Да се пишува за градот кој ти го одбележал долгогодишниот живот, те обликувал и навлегол во сите пори на твоето живеење, е чест и предизвик. Да се набљудува градот низ сите падови и подеми, премрежиња и сè што му се случувало и му се случува можеби е света должност на еден архитект. Секој град има своја приказна ваква или онаква, но приказната на мојот град за мене е особена и посебна. Растеше и се обликуваше врз база на различни урбани модели од првата и втората половина на 20-тиот век. Поминувајќи низ разни временски периоди имал континуиран развиток, но и големи пресврти во постојната урбана матрица.
Историски, драматично се менувал, луѓето и природата не го оставиле на мира, го палеле, го рушеле, го граделе. Во него се вкрстувале обележјата на западните и источните царства, бил крстопат на народи и цивилизации, со еден збор еден чудесен град. Денес мојот град е скоро милионски, метропола како што многумина милуваат да го нарекуваат. Мене ми е поблиско неговото поетично име Скопје – градот на Вардар. „Во него тече една река, матна и не така брза – нашата река. Над реката, како впрочем, и над сите реки во светот се протегаше мост стар направен од камен пред многу векови“, ќе рече Братислав Димитров. Тоа е вечната и најавтентична разгледница на овој град.
Денес кога стоиме пред секојдневната материјализација на архитектурата и урбаниот простор на нашето опкружување, збунети или восхитени, неопходно е да погледнеме наназад како градители, сведоци и современици. Во секојдневните разговори градот најчесто го именуваме како предземјотресно и постземјотресно Скопје. Со првиот урбанистички план на Димитрије Леко во 1914-та година врз постојната урбана матрица на спонтан урбанизам почнува да се оформува градот на десниот брег на реката.
Подоцна се оформувал и развивал во неколку фази, предводен од еден од најзначајните негови градоначалници, архитект Јосиф Михаиловиќ. Во 1944-та година на десниот брег на реката, Скопје наследи: плоштад пред Камениот мост опкружен со објектите на Офицерскиот дом, Народна банка, Ристиќева палата, хотел Магор. Покрај денешната улица „Македонија“ во плоштадот се влевале и неколку радијални улици со веќе оформени блокови.
Периодот 1950 – 1960 година го одбележа првата генерација архитекти школувани на универзитетите во Белград и Загреб, која го претпочиташе интернационалниот стил, барајќи потпора во делата на Корбизие, Гропиус, Мис, Нимајер. Според нивните проекти се изградија: Стоковната куќа – НАМА, хотел „Метропол“, станбено-деловниот објект „Пелистер“, зградата на Електростопанство. По тогашната улица „Маршал Тито“ (денешна ул. „Македонија“) изградени се неколку станбени објекти и зградата на Инвалидски дом. Се градат станбените населби Карпош 1 и 2 и трасиран е булеварот „Партизански одреди“ според сите пропозиции на модерниот урбанизам.
Постземјотресниот период е следната фаза што најсилно и најобемно ќе го одбележи прoсторот. По земјотресот во 1963 година разрушениот град Скопје ќе се најде во средиштето на урбанистичко-архитектонски активности. Под покровителство на ООН се изработува ГУП. Скопје се урбанизира по сите правила на модерниот урбанизам и е поприште на светската архитектонска елита. Расте градот на солидарноста. Високиот степен на разрушување ќе ја овозможи изградбата на Градскиот ѕид, Градскиот трговски центар, просторната организација на плоштадот, Камениот мост со кејските површини и Паркот „Жена борец“. Особен печат ќе остави генерацијата архитекти од периодот 1970 – 1980 година школувани на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Некои од нив по својот престој во Америка ќе го донесат брутализмот во архитектурата. Ќе се изградат: Телекомуникацискиот центар, Државниот архив, Транспортниот центар, зградата на Вардар увоз-извоз, Домот на ЈНА, Културниот центар, Народна банка, станбените населби Карпош 3 и 4 и населбата Аеродром. Мора да се констатира дека е тоа блескавиот период на македонската архитектура.
По осамостојувањето на државата, од 1991 година почна нова градителска ера. Постсоцијалистичкиот период во кој се понадевавме и видовме нови можности за градот и градењето, донесе нови разочарувања. Архитектурата на градот се најде во длабока криза и екстремни визии со поништувачки тенденции на постојното.
Последните дваесет и пет години Скопје доживува деградација и маргинализација во секоја смисла. Бетонска џунгла демне од скопските ДУП-ови. Алчноста за максимум градежна површина и профит ги помина сите граници на возможното. Се изгради „Скопје 2014“ како политички конструкт за нов идентитетски репер. Започна градба на целиот централен простор кој беше до несфатливи размери злоупотребен од проектот „Скопје 2014“.
Денешниот главен Градски плоштад „Македонија“ со повеќевековна историја наликува на сценографија за холивудски филм. Улицата „Македонија“ претрпе комплетна метаморфоза. Задушена од објекти со недефиниран архитектонски јазик, пулсира со својот живот на главна пешачка улица, но изобилува со кич, какафонија од стилови, исфрлени платформи од кафетерии и ресторани со дополнителен декор. Запуштени се и неодржувани и многу од капиталните објекти со значајна архитектура (шалтер-салата на Поштата, библиотеката „Климент Охридски“, Студентскиот дом „Гоце Делчев“ и др.)
