Клучна и стратешка задача на Комората во мандатниот период 2021 – 2025 година беше да го усвои долгопосакуваниот Ценовник за инженерските услуги од областа на високоградба – документ од кој се очекуваше достојна валоризација на инженерскиот труд.
Водејќи се од поставените рокови за донесување на Ценовникот за инженерските услуги од областа на високоградбата планирано беше истиот да ги помине сите формално-правни постапки во првиот квартал од 2022-ра година. За вториот квартал, Одделението на архитекти заедно со останатите одделенија планираше да направи подготовки за начинот на едукација во примената на Ценовникот. Во третиот и во четвртиот квартал беше планирано да се спроведат обуки за примена на Ценовникот за сите засегнати страни (единици на локална самоуправа, Стопанска комора, надлежни органи и сл). Дополнително планирано беше Одделението на архитекти да води регистар на недостатоци на донесениот Ценовник, што ќе произлезат пред сè од неговата примена и истиот ќе биде сумиран во Годишниот извештај за работа на Одделението.
Секако реализирањето на овие активности следува во идната 2023 година, а по објавувањето на Ценовник за висината на минималиот надоместок на инженерски услуги на овластените архитекти и овластените инженери од областа на високоградбата на 1.12.2022 година во „Службен весник на РСМ“, односно по негово комплетирање со Анексот на 13.3.2023 година.
ПРВИЧНО ИЗРАБОТЕН ДОКУМЕНТ
На почеток, накусо би се навратиле на периодот во кој се работеше на овој документ пред неговото усвојување од страна на Собранието на КОАИ на 27.10.2018 година. Имено по оној првично изработен документ 2010 – 2011 година кој се базира на добро познатите „сини таблици“ за кој повратно не се добиени никакви коментари од МТВ, во 2017 година од страна на УО на КОАИ формирани се работни групи. Во Одделението за архитектура формирано е Работно тело К1-Архитектура со задача да работи на подобрување на постоечкиот Закон за градење со собирање на предлози од членството и изработка на Тарифник за инженерски услуги.
Од самиот почеток на работењето беше јасно дека се соочуваме со голем предизвик заради сериозноста на документот кој треба соодветно да го валоризира инженерскиот труд, но се работеше со ентузијазам сакајќи што поскоро да се дојде до форма која би била едноставна за користење, прегледна за инженерите и за инвеститорите, а пред сѐ до употреблив и применлив документ.
Оттука започнаа и првите анализи на изготвени тарифници/ценовници како што се „Еdnostavni cjenik usluga za arhitekte I investitore“ како и Тарифникот за висината на надоместокот на извршените геодетски услуги кој се применува од страна на геодетските инженери од 2011 година. Работното тело К1-Архитектура интензивно работеше во периодот од септември 2017 до декември 2017 и на работните состаноци главно се договараа, анализираа и предлагаа форми за изработка на Тарифникот од сите членови за на крајот да се усвојат заклучоци врз база на кои секој член добиваше конкретна работна обврска. Особено важно беше да се одлучи по која методологија ќе се изработи Тарифникот, а за истото беше потребно да се направат соодветни анализи на веќе реализирни објекти од различни класи на намена на градба.
МИНИМАЛНАТА УСЛУГА ПРОЦЕНТ ОД ИНВЕСТИЦИОНАТА ГРАДЕЖНА ВРЕДНОСТ
Направени се анализи на веќе реализирни објекти по 3 методолошки пристапи. По сите анализи и согледувања во декември 2017 година изготвени се табели согласно со класата на намени на објекти од Законот за урбанистичко планирање во кои се наведени и видови на проекти согласно со Законот за градење и за истите дадена е целосна вредност на минималната услуга.
Вредноста на минималната услуга е добиена врз основа на процент од инвестиционата градежна вредност дефинирана врз релевантни податоци од Државниот завод за статистика и реални предмер-пресметки изработени на известиционо-технички документации за објекти од различни класи на намени. Со вклучување на сите професионални одделенија беше утврден соодносот на уделот на секој вид проект, односно учесник во изработка на проектната документација.
