Насловна / Вести / Скопје град на културата, како нова шанса кон нова визија и екотранзиција

Скопје град на културата, како нова шанса кон нова визија и екотранзиција

ЕКОТРАНЗИЦИЈА И НЕЈЗИНАТА АПЛИКАТИВНОСТ ВО УРБАНИЗМОТ

Екотранзицијата во урбанизмот претставува нов начин на размислување за тоа како ние комуницираме со природната средина. Во нејзината есенција, таа ја интегрира зелената инфраструктура во урбаниот развој, фокусирајќи се на минимизирање на загубата на природен капитал, истовремено оптимизирајќи го урбаниот екосистем. Овде не станува збор само за изградба на паркови и нивно интегрирање со водените урбани површини. Станува збор за повторно реобмислување на урбаните јадра, како живи организми кои мора да коегзистираат со природата за да преживеат. Сведоци сме на фактот дека градовите денес трошат огромни количини ресурси – енергија, вода, земја – и произведуваат подеднакво огромни количини отпад. Затоа, нашиот предизвик е да ја намалиме оваа потрошувачка, да промовираме економии кои ја стимулираат употребата на обновлива енергија.

Екотранзицијата ги допира сите аспекти на градскиот живот: енергетска ефикасност, локалното производство, урбаните градини и управувањето со отпад. Но, уште поважно, бара од нас повторно да размислиме на кој начин и со кои алатки ги креираме и ги градиме нашите градови. Конвенционалниот пристап кон урбанизмот кој го диктира капитализмот – заснован на бесконечен раст и потрошувачка – мора да се промени. Ние сме во фаза кога неолибералниот капитализам буквално ја уништува планетата, па она што директно се прелева во нашиот контекст е односот кон земјиштето. Притисокот од тоа што повеќе да се заработи и изгради, со секоја просторна интервенција без разлика од природата на проектот, нужно ѝ налага на заедницата да изгради критички став кон тој производ. Земјиштето е скапоцен и необновлив ресурс што доколку се изгради нема назад, уште помалку ако тоа се случи неплански.

Затоа, мора да се стремиме кон генерирање урбани морфологии кои можат да функционираат во хармонија со природната средина, промовирајќи здрави и активни јавни средини, преку намалување на јаглеродниот отпечаток и сеопфатното подобрување на биолошката разновидност.

Оваа транзиција, исто така, иницира поширока општествена промена. Екоурбанизмот е инхерентно колаборативен. Вклучува локални заедници, партиципативното граѓанство и мултидисциплинарни експерти кои можат да влијаат повеќекратно кон мултиплицирање на средини кои се безбедни, атрактивни, промовираат лесен пристап до природните ресурси и различни можности погодни за усвојување на здрави начини на живот. Урбанистите не можат да работат изолирано, бидејќи имплементирањето на екотранзитивната идеја бара соработка, иновации и заедничка општествена визија за одржливост.

ЕКОТРАНЗИЦИЈА ИМПЛЕМЕНТИРАНА ВО ЛОКАЛЕН КОНТЕКСТ

Во контекст на Скопје, предолго истиот се карактеризира со неконтролирано проширување, хаотична распределба на намените и непочитување на историскиот и културниот идентитет на градот. Последиците од овие практики се очигледни: фрагментирани населби, деградација на животната средина и сè поголем јаз меѓу различните социоекономски групи во градот.

Екотранзицијата му нуди на Скопје можност да ја врати природата во градот и со тоа да го подобри квалитетот на животот на своите граѓани. Ова вклучува не само проширување на зелените површини, туку и заживување на постоечките, правејќи ги подостапни и интегрирани во секојдневниот живот на градот. На пример, централните градски области кои биле уништени или запоставени имаат голем потенцијал за претворање во јавни простори кои промовираат физичка активност и социјална интеракција. Со тоа, можеме да ја подигнеме вредноста на зоните за домување, а истовремено да се занимаваме со прашања како урбаната мобилност и загадувањето.

Понатаму, еколошката транзиција на Скопје мора да го земе предвид уникатниот географски и културен контекст на градот. Не може да се применува ист пристап и да наметнеме едно решение кое одговара на сите. Наместо тоа, мора да ја почитуваме историската слоевитост на градот, признавајќи дека секое маало, секоја улица има своја приказна и значење. Транзицијата мора да изгради мостови помеѓу минатото и иднината, помеѓу традицијата и иновациите.

