Насловна / Вести / Скопје градот на Вардар

Скопје градот на Вардар

Градовите се најчесто препознатливи по својот изглед, стил и карактер, историјат, но и по мирисот кој доаѓа од водата или од реката, ако ја има. Скопје има реки, а често поетски е нарекуван по најголемата – градот на Вардар. Но дали градот живее на реката, е прашање кое често ми се наметнува? Ова ме поттикна да се впуштам во една аналитичка прошетка низ речното корито и неговите брегови.

4H5A8564

Од сливот на реката Треска во Вардар па сѐ до мостот на булевар „Србија“, брегот на реката Вадар со сите кривини има околу 20 километри. Ако се земе предвид дека низ некои населени места во градот минуваат и реките Треска и Лепенец, должината на крајбрежјата се зголемува. Градот во шеесеттите години живееше на речните брегови. Старите скопјани ја паметат и поплавата од 1962 г. кога реката се излеа и ги поплави мостовите и околните куќи. По земјотресот во 1963 г. како еден од најкапиталните објекти во постземјотресниот период беше регулацијата на коритото на Вардар. Коритото на Вардар е оска на градот, а кејовите се дефинирани како рекреативни крајбрежни зони. Врвни експерти на Обединетите нации ја прогласија оваа зона во распон од 600 метри за забранета зона за градба. Реката Вардар, до денес, како нем сведок ни ја раскажува својата приказна и приказната на градот крај река, но за жал градот веќе не живее на реката. Тој како да побегна од неа.

4H5A8586

Денес ако тргнете на прошетка од сливот на Треска, од запад спрема исток, по течението на реката Вардар, ќе забележите дека голем дел од бреговите се  институционализирани  и неинтересни  за граѓаните. Зелените појаси постепено се претвораат во зона за сервиси, ситни стопанства, паркиралишта за тешки возила и депонии.  Надеж буди препознатливата зелена агломерација во Карпош 4, дефинирана како спортско-рекреативна зона. Во оваа зона изграден е рекреативен парк за кој беше распишан јавен анонимен конкурс. Комплексот содржи адреналински парк, две игралишта со песок, скејт-парк, сквер и детско игралиште –  урбани содржини што се благодат за жителите на овие населби. Понатаму се надоврзува засега единствениот функционален спортско-рекреативен комплекс со салата „Борис Трајковски“, Олимпискиот базен, хотелот „Александар Палас“ со своите спортски терени, оранжериите на градското претпријатие „Паркови и зеленило“. Во агломерацијата на градскиот парк е најубавото нешто што им се случи на реката и на градот во последната деценија  – шеталиштето и рекреативните патеки на кејот. На левиот брег, во увалата по мостот „8 Септември“, никнува нова станбена населба покрај речното корито на местото на старите куќарки. Модернизацијата на домувањето како содржина во овој дел од просторот ми влева оптимизам и пријатно чувство дека тоа е содржина што ќе го збогати овој дел од крајбрежјето. На возвишенијата се забележуваат Амбасадата на САД, Музејот на современа уметност, ѕидините на Калето, Камениот мост. Камениот мост е сочувана градба од посебно значење за градот, зборува за континуитет, историја и е белег на градот на секоја разгледница. Порано, ако застаневте на десниот брег кај Камениот мост, погледот ќе ви одлуташе кон Старата скопска чаршија, камбанаријата на црквата Свети Спас, сѐ до куполите на Даут-пашиниот амам. Кога ќе се најдевте на левата страна, имавте импресивна панорамска глетка на силуетата на градскиот ѕид и падините на Водно. Но, работите се променија, за жал на полошо.

4H5A8543

ДАЛИ КВАЛИТЕТОТ И УБАВИНАТА НА ЦЕЛИОТ ОВОЈ ПОТЕГ СЕ ЗАЧУВАНИ?