Во октомври 2018 година Ценовникот е усвоен од страна на Собранието на Комората и по овој значаен чекор, истиот е поднесен на одобрување до Министерството за транспорт и врски. За жал оттогаш па сѐ до јуни 2021 година не е добиен повратен одговор од ресорното министерство.
Првична надеж за соработка и разбирање за важноста на еден ваков документ од страна на МТВ е секако дописот од 3.6.2021 година со кој ресорното министерство бара да се направи доработка на Ценовникот и за градби од нискоградба и за линиски инфраструктурни градби, како и да се усогласат ознаките на класите на намени од овој ценовник со ознаките на класите на намени од Правилникот за урбанистичко планирање.
Како резултат на овој допис од страна на раководството на КОАИ изготвен е Акциски план за комплетирање на документот по дадените насоки. Во месец декември ресорното министерство праќа ургенција со бр. 02-4003/2 од 3.12.2021 година со кое бара итно постапување од страна на Комората согласно со член 110 од Законот за градење и доставување на Ценовникот на разгледување.
До крајот на 2021 година повратни мислења за усогласената верзија беа доставени од повеќето одделенија, но дел од одделенијата не дадоа конструктивни предлози околу начинот на организација на табелите и поделбата на удел/проценти на видовите на проекти, што ја забавува работата за финализирање на овој документ. Од страна на МТВ испратена е втора ургенција до КОАИ со барање во најкраток можен рок да се испрати Ценовникот од 2018 година усогласен и дополнет и притоа заради различните специфики на градбите од високоградба и нискоградба, Министерството дава можност овој докумнет да се раздвои во два посебни документи за инженерски услуги, еден за високоградба и еден за нискоградба.
ФИНАЛНА СОГЛАСНОСТ ОД МТВ
Заради сериозноста на задачата како и препораките дадени во дописите од страна на МТВ од април 2021 година, УО на КОАИ на редовен состанок во април одлучи да го достави усогласениот и дополнетиот Ценовник на инженерски услуги од областа на високоградбата до МТВ. На 11.4.2022 година испратена е последната верзија од Ценовникот до сите членови на Централната комисија за Ценовникот и до Управниот одбoр на КОАИ. Со доставеното писмо до МТВ доставен е усогласен Ценовник од април 2022 и Тарифникот од 2018 како би можело Министерството да се произнесе соодветно, имајќи ја пред себе целокупната документација.
Во периодот што следува потоа, во организација на МТВ одржана е јавна стручна расправа со засегнатите страни по однос на доставената документација на која присуствуваа претставници на КОАИ и сите инволвирани страни: претставници на стопанските комори, општините, ЗЕЛС и останати субјекти на кои е презентиран Ценовникот. Дебатирано е по истиот и донесени се конкретни заклучоци за потребата од негово донесување како и отпочнување со негова примена во пракса. Исто така по барање на МТВ и врз основа на одржаната јавна расправа во месец мај, текстуалниот дел на Ценовникот е дополнет со клаузула за времено намалување на минималните цени за 25 % од денот на донесувањето на Ценовникот заклучно со 1.1.2025 година.
Финалната согласност од МТВ за Ценовникот за минималиот надоместок на инженерски услуги од областа на високоградбата е дадена во месец ноември, по негово претходно усвојување од страна на Собранието на КОАИ на 24.11.2022 година.
Ценовникот за висината на минималиот надоместок на инженерски услуги на овластените архитекти и овластените инженери од областа на високоградбата конечно е објавен на 1.12.2022 година во „Службен весник“ бр. 259, а со Анекс на Ценовникот објавен во „Службен весник“ бр. 54 од 13.3.2023 година истиот е комплетиран со процентуална распределба за уделот на сите фази и учесници во еден проект.
Потоа следува периодот на организирање и одржување на работилници за презентација на Ценовникот и појаснување на начинот за негова примена. Првата работилница е одржана во просториите на Комората во месец октомври 2023 година, со концепт на дводневна обука за практична примена на Ценовникот за висината на минималниот надоместок на услугите на овластените архитекти и овластените инженери во областa на високоградбата. Првиот ден беше реализирана обука, презентација и дискусија за корисниците на инженерски услуги – колеги од јавниот и од приватниот сектор, во улога на инвеститори и/или договорни органи, додека вториот ден беше реализирана обука, презентација и дискусија за членовите на Комората – изработувачи/даватели на инженерските услуги. На работилницата, покрај Ценовникот за високограба, беше презентиран и Тарифникот за урбанистичко планирање како два комплементарни документи.
