Насловна / Вести / Систематско потфрлање во развојот на енергетскиот сектор и енергетските политики во нашата земја

Систематско потфрлање во развојот на енергетскиот сектор и енергетските политики во нашата земја

Сушното лето, недостатокот на ветер, ненавременото закупување на потребните количини гас и геополитичките превирања поврзани со пазарите на гас, како и порастот на производството после ударниот шок од КОВИД-кризата, а веројатно и преамбициозните планови за „зелена транзиција“ и затворање на некои енергетски капацитети за производство на базна енергија придонесоа за сериозна енергетска криза во Европа. Во такви околности, Македонија се покажа дека е исклучително ранлива иако е релативно мала економија. Земјата уште со првата есен секојдневно беше соочена со недостаток од околу 300 MW моќност, а неодговорно и без најава дури и преземала прекумерни количини од европската енергетска мрежа. Но, ова се последици кои ќе нè чинат првенствено финансиски, а причини има повеќе и истите не се појавија преку ноќ, туку се резултат на систематско потфрлање во развојот на енергетскиот сектор и енергетските политики. Подеднакво разочарувачко е и реагирањето на надлежните и одговорните од моментот на појава на кризата до денес, при што упорно се вели дека ситуацијата е под контрола. Но, оваа состојба не треба воопшто да нè изненадува. Некои од причините се наведени во продолжение.

kriza1_resize

СЕРИОЗНА ЗАКАНА ЗА ЕНЕРГЕТСКА СИГУРНОСТ

Имено, со години наназад многубројни фактори кои се во сферата на енергетското (не)планирање претставуваат сериозна закана за остварување стабилно производство на електрична енергија во земјата, како основен предуслов за енергетска сигурност. Накратко, може да се набројат неколку од нив:

