Пред да започнам со историјатот на планирање на локацијата за НУКЦ – Скопје, најнапред би сакал да направам еден вовед – генеза на настани и факти коишто имале влијание врз планирањето на овој комплекс.
Стартот за започнување со реализација на идејата за нов Универзитетски клинички центар – Скопје е во 2010 година, со потпишаната проект-иницијатива од страна на Министерството за здравство, а со тоа и донесување на Одлука од страна на Владата на Република Македонија за дислокација на постојниот УКЦ, на локација предвидена со стратешкиот план (ГУП на Град Скопје 2001-2020 година). Заради сериозноста на темата од стручен аспект, во активностите за нејзина реализација беа вклучени експерти и стручни лица од повеќе домашни и странски институции со цел координираност на процесот, како и размена на знаења и искуства од повеќе области. Од голема помош во процесот на подготвителни работи имаше и изработената Физибилити студија за дислокација на постојниот УКЦ – Скопје (Општина Центар), која беше помогната од Европската инвестициска банка, како и посетата на работната група на планери урбанисти на Папскиот универзитетски клинички центар во Рим – „Policlinico Agostino Gemalli“. Сите овие подготовки придонесоа за изработката на планската програма за започнување со изработка на план од пониско ниво ДУП за НУКЦ – Скопје (2010 година) во Општина Карпош. Но, од непознати и неразбирливи причини истата е прекината (2011 година), а понатаму во 2014 година е предложено решение во кругот на постојниот УКЦ – Скопје, коешто не кореспондира со светските стандарди за планирање на вакви здравствени комплекси, но најнапред со потребите на граѓаните на Рeпублика Македонија. Решението и содржините предложени на постојната локација на УКЦ „Мајка Тереза“ во Општина Центар, дополнително го проблематизираа сообраќајното функционирање на некротичното градско ткиво, имплицирајќи понатамошни проблеми не само кај него, туку и надвор од неговите физички граници, односно во соседните населби, како и содржините во нив (сообраќајна и комунална инфраструктура, домувањето, комерцијалните и деловни намени, дипломатските претставништва и резиденции, градбите од државно и сигурносно значење – претседателска и премиерска вила итн.). Среќна околност е враќањето на „вистинскиот пат“ преку влијанието на стручната фела (архитекти, лекари, граѓани), а со тоа и донесувањето на одлуката од страна на Владата на Република Македонија, во месец март оваа година, за дислокација на постојниот УКЦ „Мајка Тереза“ на нова локација во Општина Карпош (Злокуќани) и напуштање на проблематичното решение за доградба и надградба на постојниот УКЦ „Мајка Тереза“.
Ваквата генеза на настани, за жал имаа влијание од негативен аспект, односно здравје, време и пари, но од урбанистичка гледна точка предизвикаа дегенеративно менување на концептот за развојот на градот и урбанизацијата на просторот, а со тоа и поткопување на стратегиите за развој во ГУП на Град Скопје 2012-2022 година (пример: Олимписко Село – Водно).
Одговорот на прашањето, зошто последната одлука на Владата на Република Македонија (март 2018 година) е на „вистинскиот пат“, е бидејќи произлегува од основната идеја за нов здравствен систем – комплекс, која е анализирана и развиена од неколку генерации претходно (архитекти и планери) кои се занимавале со оваа тема, гледајќи визионерски за развојот на градот, во интерес на граѓаните и потребите на општеството. Од нивна страна, одредувањето на нова локација за НУКЦ – Скопје (во Општина Карпош, Бардовци-Злокуќани), за прв пат е направено со донесувањето на ГУП на Град Скопје во 2001 година, а понатаму и потврдена со ГУП на Град Скопје во 2012 година. Со овие стратешки документи од областа на урбанистичкото планирање се дефинирани првите проекции за новиот здравствен систем во Република Македонија, позициониран во границите на планскиот опфат на град Скопје. Поврзаноста и брзиот пристап до локацијата од населбите во рамки на град Скопје, но и сите други населени места во РМ е основниот предуслов за планирање на нов центар од овој тип. Притоа во анализата за избор на локацијата со тие стратешки плански документации, најнапред е размислувано макролокациски и микролокациски од аспект на можната пристапност до локацијата од сообраќаен аспект (пат, железница), воздух, неизграденоста на локацијата, географската поставеност со доминантен правец на движење на ветерот – аерација, изградената околна структура, инфраструктурниот потенцијал, како и вредноста на локацијата од економски, еколошки и културолошки аспект.
Конкретно зацртаната локација во стратешките плански документи се наоѓа заедно со Психијатриската клиника Бардовци на север од село Злокуќани, на територијата на Општина Карпош во Скопје и е со површина од околу 94 ха.