Срушени се објектите на Сајмиште и Беко, а сомнителна е и градбата Стара железничка станица во сообраќајна смисла. И како резултат на сите интервенции деградиран е просторот на градот по едновековен слоевит развој во кој својата љубов и креативност ја вградија повеќе генерации. Се затворија струењата на воздух по главната оска Водно – Стара чаршија, се уништија сите зелени оази и парковски катчиња, деградирани се многу објекти кои беа историски маркери на градот, од одредени историски периоди, културното и историско наследство е во очајна состојба. Станбената изградба ги окупира сите населби и слободни простори и старите индивидуални куќи ги замени со блокови и висококатници.
Денес кога е евидентно дека има околу 6.000 невселени новоизградени станови и вишок слободен деловен простор, се актуализираат нови локалитети за градба со по 6.000 до 15.000 жители (Расадник, Ф-ка „Треска“, Холидеј Ин ).
Дел од јавноста ги поставува прашањата „Каде бевме и каде сме сега?“, „Да се биде или да се има?“
По сите заложби на стручната фела, Асоцијацијата на архитекти, граѓанските организации и здруженија (Здравје пред пррофит, За одбрана на Дебар Маало и др.) за уредување на градскиот простор во служба на граѓаните, се чини дека достигнувањата наликуваат на лет во место. Гласот на разумот се губи меѓу агресивниот крик на сопствениците на парцелите и нивното право на градење и правните лавиринти на законската регулатива. Ако Скопје не успеа да сочува објекти кои симболично го означуваа статусот на градот и го впишаа во современите европски метрополи, ако не успеа низ целиот овој период на градежен бум да реконструира и реинтерпретира ниедна улица од старото историско јадро, крајно време е и последна шанса за спас на последните три локалитети.
Локацијата Расадник е последното слободно неизградено парче со сочувано постојно зеленило во една населба заситена со градби. Локацијата фабриката „Треска“ сместена е во централното подрачје на градот во радиус на голем број јавни и културни дејности. На локацијата постојат напуштените објекти од фабриката и зеленило кое е плански засадено, но и самоизраснато. Фабриката има култно значење и е последна трага од индустриското наследство, со евидентно висок јавен интерес. Затоа од посебна важност е што Општина Центар распиша јавен анонимен конкурс за урбанистичко решение.
Локалитетот Холидеј Ин е урбан простор многу значаен за градот и за потесното централно подрачје, опкружен со фрагменти од културното и природно наследство на градот. Неговото решавање и реализација не треба да биде препуштено на тековната урбанистичка пракса. Тоа место има доминантна репрезентативна положба како зглоб што ги поврзува сите значајни точки на центарот источно и западно и од двете страни на реката. Затоа и има доминантна положба особено во концептот на Кензо Танге. Но за жал во случајот битката повторно ја извојуваа парите и профитот на сметка на јавниот интерес. По долгата административна бурлеска меѓу институциите, Општина Центар издаде градежна дозвола на фирмата Фешн-груп и МПЦ-ОА за почеток на градба на една од трите кули на локацијата Холидеј Ин. Сите овие локалитети треба да добијат шанса за покреативни решенија во интерес на градот и граѓаните преиспитани преку јавни и анонимни конкурси. Општината Центар која ја има привилегијата и одговорноста да управува со центарот на државата и градот треба да опстои во напорите за изнаоѓање решение. Не сакам да ја минимизирам работата на градоначлниците, ме радува секој обновен булевар, сообраќајница, велосипедска патека, закрпена дупка, исчистена депонија, нова парковска оаза и зелен покрив, ново сообраќајно решение кое го олеснува сообраќајот и го намалува загадувањето. Ми се допаѓаат и многу од новоизградените објекти кои ги следат трендовите во архитектурата и служат на својата намена во позитивна смисла, но сите алармни светла светкаат дека градот ги губи шансите за санација и поправка на изгубените вредности. Без постоење визија за развој на градот се оди во фрагментации кои водат во ќор-сокак. На централното подрачје му е потребна длабока анализа во поширок контекст. Тоа впрочем го покажа и активирањето на локалитетот Холидеј Ин кој не може да биде набљудуван фрагментарно без територијата на Ново Маало и Маџир Маало, која носи квалитети и остатоци од град што треба да се меморираат или реинтерпретираат. Освен тоа пејзажот и слободните простори се неизбежен дел од целокупниот комплекс. Градот мора да се гради и архитектите не може да бидат против тој процес, но не смеат ни понизно да им служат на инвеститори и алчни профитери. И на претходните заблуди и креативни лудости им служеа архитекти и урбанисти. Оние кои помагаат при нанесување трајни просторни и културолошки последици треба да бидат бојкотирани од струката и од граѓаните, а МПЦ како духовен водач треба да докаже дека го живее тоа што го проповеда.
Ми одѕвонува рефренот „Градот убав пак ќе никне“ и се прашувам ќе остане ли тој само детска песничка.
Мојот град, нашиот град заслужува шанса. Здрав и квалитетен живот на граѓаните може да им овозможи само квалитетна и одговорна градска власт во соработка со некорумпирана стручна фела со кредибилитет, интегритет, стручност и чесност.
Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.