Иако Редакција „Порта 3“ не објавува политички соопштенија, сепак идејата на Либералната партија е нешто што заслужува внимание и затоа го поддржуваме со тоа што ќе се најде и на нашиот портал.
Од Либералната партија бараат да се направат измени во Законот за градење со кои Скопје ќе може да се шири само во ново-проектирани општини, а во постоечките општини да се прогласи мораториум за градење.
“По најавата на Министерството за транспорт и врски дека се подготвува нов Закон за градење, бараме новото законско решение да дозволува мораториум за градба во постоечките општини на градот Скопје, поради пренаселеност и сообраќаен колапс што влијае на здравјето и квалитетот на животот на граѓаните. Да се донесат измени со кои градот Скопје единствено ќе може да се шири во ново-проектирани општини (нови населби, нови станбени објекти) на запад, север и исток“, велат од Либерална партија.
Оттаму апелираат до градоначалниците на општините да не бараат алиби во пристапот дека од продажба на земјиште и комуналии се полнел буџетот.
“Од што ќе се полнат буџетите кога ќе се бетонираат последните зелени површини? Водењето општина подразбира грижа за потребите на граѓаните, и унапредување на квалитетот на животот, а не одлуки во интерес на градежната мафија“, нагласуваат од оваа партија.
Тие бараат Законот за градење да ја регулира областа на градежништвото по примерот на Република Србија.
“Србија е прва во регионот која почна на системски начин да го решава проблемот на пласирање „валкани пари“ во овој сектор, како еден од потенцијално ризичните за перење пари“, нагласуваат либералите.