Погодностите кои произлегуваат од изборот на локацијата од стратешките плански документи се:
• Географска поставеност (макролокациски) на ниво на Република Македонија и регионот,
• Релјефната конфигурација,
• Струењето и циркулацијата на воздушните маси (доминантен правец и јачина),
• Близината на централното градско подрачје на град Скопје и неговата структура и инфраструктура,
• Сообраќајната (патна и железничка) поврзаност и проточност:
– Северна обиколница – автопат,
– Градска магистрална улица „Словенечка“ и Собирна улица „Љубљанска“,
– Железничката пруга Скопје – Кичево, која е поврзана со локалната линија „Скопски јазел“ и со Транспортниот центар – Скопје, а со тоа и со целокупната железничка мрежа во Република Македонија: Кочани – Скопје, Битола – Скопје, Гевгелија – Скопје и Кичево – Скопје, како и Приштина – Скопје (од Република Косово) и Ниш – Скопје (Република Србија),
• Можност за брз пристап до новиот Универзитетски клинички центар за специјалните возила, јавниот градски превоз и приватните корисници,
• Можност за планирање на брза железница,
• Можност за поврзување на новиот Универзитетски клинички центар по воздушен пат (хелидром),
• Зголемување на стандардите и нормативите во планирање на стационарниот сообраќај (паркирањето),
• Можност за поврзување на инфраструктурните водови за снабдување со електроенергија, телекомуникации и гас,
• Можност за поврзување на системот за водоснабдување,
• Можност за изнесување на отпадните води од локалитетот,
• Добри микроклиматски услови и чиста еколошка средина,
• Погодност од економски аспект и реализација како GREENFIELD инвестиција,
• Чиста, брза и сукцесивна (фазна) дислокација на постојниот Универзитетски клинички центар според зацртана динамика на дислокација, со што ќе се овозможи непречено функционирање на постојниот сè до комплетното оформување на новиот Универзитетски клинички центар.
Понатаму, избраната локација е разработувана и со планска документација од пониско ниво со што детално (микролокациски) е разработуван урбанистичкиот концепт. Тие плански документации се изработени во 2010 година со изработката на ДУП за НУКЦ-Скопје и во 2013 година со изработка на Урбанистички план за четврт ССЗ 01, каде што при планирањето се формирани урбани блокови во кои би биле стационирани сите медицински, научно-едукативни и пропратни содржини кои би го оформиле овој комплекс во целина.
Помош во деталното планирање за новата локација за НУКЦ – Скопје даде и изработената Физибилити студија за дислокација на постојниот УКЦ – Скопје во 2010 година, помогната од Европската инвестициска банка, давајќи ги стандардите и потребните капацитети кои треба да бидат испланирани и преточени во планска програма за детално планирање.
Притоа преку студијата и планската програма за детално планирање се утврдени програмските содржини со своја капацитативност, а со тоа и потребните површини кои се потребни за планирање на комплексот.
ПРЕЛИМИНАРНИ СОДРЖИНИ НА НОВИОТ УНИВЕРЗИТЕТСКИ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР – СКОПЈЕ
РЕКАПИТУЛАЦИЈА НА ВКУПНИ ПРОГРАМСКИ ПОТРЕБНИ ПОВРШИНИ ВО ПЛАНСКИОТ ОПФАТ ЗА ДЕТАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН (ДУП) НА НОВИОТ УНИВЕРЗИТЕТСКИ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР |
|||
I. |
ПОТРЕБНИ ПОВРШИНИ ЗА НОВ УНИВЕРЗИТЕТСКИ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР (НУКЦ) СО МЕДИЦИНСКИ ФАКУЛТЕТ И УРГЕНТЕН ЦЕНТАР |
НЕТО 102 050м2 |
БРУТО 166 317м2 |
II. |
ПОТРЕБНИ ПОВРШИНИ ЗА СТОМАТОЛОШКИ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР(СКЦ) СО СТОМАТОЛОШКИ ФАКУЛТЕТ |
НЕТО 10 275м2 |
БРУТО 13 700м2 |
III. |
