Синоќа официјално отпочна со работа комплексот „Македонско село“ во кој се сместени 12 типишно македонски куќи од повеќе региони во државава.
„Македонско село“ е комплекс изграден во традиционален дух на македонската архитектура од 19 и 20 век.
Селските куќи се изградени по ликот на куќите од различни географски подрачја на Македонија и тоа: куќа од Битола, Велес, Прилеп, Галичник, Рекански крај , Кратовска, Беровска, куќа од Делчево, Куманово, Тетово и од Скопска Црна Гора.
Гости на домаќинот Владимир Тодоровиќ, поранешен градоначалник на ВМРО ДПМНЕ во Центар, чија компанија „Тинекс“ успеа да ја добие концесијата за работење со комплексот „Македонско село“, беа голем број министри од Владата и политичари.
Во комплексот е изграден „Етнолошки музеј“ во кој ќе бидат изложени предмети од македонската култура, народни носии, како и археолошки содржини.
Посетителите ќе можат да уживаат во богатите вкусови на македонска храна и амбиент во трите ресторани кои нудат различна гастрономска понуда.
Етно амбиентот е надополнет со занаетчиски работилници каде гостите ќе можат да се запознаат со традиционалните занаети карактеристични за македонското поднебје, а за најмладите амбиентот ќе биде збогатен со домашни животни.
Комплексот го изгради Владата и за тоа плати пет милиони евра. Компанијата „Тинекс“ ќе стопанисува со Македонско село во следните 10 години и месечно ќе и плаќа на државата по 3.500 евра.
Во еден од наредните броеви на „Порта3“, ќе биде претставен комплексот „Македонско село“.