ општествените слоеви, овозможувајќи еднаков пристап до јавните добра на сите индивидуи, бидејќи спротивното ќе генерира позитивна неслобода. Ако денешното општество го гледаме ексклузивно од страна на позитивната слобода, тогаш голем дел од популацијата е неслободен бидејќи нема пристап до овие основни ресурси. Имено градот претставува збир од физички изрази и манифестации на позитивни и негативни слободи на индивидуите односно на граѓаните.

IMG_20210317_121818_resize

Скопје од позитивно слободен во негативно слободен град

Социјално Скопје во втората половина на ХХ век имало една друга градска динамика на дистрибуирање на просторот, нормално, под влијание на СФРЈ. Во едно такво социјално политичко општество, позитивната слобода на колективот, а со тоа и позитивно слободниот град ги приоретизирал целите на колективот, сметајќи дека граѓанинот е слободен кога има еднаков пристап до сите јавни ресурси, акцентирајќи го градот како најзначајниот социјален ресурс. Меѓутоа тенденциите во западниот свет, особено кон крајот на 1970-тите, поддржани од либералните политики на Маргарет Тачер и Роналд Реган, асфалтираа пат за едно друго поинакво слободно општество каде негативната слобода, манифестирана преку отсуството или преку минималното влијание врз пазарот, го дефинира она што денес го нарекуваме неолиберализам. И како што напоменавме дека политичко-општествените процеси имаат физичка манифестација во просторот на градот, така и Скопје, по распадот на Југославија, во процесот на денационализација и приватизација, се претвори од позитивно слободен во негативно слободен град. Во овој процес, низ призма на теоријата на негативна слобода, личните интереси на индивидуите се ставени над целите на колективот.

IMG_20210317_121452_resize

Државата не успеа да задржи клучни градски простори, тежишта, со кои би можела да управува во време на криза, а тоа време штотуку не заѕвонило на врата. Скопје во последните 10 години е ставено на тест, справувајќи се со последиците од климатските промени, надополнети со енормно загаден воздух, загадена вода за пиење, недостиг на зеленило во борба со топлотните острови, отежната циркулација на воздух, затрупан сообраќај и девастиран јавен простор.  И сега, откако ги разбираме двата концепта за позитивна и негативна слобода во градот, и двата услова за неекспанзивни инфраструктурни тенденции и ретроактивни операции, во град кој го достигнува својот процент на максимум изграденост, се прашуваме како, каде и со што да делуваме кога буквално повеќе нема простор? Во обид за просторно лекување на градот, пред сè, но и како одговор на прашањето „со што да делуваме,“ потребно е да откриеме обединувачки „ресурс“ кој ќе гарантира позитивна и негативна слобода преку стручно издржана стратегија во форма на „априори“ анализа, емпирична студија и физичка имплементација. Откако оваа прва компонента ќе биде утврдена, нужно е да истражуваме просторни капацитети на делување. Идејата на овој текст е да ги доведе читателите до овој заклучок, односно до една системска равенка во која „ресурсот“, „слободата“, „стратегијата“ и „просторот“ се заменливи материјални и нематеријални варијабли, и во тој контекст, ваквото размислување и пристап има бенефит од мултиинтерпретативност, сè додека соодносите помеѓу ресурсот и слободата, стратегијата и просторот не се изместени.

IMG_20210317_121701_resize

Прашања во постоечката (не)урбана агломерација

Скопје на приземје и први, како што вели насловот, е само една интерпретација од можни сценарија за ретроактивни операции во градот кои природно го бараат одговорот на градските прашања во постоечката (не)урбана агломерација. А пропо, првиот чекор во решавање на горепоставената равенка е изборот на обединувачкиот ресурс. Според мене, животната средина, поточно природниот предел во градот, од повеќе аспекти, претставува ресурс на позитивна и негативна слобода. Имено, заштитената природна околина во градот генерира негативна слобода со тоа што на човекот му обезбедува здрава животна средина наспроти небезбеден и нехуман бетонски ансамбл, односно местото во кое човекот ги извршува личните потреби за да ги оствари посакуваните цели го прави безбедно и пријатно место за живеење. Позитивната слобода во една чиста урбана средина е претставена преку обезбедување на потребните ресурси за делување како чиста вода, чист воздух, сончев простор, здрава храна, зелени простори за рекреација итн. Поконкретно, ќе го земам чистиот воздух како ресурс, односно варијабла во равенката која го исполнува условот за позитивна и негативна слобода.
Понатаму, како да се справиме со загадувањето доколку знаеме дека циркулацијата на воздухот е еден од главните проблеми во Скопје? Во физичка смисла, обезбедување на протокот на воздух е всушност  прашање на „каде“, а мојот одговор е на приземје и први.

