Повеќе од 1.000 граѓани се собраа вчера пред Градскиот трговски центар и покрај студот и снегот скандирајќи „Не го даваме“ во знак на протест поради намерите на власта да го смени изгледот на култниот скопски трговски центар, односно да го обвие во т.н. „барокна“ фасада.
Настанот, кој беше најавен како „Новогодишно топлење на ГТЦ“, продолжи со забава за присутните, а на бината поставена пред влезот на објектот од страната на Плоштад „Македонија“ беа прочитани повеќе говори на дел од присутните, кои порачаа дека нема да и дозволат на власта да го смени изгледот, ликот на овој култен објект кој на скопјани им буди убави спомени, и е важен дел од нивната историја и култура.
Претседателката на здружението „Центар за културно наследство“ Донка Барџиева-Трајковска предложи да се интернационализира проблемот со реновирањето на ГТЦ и да се испрати декларација до сите поважни интернационални институции.
Синот на архитектот Живко Поповски, Аљоша, потенцираше дека ГТЦ не треба да се гледа како нечиј партиски симбол. „Инспирацијата за ГТЦ му е од западните земји, а не како што знаат да кажат дека таа е комунистичка. Тој работеше во Холандија и одеше по многу други европски центри и инспирациjата ја црпеше од еден трговски во Ротердам, од друг во Брисел“, објасни пред присутните наследникот на Живко Поповски.
И од Асоцијацијата на архитекти на Македонија ја повикаа власта уште еднаш да размисли за идејата и запрашаа кој е економскиот ќар ако се измени ликот на трговскиот.
Актерката Ана Костовска ја пeеше „Скопје радост ти ќе бидеш (градот убав пак ќе никне)“, а насобраните граѓани ја слушнаа и легендарната „Неправда“ од Лева патика.
Присутните по втор пат направија жив ѕид околу трговскиот палејќи жижици упатувајќи порака – со зимска прегратка го сакаме ГТЦ, таков каков што е.
Според информациите, до сега се собрани речиси 10.000 потписи за зачувување на автентичноста на ГТЦ.