Насловна / Вести / Скопје меѓу можностите и надежта

Скопје меѓу можностите и надежта

Кои се шансите на Скопје да стане убав град, има ли надеж? Ова се прашања кои секојдневно се надвиснуваат во сите сфери на нашето живеење.

4H5A1430

Скопје денес е деградиран град со окупирани јавни простори, исечени дрвореди, уништени зелени појаси, деградирани градски симболи, зголемен број на жители и инфраструктура што е несоодветна да опслужи толкав број на жители. Но, шанси да се променат нештата има. Градот ја има задржано урбаната и архитектонска структура, тој е сѐ уште значаен град – метропола во која функционираат белезите на постземјотресно Скопје, кои зрачат со креативност и сведочат за сите врвни странски и домашни архитекти кои го истуриле своето знаење и умеење во овој град. Ако градот денес се бори да направи баланс меѓу побарувањата на општеството и интересот на поединецот и делува бавно, а некаде и неодговорно, во заздравувањето на градот, сериозно се поставува прашањето како понатаму? Климатските промени кои чукаат на вратите, топлотните бранови што се повторуваат секое лето и зимите со драматично загадениот воздух треба да нѐ оттргнат од летаргијата која владее во локалната и централната власт. Притисокот од глобалните предизвици го менува светот. Урбанистите трагаат по нови концепти за живеење и градење. Живееме во ера во која брзината на промените тешко се контролира и управува. За најдобар можен развој на градот може да се зборува ако се претпочита јавното добро во однос на индивидуалното. Неопходна ќе биде децентрализација на развојот на целата територија на земјата, модернизација на постојниот градежен фонд, стопирање на градбите кои се најавени и ослободување простори и зелени оази. Ова се теми со кои ќе се занимаваат изработувачите на ГУП-от, но додека тој долгорочен процес трае, неопходно е да се делува на горливите прашања и проблеми во опкружувањето кои не трпат одложување. Гледајќи ги анализите од последниот топлотен бран, забележувам дека најзагрозените точки со измерена температура од 50 степени Целзиусови, а некаде и повисока, се наоѓаат во потесното централно подрачје на градот. На централното градско подрачје му е потребна длабока стручна анализа во поширок контекст каде пејзажот и слободните простори ќе бидат неизбежен дел од целокупниот комплекс. Јас ќе ги посочам нештата што треба ургентно да се решаваат и со кои неодложно треба да се занимаваат архитектите заедно со локалната и централна власт во наредниот период.

4H5A8581

Реката ни е дар од природата, а крајбрежните простори во сите планови се дефинирани како крајбрежно-рекреативни зони. Затоа забрзано треба да се делува на обнова на зелените крајбрежни појаси таму каде се уништени или пренаменети. Да се работи на обнова и изградба на шеталишта и зелени оази со содржина и урбана опрема. Во централното подрачје од посебна важност се кејовите и крајбрежното зеленило особено покрај населбите Ново Маало и Маџир Маало.

Скопското кале е еден од најзначајните белези на градот. Ако ја прочитате истражувачката сторија на новинарот Гоце Трповски за состојбата на Калето – скопскиот Акропол, неминовно ќе ви се наметне прашањето кои луѓе живеат на овие простори. Додека се чекаат документи, тврдината стои во очајна состојба. Блокирана главна порта, недостиг од каква било информативна содржина, раскопани делови што се ризични за посетители, делови што не се пристапни и околина во која се градат објекти со сомнителна архитектура. Сѐ што е постигнато на археолошкото наоѓалиште, како и предметите кои требаше да бидат музејски изложени се во фаза на пропаѓање. Тажна е каква било констатација, а највистинита е онаа на Гоце Трповски: „Многу војски го чувале бедемот, но сегашната, бирократска војска, се покажува најнеподготвена да го одбрани.“ Господа градоначалници, тврдината е најрепрезентативното катче и за граѓаните и за туристите, а контактната зелена зона околу неа драгоценост за сегашните услови на живеење.