За Скопје, екотранзицијата не се темели само врз одржливи проектни реализации или врз чиста енергија. Станува збор за создавање здрав град – град кој промовира безбедност, пристапност и благосостојба. Станува збор за обезбедување на социјална правда, помала изложеност на урбани стресори и сигурност дека сите граѓани имаат пристап до природата, чист воздух и до ресурсите што им се потребни за да водат здрав живот.

КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА НА ПРЕДИЗВИЦИТЕ ВО СКОПСКИОТ УРБАНИЗАМ

Скопје, како и многу други градови во регионот, се соочува со значителни предизвици во урбанистичкото планирање. Честата измена и неусогласеноста на законската регулатива, актуелниот закон за урбанистичко планирање, особено со одредени плански одредби кои непромислено произлегоа како негов „брилијантен“ производ, сегментираното решавање на просторот, неажурираноста на стратешките документи, односно немањето соодветна просторна рамка која ќе го гарантира просторниот развој во иднина, Законот за легализација, приматот на приватната сопственост на сметка на јавната која не ја заштитуваме, се само низа од случувањата кои ги разорија принципите на урбанизмот во Македонија.

Во истовреме интелектуалната кратковидост на градоначалниците и на советите, која произлегува од природата на Изборниот законик за реизбор на секои четири години и немањето слух кон суштинските теми, го произведува дисконтинуитетот во планирањето, па така наместо да се работи кон континуирано унапредување на заедницата и да се слуша гласот на граѓаните во најголем број од случаите, во фокусот е имплементација на проекти „коишто се инстант видливи“. За жал донесувањето на повеќегодишни стратегии и програми за развој, заштитата на природните ресурси и донесувањето на урбанистички и просторни планови, не е една од нив. Нивната изработка, донесување и имплементирање бараат континуитет, посветеност, ресурси и време, нешто што ние како заедница 30 години го занемаруваме.

Ова резултираше со град кој не само што е социјално и просторно фрагментиран, туку е и еколошки деградиран. Зелените површини во Скопје се намалуваат дури некаде се и до 8 % што е фрапантен податок ако знаеме дека оптимално по глава жител треба да изнесува 25 %, аерозагадувањето расте, а еколошката правда во овој момент е далечна цел.

СО РАДИКАЛНИ МЕРКИ КОН РАДИКАЛНИ ПРОМЕНИ

Решението за урбаните предизвици на Скопје лежи во усвојувањето на сеопфатен, долгорочен пристап кон урбаното планирање – кој се заснова на одржливост, инклузивност, приспособливост и континуитет. Во очи на изработката на новиот Генерален урбанистички план (2022-2032), постојат неколку принципи кои треба да го водат развојот на Скопје. Адекватна обработка на податоците од терен и усогласување со податоците од пописот со цел правилно редимензионирање на комуналната инфраструктура, зелените простори, зелените површини во градот.

ГУП 2012-2022

Прво, неопходна е сукцесивна реевалуација на индустриските зони во централното урбано јадро. Разгледување на можноста за дислокација на постоечките индустриски капацитети според степенот на штета кој го предизвикуваат врз животната средина или нивна пренамена во функции од јавен карактер за дисперзија на централните јавни фукнции, главно во градски четврти со домување, по претходно инволвирање на сите засегнати чинители.

Второ, мора да дадеме приоритет на зелената инфраструктура. Ова значи создавање и утврдување на минимум зелени заштитни појаси околу индустриските зони, проширување на парковите и урбаните шуми и на процентот на блоковско зеленило воопшто, како и регулирање на реализацијата на зеленилото на ниво на градежна парцела. Зелените површини не се само естетски карактеристики – тие се од суштинско значење за здравјето и за благосостојбата на урбаните жители.

Трето, урбанистичкото планирање на Скопје мора да прифати мултидисциплинарен пристап. Урбанизмот не е само архитектура или инфраструктура; се работи за луѓе. Со вклучување на експерти од области како јавното здравство, психологија и социологија, можеме да се погрижиме развојот на Скопје да промовира и еколошка одржливост и социјална благосостојба.

Конечно, учеството на граѓаните е клучно во процесот на планирање. Скопјани мора да бидат вклучени во процесот на планирање, не само како пасивни набљудувачи туку како активни учесници низ низа процеси. Ова значи создавање платформи за дијалог, учества во партиципативни тела, охрабрување на проекти водени од заедницата и обезбедување дека одлуките за планирање ги одразуваат потребите и аспирациите на жителите на градот и се донесуваат во нивни интерес.

СКОПЈЕ ГРАД НА КУЛТУРАТА 2028 – шанса за реализација на нова визија за градот

Означувањето на Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година претставува единствена можност за усогласување на зачувувањето на културата со екотранзицијата на девастираното градско ткиво.