Доживувањето кое беше овозможено вдолж рекреативната патека е веќе нарушено. Подградието под скопското Кале кое со ГУП е предвидено како контактна зелена зона е веќе зафатено со нови градби. Тие ја нарушуваат визурата и ја кријат силуетата на ѕидините. Калето и целиот рид кој се протега до Крив Дол и продолжува до касарната Илинден па се надоврзува на ридот на МСУ претставува единствена целина во континуитет која со ништо не смее да се наруши. Денес кога Калето со сѐ што му се случува влегува во класични бирократски лавиринти, а во подградието до бедемите на највредниот историски споменик од прва категорија, се изградени и се градат објекти со неадекватна архитектура и висина, не можам да не речам дека ја гледам целата беда што му се случува на брегот на реката и градот. Тажната слика продолжува со комплексот „Скопје 2014“, кој на левиот бег го зазеде просторот на зелениот појас и го затвори платото на МНТ и објектите од културниот центар. Отспротива пред кулите и трговскиот центар исчезна шеталиштето со клупи и урбана опрема низ кое трчаа деца и седеа луѓе во попладневните часови, а кое беше изведено по проектот на арх. Живко Поповски. Таму се сѐ уште истурени тенди од кафулиња и просторот е сѐ уште заградено градилиште. Со изградбата на новиот објект на банка на плоштадот Македонија, уништена е и можноста за изградба на подземна сообраќајница низ центарот на градот. Се надевам дека според најавата градоначалникот ќе собере сили да ги расчисти узурпираните простори од шеталиштето и да им ги врати на граѓаните во првобитна состојба, а би било убаво да се влие во еден убав парк пред хотелот „Холидеј Ин“.

4H5A8516

Локацијата „Холидеј Ин“ која ја бранува јавноста подолго време, се чини влегува во својата завршна фаза со погубни резултати. Оваа локација е нереализирана визија од постземјотресниот период на Скопје. Овој простор како социјален градски простор во централното јадро со излез на река и шеталиште има речиси исто значење за градот како главниот градски плоштад. Скандалозниот предлог-проект за изградба на висококатници за домување ќе го претвори центарот на градот во најгусто населено подрачје  со целосно нехумани услови за живеење. Покрај многуте неодговорени прашања, планот кој деновиве циркулира во јавноста, не предвидува зелен простор од 20 % од парцелата, согласно Законот за урбано зеленило. Не е познато ниту како ќе се обезбеди заштита на кејот на реката, ниту отвореност на просторот кон реката. Отворено е прашањето како ќе се сочува јавниот простор и постојното зеленило. Целиот процес од оформување  градежна парцела, правење ДУП-ови, варијанти на планерски куќи, смалување на катноста и густината, па сѐ до „зелената кула“ на Мартин Пановски со 3Д презентација во која наводно ги решава сите проблеми, е нејасен и крајно нетранспарентен. После сѐ единствено ми е јасно дека: нелегален ДУП не е основа за легална дозвола, не се знае точно кој е ДУП-от за целиот простор вклучително со Ново Маало, нема јасна програма за содржината на трите кули, таа е во процес на менување. Засега е повеќе од јасно дека ДУП-от не добар, а е на сила по одлуката на Уставниот суд. Архитектурата и урбанизмот прават чуда во секој простор, но преку темелни анализи, современи проекти и идеи, преку конкурс  и транспаренти постапки, што овде не е случај. Затоа го респектирам повикот на зелената партија ДОМ и сите нејзини барања. Урбанизам воден од приватно и политичко профитерство може да има разорни ефекти врз целото општество.