IMG_20210317_121518_resize

Влезот, приземјето и високото приземје

Во целиот овој процес на транзиција од социјално кон неолиберално општество, една просторна и архитектонска типологија успеа да го преживее овој бран, а тоа е влезот, приземјето и високото приземје. Овие простори сè уште важат за заеднички простори, и како такви, сè уште го одржуваат социјалниот аспект во едно негативно слободно општество. Со други зборови, овие места во градот се позитивно слободни во рамките на еден негативно слободен периметер (габарит) на зградата. Улогата на овие просторни капацитети ги става целите на колективот над целите на индивидуата и затоа претставуваат таргет група која отвора можности за просторни сценарија и шпекулации. Уште поважно е да ги разгледуваме овие простори не само на ниво на една зграда, туку како множество на илјадници влезови ширум градот кои како „тајна“ инфраструктура мирно чекаат да добијат нова улога и функција. Исто така, од правен аспект, овој простор не припаѓа ексклузивно на една индивидуа туку на колективот во зградата, па така, во процесите на креирање нови политики влезовите и приземјата може да станат државно земјиште обезбедувајќи простор за потребни трансформации без масивни рушења и тектонски поместувања.

деветта_resize

Во тој контекст, имајќи ја на ум потребата од обезбедување силна воздушна циркулација, влезовите, односно приземјата и високите приземја (прв кат) може да почнат да се отвораат. Во овој стратешки процес, потребно е да се направи симулација на работењето на Скопската Котлината во својата автентична состојба и преку постепено надодавање на градската граѓа, да се подвлечат жешките точки кои го блокираат и задушуваат воздухот. Низ категоризација од повеќе степени во однос на тоа дали високо, средно или ниско го попречуваат природниот тек на воздухот, зградите ќе мора да доживеат низа физички трансформации соодветни на проценката, за да ја подобрат „крвната слика“ на скопскиот воздух. Основниот урбанистички план (ОУП) за Скопје во 1965 година укажува концепт за формирање зелени коридори од планината Водно кон планината Скопска Црна Гора. Една од придобивките од овие зелени коридори е токму пренесувањето на свежиот воздух од планината Водно кон реката Вардар, каде реката понатаму ќе го дистрибуира низ котлината. Овој основен концепт зборува за механизмот со кој котлината управува со воздухот, а единствениот ваков зелен коридор, на булеварот „Св. Климент Охридски“, беше уништен пред неколку години за проширување на сообраќајницата. Втората лекција од овој ОУП е дека катноста на објектите мора праволиниски да се зголемува од планината кон центарот на котлината, односно градбите во перифериите на Водно треба да бидат со најмала катност, додека висококатниците треба да се позиционираат во средината на котлината, а уличната мрежа која ќе ги оформува градските четврти треба паралелно да ги следи правците на ветровите. Овој навидум едноставен и лесно разбирлив концепт е во тотална спротивност и контрадикција од она што денес го гледаме во Скопје. Населбите долж Водно се со огромна катност, додека предградските населби длабоко во котлината се резиденцијални енклави од П+1 или П+2. Освен тоа, ориентацијата на уличните мрежи се коси со правците на ветровите, а со тоа и поставеноста на зградите, и листата продолжува понатаму.

Untitled-1_resize

ОУП 1965, концепт за формирање зелени коридори од планина Водно кон планината Скопска Црна Гора

Приземна рамнина како општествен ресурс

Конечно, ова треба да се сфати како концептуална проба отколку како стручна студија. Но само за момент, замислете, што ако сите приземја во сите згради во Скопје се отворат и го пуштат воздухот да тече? Што ако сите приземја (влезови) ги препознаеме и како потенцијална зелена инфраструктура во процесот на нивно отворање и ревитализирање. Можеби Скопје нема простор за нови зелени коридори во форма на дрвореди, но можеби има простор за зелени инфраструктури на ниво на приземје. Што ако ја препознаеме цела оваа приземна рамнина како најзначаен општествен ресурс кој може да генерира и позитивни и негативни слободи. Што ако понатаму продолжиме да проектираме згради кои ќе му даваат вистинско значење на приземјето поврзувајќи го со природата. Што ако почвата на ниво на приземје не ја третираме само како технички простор што треба да се ископа туку како композитен простор кој ќе го подобрува природниот предел во градот. И конечно, доколку постојат видливи резултати од една ваква студија за справување со загадениот воздух преку ослободување и зазеленување на приземјата ширум градот, тогаш дали еден ваков утописки концепт може да добие своја правна, политичка, архитектонска и конечно идентитетска рамка во ретроактивниот процес на ултимативно подобрување на квалитетот на просторот во Скопје.

Автор: Никола ЃОРЃИЕВСКИ, м-р арх., м-р пејз. арх.

 

Испрати коментар

Scroll To Top