Сите училишта на територија на општината Бутел ќе добијат нов лик, најави денеска градоначалникот Петре Латиновски. Од 2014 година веќе се реконструираат дел од училиштата во општината, а целосното реновирање ќе продолжи и во оваа година. Ќе им се смени кровната конструкција и ќе добијат енергетско- ефикасна фасада.
Латиновски го посети училиштето „Живко Брајковски“ во Бутел, чија изградба е во тек.
-Одлучивме од сопствени средства да изградиме од темел ново училиште кое се протега на 5.400 метри квадратни и кое ќе овозможи непречено одвивање на воспитно-образовниот процес на современ начин. Училиштето има капацитет за 1.200 ученици и се надеваме дека училишното ѕвоно ќе им чукне на учениците во предвидениот рок, односно на први септември, истакна градоначалникот.
Во првата фаза за изградба на ова училиште се потрошени 40 милиони денари, а за втората фаза општината издвои уште 66 милиони денари.
Наскоро ќе биде ставен камен темелник за изградба на детска градинка во населбата Радишани, а предвидена е и изградба на ново училиште во Визбегово.
Покрај проектите во образованието, општината Бутел годинава ќе претставува едно големо градилиште, најави Латиновски. Во сите населени места ќе бидат реализирани предвидените проекти.