Иницијативата Европски престолнини на културата (ECOC) е дизајнирана за да се подвлече богатството и различноста на културите во Европа, да се промовираат културните карактеристики што ги споделуваат Европејците, да се акцентира чувството на припадност кон заедничкото културно подрачје на европските граѓани како и за поттикнување на придонесот на културата во развојот на градовите.

Преведено, ова за Скопје би значело вистински предизвик за сите нивоа на управување во државата и во градот, особено заради поставениот постулат на доверениот проект, а кој гласи „Културата над поделбите“. Oва е клучен момент за неприкосновената автономија на културата во општеството, момент за создавање ново вредносно јадро, за ново сведоштво на феноменот солидарност, за промовирање на регенеративни урбани практики на градот преку возобновувањето на духот на местата и градските урбани симболи и нов импулс кон култура воопшто. Не само онаа што се наѕира од клучните градски симболи врз кои се темели општествениот идентитет туку и онаа локалната, во маалата која се состои од навиките, обичаите и тенденциите на урбаните жители.

Оттука ЦЕЛИТЕ НА ПРОЕКТОТ ГРАД НА КУЛТУРАТА СКОПЈЕ 2028 година би се однесувале на:

  1. Инкорпорирање на просторни интервенции: Реафирмирање на идејата за дисперзивност преку поврзување на јавните простори со центарот (отворените трговски центри) кои произлегуваат како екстензии од ОУП од 1985, воскреснувајќи ги маалските центри и поттикнувајќи ја социјалната функција кај корисниците главно во зоните за домување. (пр. таргетирање и реобмислување на поранешните 12 киноцентри низ Скопје);
  • Истакнување на културните симболи на градот низ различни епохи покажувајќи го идентитетот на градот низ културно наслојување (Скопје пред отоманскиот периодстарото Скопје до бедемите на тврдината КалеСкопје во периодот помеѓу Балканските војни – Втората светска војна и Скопје низ постземјотресната обнова – транзицијата и обид за зачекорување кон современите текови;
  • Адаптибилниот потенцијал на индустриските објекти во централното урбано јадро, ревитализација и пренамена на објектите, како и регенерирање на земјиштето;
  • Обезбедување на континуитет долж последните зелени упоришта на градот и важноста од имплементирање на континуирани коридори и нивно поврзување со континуираните водени површини во градот (Градски парк, Парк шума Гази Баба, Тафталиџе, Расадник (можен потенцијал), кеј, Водно и конектори);
  • Возобновување на духот на местата и на градските урбани симболи;
  • Промовирање на регенеративни урбани практики согласно со потребите на заедницата;

б. Стратегиски плански ажурирања: Од онаму каде ја изгубивме насоката со ЦИАМ, (потпирање на постулатите од ОУП од 65 и 85 за Скопје, планирањето денес и Скопје во чекор со модерните текови на живеење кои произлегуваат од потребите кај популацијата).

в. Мултидисциплинарна соработка во процесот на планирањето.

г.  Зачувување и локално културолошко поврзување како и туристичка афирмација.

д. Вклучување на заедницата во сите урбано генеративни процеси.

Проектот Скопје град на културата 2028 е повеќе од културна прослава – тој е шанса да се редефинира градот низ објективот на одржливост, издржливост и инклузивност, во момент кога и планскиот период на Просторниот план на градот како и Генералниот урбанистички план се изминати. Со ревитализација на клучните области на градот – како што се неговите јавни простори, културните знаменитости и зелената инфраструктура – можеме да ги поставиме темелите за една нова ера во урбаното планирање на национално ниво.

Пошироките цели на проектот Скопје град на културата 2028 се протегаат надвор од зачувувањето на културата – тие вклучуваат поттикнување на благосостојбата на заедницата, справување со еколошките предизвици и промовирање на социјалната кохезија. Со заживување на јавните простори, зајакнување на зелената мрежа на градот и обезбедување на правичен пристап до овие простори, Скопје ќе создаде поправедни и поотпорни урбани средини кои нема да се олицетворение на социјален расизам и неправда и упоришта на урбани стресори.

Оттука и иднината на градот лежи токму тука, во неговата способност да се прилагоди на барањата на модерното живеење, отелотворувајќи го ветувањето за подобра, позелена и поинклузивна иднина, истовремено почитувајќи ги богатите културни и историски слоеви кои го обликувале неговиот идентитет.

Испрати коментар

Scroll To Top