ПОТРЕБНИ ПОВРШИНИ ЗА ИНСТИТУТ ЗА СУДСКА МЕДИЦИНА И КРИМИНАЛИСТИКА (ИСМК) |
НЕТО 7 389м2 |
БРУТО 10 113м2 |
IV. |
ПОТРЕБНИ ПОВРШИНИ ЗА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ЗА ДУШЕВНИ БОЛЕСТИ (КЦНДБ) |
НЕТО 42 663м2 |
БРУТО 56 883м2 |
V. |
ПОТРЕБНИ ПОВРШИНИ ЗА ГРУПНО ДОМУВАЊЕ ЗА СТУДЕНТИ И СПЕЦИЈАЛИЗАНТИ |
НЕТО 16 146м2 |
БРУТО 21 528м2 |
VI. |
ПОТРЕБНИ ПОВРШИНИ ЗА ВРЕМЕНО ДОМУВАЊЕ –ХОТЕЛ ВО ФУНКЦИЈА НА НОВИОТ УНИВЕРЗИТЕТСКИ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР (НУКЦ) СО ПРИДРУЖНИ КОМЕРЦИЈАЛНИ СОДРЖИНИ И КАТНА ГАРАЖА |
НЕТО 14 415м2 |
БРУТО 19 220м2 |
VII. |
ПОТРЕБНИ ПОВРШИНИ ЗА МАЛИ КОМЕРЦИЈАЛНИ И ДЕЛОВНИ НАМЕНИ СО КАТНА ГАРАЖА |
НЕТО 6 288м2 |
БРУТО 8 384м2 |
VIII. |
ПОТРЕБНИ ПОВРШИНИ ЗА СПОРТ И РЕКРЕАЦИЈА НА ВРАБОТЕНИТЕ |
НЕТО 7 425м2 |
БРУТО 9 900м2 |
IX. |
ПОТРЕБНА ПОВРШИНА ЗА СООБРАЌАЕН ТЕРМИНАЛ |
НЕТО 4 840м2 |
БРУТО 6 454м2 |
X. |
ПОТРЕБНА ПОВРШИНА ЗА ХЕЛИДРОМ |
НЕТО 2 910м2 |
БРУТО 3 880м2 |
XI. |
ПОТРЕБНА ПОВРШИНА ЗА ЕНЕРГЕТСКИ БЛОК |
НЕТО 4 412м2 |
БРУТО 5 883м2 |
XII. |
ПОТРЕБНИ ПОВРШИНИ ЗА ОТВОРЕНИ ПАРКИРАЛИШТА |
НЕТО 20 660м2 |
БРУТО 20 660м2 |
XIII. |
ПОТРЕБНИ ПОВРШИНИ ЗА ЗЕЛЕНИЛО И РЕКРЕАЦИЈА – ПАРКОВИ И СКВЕРОВИ |
НЕТО 471 005м2 |
БРУТО 471 005м2 |
XIV. |
ПОТРЕБНИ ПОВРШИНИ ЗА СООБРАЌАЈНИЦИ ВО ПЛАНСКИОТ ОПФАТ |
НЕТО 135 860м2 |
БРУТО 135 860м2 |
ВКУПНО: |
НЕТО 846 338м2 |
БРУТО 949 787м2 |
Пред крај би сакал да дадам едно гледиште од аспект на идниот развој на локацијата за НУКЦ-Скопје и околните простори кои тангираат до неа, но и развојот на локацијата каде што е стациониран постојниот УКЦ „Мајка Тереза“. При реализацијата на НУКЦ – Скопје ќе започне еден инвестициски циклус којшто ќе има влијание на сите сфери од општествено-економското дејствување. Притоа ќе произлезе создавање на еден нов „јавен центар“ од петти степен во град Скопје, а со државно значење. Тој би претставувал „град во градот“ или „медицински град“ кој ќе ги вклучи околните простори и населби, преку создавање на нови градски ткива со пропратни содржини и намени (домување, деловно-комерцијални намени, зелени и рекреативни зони) и ќе предизвика интерес кај сите чинители кои ќе сакаат да партиципираат во неговото создавање и живеење. Дислокацијата на постојниот УКЦ „Мајка Тереза“ најнапред ќе предизвика позитивни ефекти од аспект на намалување на бројот на возила и интензитетот на сообраќајот долж примарната градска мрежа булевар „Теодосиј Гологанов“ и улица „Мајка Тереза“. Понатаму, постојната „стара“ локација и градбите кои егзистираат на тој простор ќе добијат соодветна пренамена (деловни намени, намени од областа на културата и сл.), а во согласност со ГУП на Град Скопје 2012-2022 година. Ќе се придонесе и кон подобрување на животната средина преку деконтаминација на земјиштето и создавање на можност за нови зелени и рекреативни содржини со што ќе бидат вклучени и потребите на околните населби. Истовремено, промената на содржини на двете локации ќе придонесе до создавање на нови урбани средини со нов квалитет и вредносно значење.
За крај би потенцирал дека урбанистичкото планирање е мултидисциплинарна професија, со учеството на експерти и стручни лица од различни професии (архитекти, сообраќајни инженери, градежни инженери, електроинженери, машински инженери, шумарски инженери, географи, археолози, инженери за заштита на животна средина, економисти итн.) кои при изработката на овие стратешки документи (ГУП-ови), како и планови од пониско ниво (ДУП и УПЧ), придонесоа за оформување на една сеопфатна анализа од која произлезе современ плански концепт за планирање на НУКЦ – Скопје, а со тоа дадоа придонес и за создавање на нови центри на Град Скопје.