  • Недостаток на инвестиции во енергетски капацитети. Стратешките документи за развој на енергетиката како и Стратегијата за обновливи извори и Стратегијата за одржлив развој предвидуваат сериозни инвестиции во енергетскиот сектор, но за жал препораките од овие документи не се реализираат. Голем број од проектите предвидени со акциските планови или не се реализираат или се реализираат со сериозно доцнење во однос на предвидените рокови. Ветерниот парк Богданци е последниот енергетски капацитет пуштен во погон во 2014 година со капацитет од 36,8 MW. Во последните години се фаворизира концептот на приватни инвестиции или јавни-приватни партнерства. Но, енергијата од овие капацитети оди на слободниот пазар, а не за задоволување на домашните потреби.
  • Лоши политики и отсуство на мерки за намалување на потрошувачката на енергија кај крајните потрошувачи снабдувани преку универзалниот снабдувач. Зошто АД ЕСМ иако имаше обврска за испорака на 70 отсто од енергијата потребна на универзалниот снабдувач ЕВН за 2021 година, се обврзува да обезбеди 100 отсто? Со тоа, се постапува обратно од законитостите на слободниот пазар, според кој универзалниот снабдувач е привремено решение за период од пет години, во кои уделот од енергијата кој ќе го обезбедува од АД ЕСМ ќе се намалува од година во година до целосна либерализација. Дотолку повеќе, се покажа дека државната компанија не е во состојба да го обедбеди ова производство на кое се обврзала.
  • Последните години оствареното производство на државната АД ЕСМ се намалува. Според податоците од Регулаторната Комисија за енергетика и водни услуги, во 2020 година произведената електрична енергија во електраните на АД ЕСМ била 3.642 GWh, додека во 2019 година се произведени 4.284 GWh. Уделот на увезена електрична енергија во 2020 година бил 31,38 отсто наспроти 24,39 отсто во 2019 година.
  • Со децении не се вложува во развој на централизирани системи за греење и товарот во зимските месеци е доминантно врз електричната мрежа, односно користење на електричната енергија за греење. Дополнително, со акција за субвенционирање инвертери кај домаќинствата се потрошија 10 милиони евра во проект од кој сè уште нема детален извештај (или барем не е јавно достапен) за постигнати цели и резултати во намалување на загадувањето што беше и примарната цел на субвенционирањето. Загрижувачки е фактот што на пример повеќе од 300 инвертери се доделени во Општина Центар која е целосно покриена со топлификациска мрежа. Ефектот е зголемена потрошувачка на електрична енергија.
  • Рудникот Поповјани во близина на РЕК Осломеј, кој беше планирано да обезбеди работа на оваа електрана за уште околу 10 години,  не беше отворен поради отпор на локалното население. Со години не се најде начин да се реши овој проблем, и експлоатационите резерви на ова наоѓалиште останаа недопрени. Во исто време, постоечките резерви на јаглен во овој регион се исцрпени, па РЕК Осломеј веќе со месеци работи само повремено со јаглен од Косово.
  • Некомпетентност, непрофесионалност и корупција. Честото менување закони и подзаконски акти е еден од индикаторите за високо ниво на корупција воопшто.  Во овој контекст Законот за градење е рекордер, кој е менуван повеќе од 30 пати. Но, и покрај бројните измени, до денес не се направи измена според која инвеститорите ќе бидат обврзани во секоја зграда да постават инсталација за грееење на централниот топлификациски систем, како услов за добивање одобрение за градење. Со тоа, ќе беше намалена потрошувачката на електрична енергија за греење на домаќинствата. Корупција во јавните набавки во јавниот сектор  –  голем број пропаднати тендери, фаворизирање на еден понудувач, неквалитетно изработени договори кои не го штитат јавниот интерес  и сл. Исклучително високо политичко влијание врз менаџирањето на енергетските компании во државна сопственост и донесувањето одлуки.
  • Повеќе од 20 години по изградбата на магистралниот гасовод Жидилово (бугарска граница) – Скопје, не се реализираше речиси никаков напредок во нови гасоводни правци (и пуштање во погон), развој на дистрибутивна мрежа и изградба на когенеративни и гасни постројки кои ќе обезбедуваат и електрична и топлинска енергија за греење. За волја на вистината нови гасоводни правци сега се градат (два во моментот), но веќе загубивме драгоцено време и ќе треба да почекаме додека истите се стават во функција. Не се реализираа никакви проекти за диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, туку сè уште во целост зависиме од рускиот гас и од една точка на снабдување (преку Бугарија). Единствено има физибилити студија за гасниот интерконектор Грција – Македонија, но изведбата на овој проект сè уште не е почната.
  • Со години не се работи на дестимулација на потрошувачката на електрична енергија за греење. Напротив се прават напори за постојано одржување на скриено субвенционирана цена на електричната енергија за домаќинствата со цел обезбедување социјален мир. Од тие причини веројатно ниту минатата ниту оваа (две последователни изборни години), не се дозволи зголемување на цената на електричната енергија. Во една таква ситуација, државните компании ЕСМ и МЕПСО свесно се туркаат во загуба, и сосема е логично што не се обезбедени средства за нови инвестиции.
  • Не се користат доволно средства од ЕУ-фондовите. Не се номинирани проекти во рамки на Економскиот и инвестициски план за зелена агенда за Западен Балкан. Иако оваа рамка овозможува грантови во вредност од 9 милијарди евра, а веќе до крајот на оваа години се доделени 1,1 милијарда, досега Македонија нема номинирано за финансирање ниту еден свој проект од оваа листа. Во тек се само физибилити студии за гасна интеконекција со соседите, но проектите од листата кои се однесуваат на изградба на ветерни централи и фотоволтаици во Македонија (без да се прецизира точно кои и со колкава моќност) не се почнати.
  • Работењето на државните енергетски компании кои се доведоа во состојба на едни од најголемите загубари, со години се уточиште на партиски кадри без соодветни компетенции, дури и кога станува збор за највисоките менаџерски позиции. Новите вработувања и промените во систематизацијата не се резултат на функционална анализа на процесите во компанијата, туку се кројат според  „профилот“ на работникот кој треба да биде примен. За поставување (останување) на менаџерска позиција важна е веројатно само политичката лојалност и послушност. Поинаку не може да се објасни смената на директори кои остваруваат добри економски резултати, и упорното задржување на позициите на оние кои генерираат загуби.

social_resize

„ЃАВОЛОТ ЈА ОДНЕСЕ ШЕГАТА“

За да биде маката уште поголема, со почетокот на есента, кога веќе беше извесно дека „ѓаволот ја однесе шегата“, надлежните секојдневно уверуваа дека ситуацијата е под контрола. Но, она што се случуваше тешко дека може да ги убеди и најголемите оптимисти.

ejksdsjoty5bht0ohmau_resize

Кратка хронологија и на овие настани:

  • Есента ја дочекавме со зголемени цени на берзите, но и откажувања договори од страна на нашите лиценцирани трговци на слободниот пазар кон своите клиенти, со образложение дека не може да ги следат веќе пазарните цени. Дел од овие потрошувачи, по откажувањето на договорите времено стануваат обврска на универзалниот снабдувач кој истовремено е и снабдувач во краен случај, а тоа е ЕВН. Погодувате, сега веќе потребите од енергија која треба да се обезбеди од домашно производство се зголемуваат.
  • Додека европските земји се обидоа да го релаксираат ценовниот шок со намалување на повластените тарифи за производителите од обновливи извори (на пример  Шпанија), а Албанија прогласи кризна состојба во енергетиката уште на почетокот на октомври, кај нас повторно „ситуацијата беше под контрола“.
  • Дека ситуацијата е сериозна, предупреди директорот на МЕПСО кој јавно призна дека со денови Македонија без најава презема електрична енергија од европската енергетска мрежа, и за тоа сме добиле веќе неколку опомени. Дополнително, станува збор за енергија која се наплатува по многу висока цена, па генерираниот долг сериозно ја загрозува ликвидноста на МЕПСО.
  • Уредба за начинот и условите за прогласување кризна состојба во енергетиката кај нас се донесе по завршувањето на изборите (во очи на прогласувањето на кризната состојба од 9.11.2021). Зошто толку доцна, ако се знае дека согласно Законот за енергетика, Владата имала обврска да ја донесе ваквата уредба најдоцна една година од донесувањето на Законот за енергетика (Законот датира од мај 2018 година)?
  • Ненавремено обезбедување јаглен (домашен и од увоз) и непланирање на потребата од увоз на јаглен воопшто. Дополнителен проблем е и непостоење железничка инфраструктура за транспорт на увезениот јаглен до електраните:  резултат – сериозни логистички предизвици, висока цена за транспортот на јагленот, дополнителен извор на загадување од камионскиот транспорт, нарушувања и прекини во снабдувањето и сл.
  • Неподготвеност на ТЕЦ Неготино за пуштање во погон. Иако оваа електрана е т.н. „ладна резерва“ и добива за тоа паушален надомест, веќе недозволиво долг период се калкулира со пуштање во погон, а според некои информации нема на располагање ниту доволно резерви на мазут. Согласно Одлуката на Регулаторната Комисија за енергетика и водни услуги, за „ладна резерва“ на ТЕЦ Неготино, електраната е обврзана да биде синхронизирана на мрежа за четири дена. Дури на 8-ми ноември, од ЖРСМ Инфраструктура велат дека „во соработка со ТЕЦ Неготино, компанијата е во финална фаза на целосната реконструкција на колосекот до термоцентралата, за да се овозможи непречен и безбеден транспорт на сите потребни количини мазут во следниот период“. „Активностите за таа цел се споредуваат во изминатите две недели“, додаваат од ЖРСМ Инфраструктура. Ладната резерва била оставена на „слеп колосек“?!
  • На 5.11.2021 во доцните вечерни часови се случи пожар на трансформаторот на блокот 3 во РЕК Битола, со што според експертите со месеци овој блок ќе остане неупотреблив, а кратко време не беше во функција ниту еден блок на нашиот најголем рударско-енергетски комбинат. Јасно, повторно преземање скапа енергија од европската мрежа. Дали оваа хаварија ќе се спречеше доколку внимателно се следеле сите релевантни параметри на опремата и се вршело редовно испитување?
  • Само неколку дена подоцна, повторно дефект овој пат на првиот блок на РЕК Битола.  Повторно преземање електрична енергија од европската мрежа… За целиот овој период блокот 2 не е во погонска кондиција, односно е во ремонт. Ремонтот беше завршен и блокот е пуштен во погон на 15-ти ноември.

0-02-0a-900b9894cea31c461df3dd693631723fa7066c71c773815e7e658f62514d7924_7bb8f0c0115d57cc_resize

УШТЕ МНОГУ ПРОБЛЕМИ НА НАШ ГРБ

Веројатно до излегувањето на овој текст во печат уште многу проблеми надвиснале на наш грб, и конечно над нашиот џеб. Логичната завршница на текстот би била „што да се направи за надминување на состојбите“? За почеток, сериозен „ресет“ и реафирмирање на стручноста, компетентноста и првенствено високи морални вредности кај оние на кои им доверуваме важни функции. Недвoјбено, ова важи за сите сфери од нашето живеење, не само за енергетиката. Дотогаш ќе ја плаќаме цената на нашите лоши политики. Оваа криза ни покажува колку е важна енергетската сигурност и независност на една земја. Но, како и секогаш лекциите ги учиме на потешкиот начин.

1609243837-EMS-DISP-(5)_resize

Испрати коментар

Scroll To Top