Скопје е побогат за нов парк, на левата страна на Вардар во срцето на некогашното Пајко Маало, веднаш зад Националната филхармонија.
Иако на тоа место со ДУП Ц01 „Мал Ринг“ од декември 2012 изработен од ИНПУМА, предвидени се површини за градење за деловни објекти со висина 14 и 16 метри и подземна улица изграден е новиот парк „Ибни Пајко“ со површина од околу 11.000 квадратни метри. Овој парк е јавен простор неаменет за одмор и рекреација на граѓаните.
При уредувањето на овој простор кој беше запуштен, зачувани се затекнатите 12 дрвја, а новите 85 садници се засадени во дрвореди кои се протегаат низ неколку насоки во паркот, кои за некоколку години треба да обезбедат сенка. На патеката по должината на булеварот „Гоце Делчев“ засадена е жива ограда за да го штити паркот од прашината и бучавата на возилата, а во паркот засадени се вкупно 7500 квадратни метри трева со прскалки и системи за наводнување кои работат на принципот „капка по капка“.
На отварањето на паркот „Ибни Пајко“, градоначалникот Шилегов изјави: „Градот е особено горд на фактот што за подигнувањето на паркот се потрошени точно 0 денари преку посебни јавни набавки. Зеленилото, патеките и урбаната опрема што ги гледате тука се одвоени од редовните програми на Градот и јавните градски претпријатија, а мал дел од нив се донација од општествено одговорни компании“.
фото: КИРО ПОПОВ