4H5A8509

Коритото на реката во центарот на градот сѐ уште изгледа жално. Галиите и ѓубрето околу нив сѐ уште се тука. Неуспешните уметнички инсталации, скулптури, настрешници од плажи кои не се во функција, како и новите објекти, го направија пејзажот во и околу реката тажен, неинспиративен и оптоварен со чувствителни теми од историјата. Го перципирам просторот околу бреговите со особена чувствителност бидејќи е полн со знаци за тоа кои сме, што сме и каде одиме. Наративниот потенцијал на овој простор заслужува посебно внимание и од струката и од политиката. Ако ја прочитате истражувачката сторија на новинарот Гоце Трповски за состојбата на скопскиот Акропол, ќе се запрашате кои луѓе живеат на овој простор. И господа градоначалници не се осмелувајте да зборувате за туризам додека не ги доведете во ред главните обележја на градот покрај реката. Споменикот на Александар и „Скопје 2014“ не се дестинации за туристичка понуда.

Во централното јадро за мене од посебен интерес се и кејовите покрај населбата Маџир Маало. На просторот на старата населба Маџир Маало никнува нова гетоизирана населба според ДУП-от кој со незначителни корекции после мораториумот е ставен во сила. Тој не нуди некакво квалитетно решение за брегот на реката. Ако овој значаен простор со неспорни вредности за градот добил некаков урбанистички пиедестал во плановите на Кензо Танге, тогаш вреди да се подразмисли и да му се посвети посебно внимание, ако не на друго тогаш барем на кејските површини.

4H5A8549

Кон исток преку реката се протега транспортниот центар. Левиот брег после Железничкиот мост е запуштен и без зеленило, со ситна структура од куќи и супстандард, а зад нив индустриски објекти. Спрема исток паралелно со течението на реката се развива населбата Аеродром. Бреговите имаат пешачки и велосипедски патеки, текот на реката е по мирниот рамничарски предел. Погледот не ви го задржува разигран пејзаж, туку нерамен хоризонт со посебно извлечени акценти во силуетата на фабрички оџаци и поединечни згради. Населбата Аеродром има привилегија да го користи десниот брег на реката Вардар. Кејот е уреден со пешачка и велосипедска патека, на места со клупи за седење со зелен појас, а дел од станбените објекти се ориентирани вдолж и кон реката. Покрај брегот се лоцирани: комплексот на хотел „Русија“, Спортската сала „Јане Сандански“ и придружните спортски објекти, Паркот на пензионерите, новиот хотел „Хилтон“, комплексот со авиончето и забавниот парк. На левиот брег е Европскиот факултет ФОН и станбениот комплекс „Космос“. Сите овие содржини го збогатуваат просторот и секојдневното живеење на жителите.

Левиот брег кај населбата Керамидница е сѐ уште неуреден и можеби во иднина со нови согледувања за урбан развиток и спојување на левиот брег со  мост,  тој ќе добие адекватна содржина.

На крајот од мојата прошетка ќе заклучам дека имаме река и речни брегови кои се на многу места неадекватно искористени, зелените појаси се на многу места уништени, а во централното јадро крајбрежјето е деградирано на начин кој е погореопишан. Денес кога се бориме за секое парче јавен простор во градското ткиво и за секое парче зеленило и кога сме свесни колку ни е потребен зелениот јавен простор, не смееме да си дозволиме да не го користиме или погрешно да го искористиме јавниот простор покрај реката. Реката ни е дар од природата, а крајбрежните простори во сите планови се дефинирани како рекреативна крајбрежна зона. Затоа се залагам за обнова на зелените појаси вдолж реката секаде каде што тоа е возможно, обнова и изградба на шеталишта со содржина и урбана опрема, плоштади и зелени оази. Тие ни се потребни повеќе од кога било. Познатата исландска поговорка „Човек на човека се радува“ ни е сѐ поприсутна во овие пандемични времиња. Скопје ако претендира да биде зелена престолнина треба да го впрегне сиот потенцијал на архитектонската професија, да му застане на пат на профитерскиот урбанизам и да ги реши проблемите во централното јадро. Здрав и квалитетен живот на граѓаните може да им овозможи само компетентна и одговорна градска власт во соработка со некорумпирана стручна фела.

АВТОР: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top