Насловна / Вести / Ситните ПМ честички го надвладеаа законот

Ситните ПМ честички го надвладеаа законот

Македонија влегува во редот на земјите каде што прогресивно со години наназад доаѓа до влошување на квалитетот на животната средина. Ситни ПМ честички се тие кои го заземаат главното место во македонското секојдневие особено сега пред почетокот на зимската сезона.

На конференцијата „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“ организирана од Македонската академија на науките и уметностите дебатираа експерти од сите научни области. Беа изнесени причинитеза загадувањето во сите нивоа, воздух, вода, почва, но се понудија и решенија.

“Македонија има многу добра законска регулатива за животна средина, одлична. Кога ги читате законите, подзаконските акти, се е тоа според европски стандарди направено, со модерни пристапи. Но, генералниот проблем е нивната имплементација. Не се спроведуваат законите, и тоа се гледа и со голо око“, истакна академик Таки Фити.

zagaduvanje konferencija 1

Според него современата економска наука загадувањето на животната средина го третира како домен на пазарен науспех. “Основна цел на компаниите во пазарната економија е да го максимизираат профитот. Ако сакате да го максимизирате профитот, доколку тоа некој ви го дозволи, вие нема да вградувате филтри за прочистување на воздухот, нема да вградувате технологија за прочистување на водата, туку едноставно ќе ги фрлате во воздухот, во блиската река и ќе ја деградирате животната средина. Зошто? Бидејќи ако инвестирате во технологии за заштита на животната средина, ви растат трошоците и ви се намалува профитот. Значи, пазарот ве тера тоа да го правите, профитот. Но, затоа државата треба да каже „стоп – оваа работа не чини, мора да се држите на вакви стандарди, со плаќање високи еколошки даноци“, вели Фити.

Загадувањето на воздухот не е ништо ново во Македонија. Високите концентрации на ПМ честичките во воздухот растат, а мерките за нивно намалување се повторуваат. Како најголеми загадувачи академик Глигор Каневче ги наведе домаќинствата, индустријата, почвата вклучително и прашината од улиците, сообраќајот, комерцијалниот и услужен сектор, енергетските трансформации. “Мерките кои треба да се спроведуваат за намалување на загадувањето треба да почнат од домаќинствата. Треба да имаат печки со висока ефикасност, да се подобри изолацијата на постојните домови и да се користат топлотни пумпи. Во индустријата,пак, треба да има пречистување со повисока ефикасност и горива со ниски емисии, да се подобри енергетската ефикасност, развој на енергетски екстензивни гранки, и да се воведат мерки за намалување на емисиите во градежништвото“, предлага академик Каневче.

zagaduvanje konferencija

Академик Ѓеорѓи Старделов смета дека во време кога загадувањето зема се подраматичен тек она што треба да се направи е да се разбере важноста на природата. “Ние никогаш не ја сфативме природата како живо битие, како жив субјект, без чиј опстанок не е можен нашиот.Човекот треба да се сети и вразуми дека сам можеби најмногу загадува“, вели Старделов предлагајќи урбанизација на селата, кои како што рече, се единствена база на чист воздух и животна средина. “Градот треба да има концепција дали ќе биде од отворен или затворен тип, да се знае границата на бројот на жители и храбро да се ограничи и стопира доселувањето. Тоа е една од мерките, а другата за спас на градот е хортикултурното уредување. Тоа е најважно и без него треба да не се добива дозвола за градба“, смета Старделов.

Според него природата беше, и е нападната од сите страни. “Со сите средства, од човекот што носи во рака секира и со оган опожарува илјадници квадратни километри шуми. Оние робусни машински страшила што разоруваат бездушно. Затоа категорично и изрично велам – иако се напишани повеќе филозофии на природата, ние и до денес како да не знаеме всушност што е природата, поседувајќи погрешна свест за неа“, истакна Старделов.

Претседателот на Организацискиот одбор на конференцијата, академик Владо Матевски рече дека минатата година се продадени рекорден број на собни прочистувачи на воздух за домаќинствата, а граѓани постојано се забележуваа со маски на лице по улиците. Според него резултатите од ваквите конференции би имале свој ефект само доколку тие бидат респектирани и прифатени од одговорните луѓе во политиката. Носителите на политички одлуки треба да се убедат во нивната можна реализација и истите ги вклучат во владините политики или политиките на локалните самоуправи.

zagaduvanje

Државниот секретар при Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска, вели дека се уште не е доволно покриено загадувањето од индустријата и сообраќајот. „Свесни сме дека доста индустриски капацитети се со застарени технологии каде заштитата на испустот е единствено можно решение. Сме разговарале и сме размислувале многу за можните начини на оданочување. Во современиот свет тоа оданочување функционира. Функционира и финансиската дисциплина. Навистина, потребна е сериозна анализа какви еколошки даноци ни се потребни. За жал, се уште само разговараме на оваа проблематика, а многу малку сме направиле во стварност“, рече Петровска.

Според неа постојат некакви надоместоци кои одат во буџет, на тој начин се санкционира загадувањето, но тие надоместоци, тие приходи, наместо да се вратат наменски таму каде што настанал изворот на загадувањето, за жал се наменуваат за други цели.

Петровска смета дека најдобро е да се почне со мерки кои се наједноставни за спроведување, но кои се ефективни. “Голем  дел од тие мерки се почнати, дел од нив со време се применуваат, но факт е дека треба сите поорганизирано да делуваме во ова општество, бидејќи ова не е само прашање на министерството, туку на многу чинители, во делот на енергетиката, Градот Скопје, просторното планирање, урбанистичкото планирање, сообраќајните решенија“, рече таа.

 

Испрати коментар

Scroll To Top