Пула наскоро ќе добие хотел со пет ѕвезди по проект на проектансткото биро 3LHD.
Архитектите од реномираното загребско биро веќе реализираа неколку слични проекти на подрачјето на Истра, вклучително и два хотели во Ровињ, и двата со пет ѕвезди: хотелот Гранд Парк – кој чинеше 90 милиони евра – и хотелот Лоне, со кој 3LHD стана познат низ Европа.
Нивното ново архитектонско дело се вика Хотел Валкане, а ќе се наоѓа во зона на поранешниот каменолом во Пула, источно од градската плажа, во простор со експлоатиран пејсаж кој физички и визуелно го ограничува развојот на локацијата.
Хотелот ги обновува амбиенталните и обликовни вредности на просторот, го активира постоечкиот контекст со своите содржини и овозможува негово прилагодување на различните потреби на постојаните и привремените корисници.
„Прекршената линија на фасадата, добиена со повторување на модулот на сместувачката единица, ги реинтерпретира скалите на поранешниот каменолом со додавање на зелена фасада која го санира нарушениот пејзаж и создава ново зеленило во градот“, велат архитектите.
Според нивната замисла, новиот хотел го поврзува зеленилото на природниот зачуван пејзаж околу парцелата со ревитализираниот зелен партер и јавните површини покрај морето.
Паркот пред хотелот станува тампон зона помеѓу хотелската зграда и надворешните простори, објаснуваат од 3LHD.
Вкупната површина на парцелата на која ќе биде сместен хотелот со придружните содржини е 27.329 квадратни метри, од кои самата хотелска зграда ќе зафаќа половина или 13.189 квадратни метри.
Како што беше најавено на презентацијата на проектот што се одржа кон крајот на април во Пула, хотелот Валкане ќе биде првиот луксузен хотел од висока класа во пошироката област на најголемиот истарски град, а со неговата изградба ќе се санира просторот кој е запоставен од 1965 година.
Идејното решение предвидува два подземни и најмногу седум надземни ката со вкупно 180 соби, како и 183 подземни паркинг места, кои, како што се наведува, во целост ќе ги задоволат потребите на хотелот.
Планираната вредност на проектот е околу 66 милиони евра.