Иван АРСОВСКИ, д.и.а. (планер урбанист)
* * * * * * *
НЕВОЗМОЖЕН БРЗ И АДЕКВАТЕН ТРАНСПОРТ
Клиничкиот центар како најголем и најзначаен медицински центар во државава, кој всушност го покрива лекувањето на целото население во Македонија дневно се соочува со огромен број проблеми. Покрај недостаток на просторни капацитети и персонал, дневното работење на клиниките се судира со еден огромен проблем, а тоа e пристапот до комплексот и внатрешната комуникација, како пешачка така и сообраќајна.
Многу е зборувано за развојот на медицината на светско ниво и високите стандарди на болничките комплекси, но ништо не е направено. Во нашиот болнички комплекс секојдневно се судираме со најосновни, најелементарни проблеми кои го нарушуваат функционирањето на клиниките и се дополнителна опасност за здравјето на веќе болните. Нашиот Клинички центар едноставно е недостапен. Недостапен е за персоналот, недостапен е за пациентите, недостапен е за посетителите, недостапен е за амбулантни возила кои секаде во светот имаат предност. Брз и адекватен транспорт до влезот на клиниката, а и во самиот центар е невозможен. Тоа е недозволиво во комплекс каде секоја минута е драгоцена и може да биде пресудна за животот на пациентот. Внатрешната комуникација помеѓу клиниките е невозможна. Транспортот на пациенти од една до друга клиника се одвива многу тешко во еден сообраќаен и пешачки метеж, каде неретко се транспортираат болни, тукушто оперерина со колички, надвор на отворено од една до друга клиника. Сè ова е производ на децениското запоставување на центарот и неминовна е негова дислокација.
д-р Маја МОЈСОВА-МИЈОВСКА (раководител на КАРИЛ)
Среќен,пресреќен што овј урбанистички проект ќе се реализира и честитам на колегите посебно на колегата ИВАН АРСОВСКИ и посакувам да го финализира. СЕ СЃЕТАМ СЕБЕСИ КАКО ПИОНЕР КОЈ СО СВОЈОТ ЛИЧЕН ТЕКСТ ВО УТРИНСКИ ВЕСНИК И ФЕЈЗБУК ОБЗНАНИВ И ПОТИКНАВ ТАКОВ ГРАНДИОЗЕН УРБАНИСТИЧКИ ЗАФАТ ГО ДОГЛЕДА СВЕТЛОТО НА ДЕНОТ.ААМ ,ПРЕДВОДЕНА ОД АРХ.МАРТИН ПАНОВСКИ УСПЕА ПРОЕКТОТ ДА ГО ПРЕЗЕНТИРА НА ШИРОКАТА ЈАВНОСТ И РЕЗУЛТАТОТ Е ВИДЛИВ!!! ЗАЧУДУВА ЗОШТО УПАТЕНИТЕ ДОСЕГА МОЛЧЕА ПА СЕ ПОЈАВУВААТ ДУРИ СЕГА ИСТИОТ ДА ГО ПРЕПОРАЧУВААТ! УРБАНИЗМОТ НЕСМЕЕ ДА БИДЕ ЗАРОНЕНИК НА ВЛАСТА.ПОШТЕНО Е ДА СЕ ПРИЗНАЕ ДЕЛА СЕ ЧУВАШЕ КАКО ДРЖАВНА ТАЈНА.ЗАТОА ЈАС СЕ ЧУСТВУВАМ ПИОНЕР и СО ТОА СЕ ГОРДЕАМ. СЕГА БИТКАТА СЕ ВОДИ КОЈ ИСТИОТ ПРОЕКТ ТРЕБА СТРУЧНО ДА ГО МЕНАЏИРА ЗА УСПЕШЕН ПОЧЕТОК И КРАЈ КАДЕ НЕСМЕЕ ДА ИМА ГРЕШКИ И ВОЛУНТАРИЗАМ.КОИ СЕ БОРЦИТЕ ВО ОВАА БОРБА КОЈ БЕА ВО ДЛАБОКА ИЛЕГАЛА БИДЕЈЌИ НЕМОЖЕА ДА СЕ ОПРЕДЕЛАТ КОН КОЕ ,,ЦАРСТВО “ДА СЕ ПРИКЛОНАТ,ПА МАКАР И ПО ШТЕТАТА ЗА МАКЕДОНСКОТО ЗДРАВСТВО.
Cestitki Vladimir Pota za upornosta i istrajnosta vo prezentiranje na idea koja e od interes na gragjanite na Republika Makedonija vo celost. Ti posakuvam da bides del ot timot sto ke go sproveduva proektot i veruvam deka uspesno ke ja realizirate zadacata sto si ja zadadovte pred Vas.