4H5A9358

Главниот градски плоштад „Македонија“ со повеќевековна историја, за кој се испишани многу страници и стручни констатации, е простор на кој треба нешто да се стори. Додека се отплеткува бирократскиот лавиринт околу незавршените објекти – хотел и офицерски дом, кои ја сочинуваат главната сценографија на хаотичност, може нешто да се стори со другите проблематични објекти. Да се сруши споменикот на Мајка Тереза и да се отвори влезот на улицата „Орце Николов“ на плоштадот. Да се отстрани Триумфалната порта која е анахрон, ирационален објект поставен на погрешна локација и ниту слави победа, ниту има оправдана намена. Да се интервенира на барокната фасада на Стоковната куќа, да се заврши фасадата на ЕСМ и да се пронајдат простори за зеленило на целиот заробен простор на и околу плоштадот.

4H5A1577

Реконструкција на шалтер-салата на Пошта сѐ уште не е почната, а неодамна одржаниот концерт во неа покажа колку тој простор нуди можности за нови содржини. Трите актуелни локалитети: Холидеј Ин, Треска и Расадник се во некое привидно мирување после жестоката битка околу нивната содржина. За локалитетот Треска распишан е јавен анонимен конкурс со краток рок и се разбира со малку пари за архитектите, па во од е нешто коригирано. Но, мене повеќе ме загрижува резултатот од тоа, бидејќи сум убедена дека компромисните решенија се секогаш лоши решенија. За локалитетот Холидеј Ин недвојбено сум убедена дека државата со нејзините институции треба да покаже државничка храброст за заштита на јавниот интерес, да си ја врати сопственоста на земјиштето и да овозможи интегрално решение на целиот урбанистички зафат. Локалитетот Расадник треба да е парковски третиран без компромиси со сопствениците на земјиштето. Сите поинакви решенија водат кон уништување на срцето на градот и на неговото централно подрачје.

Parking Holidej In 4

Во населбите Аеродром, Кисела Вода и Карпош бројот на жители двојно е зголемен. Изградени се нови блоковски комплекси во кои не се решени основните придружни содржини (инфраструктурат, училишта, градинки, зеленило). Старите блокови од 50-70-тите години се обезличени со доградби и надградби, а меѓублоковските простори се запуштени со супстандардни гаражи и малку зеленило.

Градот Париз спроведува план за спас од топлотните бранови. Суштината на концептот е дека „секој треба да има сѐ што му ги задоволува секојдневните потреби на најмалку 15 минути пешачење од својот дом. Тоа значи училишта, здравствени услуги, јавни услуги, места за релаксација, а по можност и работни места. Не се доволни големи градски паркови на едно место, секоја населба, секое маало треба да има паркче, шеталиште, парче јавен простор“.

Билансот на постигнувања во нашиот град е негативен. Многу актуелни теми останаа мртво слово на хартија, многу очекувања се изневерени. Партиите не покажаа дека се обединети околу вредностите на градот. Како позитивен зрак на надеж во изминатиот период го сметам реализирањето на адреналинскиот парк и парковскиот дел покрај кејот во Карпош 4 и првата урбана градина „Бостание“. Ова прва урбана градина е сместена во паркот Ново Лисиче. Проектот е придонес кон климатските промени и концептот за отпорен град. Урбаното градинарство кое зема сè поголем замав во светот има за цел дружење, едукација и претворање на јавните површини во оази за производство на здрава храна. Се надевам дека оваа граѓанска иницијатива ќе биде следена и на други локации.

DSC03858

Редизајнирањето на нашите урбани простори ќе биде неопходно. Градот радикално треба да се трансформира и да се одзатне од градежната утопија што подразбира и рушење. Улогата на урбанистите и планерите е да создадат услови за здрав, социјален и безбеден живот. Предизвиците не зависат од избор туку од неопходност. Решенија и начини како тоа да се стори постојат. Светот забрзано се подготвува. Секојдневно сме сведоци на радикални решенија. Никнуваат повеќенаменски зелени структури. Напуштени железнички станици и простори се претвораат во паркови и шеталишта, градот Париз Елисејските Полиња ги претвора во зелена парковска оаза.

Јавниот интерес е уставно загарантирано право. Затоа им порачувам на градските избраници да не го чекаат крикот на граѓаните, туку, рака под рака со архитектите и урбанистите да го заштитат секое дрво во градот и да обезбедат здрав и безбеден живот за граѓаните. Тоа треба да е главната премиса на секој што претендира да води општина или град.

АВТОР: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top