Ќе се зголеми катноста на објектот каде што денес е сместен трговскиот центар „Сити галери“, и од три ката ќе порасне на осум. Освен тоа, ќе се промени и идејното решение што Град Скопје веќе го избра за реконструкција, отфрлено е решението што предвидуваше скулптури на женско торзо на столбовите од приземјето, а со новиот проект зградата над осмиот кат ќе добие купола и врв кој треба да претставува антена, пренесува Плусинфо.
„Град Скопје, прими идеен проект од страна на сопственикот на објектот со барање измена на изгледот на фасадата на објектот на стариот „Метропол“. Имено, во него е опфатена и: доградба и надградба на објектот според насоките и параметрите од Деталниот урбанистички план – Централно градско подрачје на град Скопје „Мал Ринг“ општина Центар – Скопје. Промените што настануваат во изгледот на фасадата се како резултат на целокупната планирана реконструкција на објектот, промена на конструктивните системи, и негова доградба и надградба“, се наведува во образложението на Град Скопје за промена на фасадата.
Според приложените графички прикази, се претпоставува дека објектот ќе добие уште пет ката. Не е прецизирано кој ќе ја плати надградбата, дали сопственикот или Град Скопје како самоуправа која одлучува за идејното решение. Според Законот за градење, локалната самоуправа одлучува за изгледот на зградите што се од културно значење и вредност за градот или општината, но во тој случај инвеститор на промената е телото што одлучувало, во случајов Град Скопје.