Потоа следуваа работилници во декември 2023 година во Битола за инженерите од Југозападниот Регион и на почетокот на март 2024 година во Гостивар за инженерите од Северозападниот Регион.
Работилниците беа одлична можност да се слушне мислењето на членството, како и коментари од нивната примена. Во меѓувреме Комората изработи и калкулатор кој е поставен на веб-страницата на Комората, алатка која ја олеснува постапката за користење на Ценовникот и е достапна за секој.
СИСТЕМ ЗА КОНТРОЛА ЗА ДОСЛЕДНО КОРИСТЕЊЕ НА ЦЕНОВНИКОТ
Следниот многу значаен аспект од оваа регулатива беше заложбата за воспоставување на систем за контрола за доследно користење на Ценовникот. Веднаш по неговото легитимирање со објава во „Службен весник“, оформени се две комисии. Едната е составена од претставник на Министерството за транспорт и врски, локалната самоуправа, ЗЕЛС и Комората, со задача да ја воспостави правната рамка на механизмот кој системски и линерано ќе ја проверува секоја инженерска услуга, преку надградба на дигиталната платформа е-одобрение.
Другата Комисијата за контрола на спроведување на Ценовникот е составена од претстaвници на Комората и нејзината задача е да утврдува повреда, непочитување и неприменување на Ценовникот, сè додека не се воспостави механизмот за системско и линеарно контролирање на секоја инженерска услуга. За таа цел претходно е изготвено Упатство за работа на Комисијата за контрола на спроведување на Ценовникот со сите пропратни обрасци, како и документи кои произлегуваат од нејзината работа. Отворена е посебна мејл-адреса за пријавување на повредите, непочитувањето и неприменувањето на Ценовникот од страна на членовите на Комората или од трети лица.
Во периодот од една година од примена на Ценовникот прибрани се забелешки и искуства од неговото користење. Праксата покажува дека организирањето на обуките за примена на Ценовникот се значајни бидејќи на истите од страна на присутните колеги се поставуваат прашања за негова соодветна примена. Врз база на оваа искуство на обуките за практична примена на Ценовникот преку конкретни примери, се презентираат повеќе студии на случај, со цел да се објаснат начините за пресметка на вредноста на инженерски услуги во случај кога има конкретни проектни барања од страна на инвеститорите. Со детални објаснувања на конкретни примери на кој начин се пресметува цената на инженерската услуга за изработка на Основен проект за изградба, како и за изработка на Основен проект за реконструкција / надградба / доградба / адаптација / пренамена, при што се разработени и се презентираат повеќе различни сценарија со различни влезни параметри. Во основа пресметката на одредена услуга за корисниците е едноставна со помош на изготвените ексел- табели за секоја класа на намена со внесување на бруто-површината на објектот кој е предмет на разработка. Најчесто поставуваните прашања се однесуваат на дефинирање на бруто-површина односно дали подземните нивоа на објектот се бруто-површна, дали темелната конструкција или кровната конструкција треба да се калкулираат во пресметка и сл.
Дополнително се бара одговор за пресметка на услуги доколку има идеен проект дали од цената на основниот проект истата се намалува според утврдениот процент 30 % од основниот проект, како се пресметува вредноста на снимање и изработка на постоечка состојба како основа за изработка на проекти за реконструкција, адаптација и пренамена.
Во однос на дадената вредност на надзорот над градбата кој е дефиниран со процент во износ од 2,5 % од инвестиционата градежната вредност на градбата, а во табелите во ексел е поделен по фазите кои ја даваат услугата често се појавува недоразбирање при давањето на цена за услугата. Имено минималната вредност за која било ангажирана фаза во надзорот е 2,5 % од вредноста на соодветната фаза од градбата. По ова прашање, работната група која ќе работи на дополна и ажурирање на цените на услугата ќе пристапи кон појаснување на овој дел од Ценовникот.
Врз основа на ова искуство од страна на КОАИ се изготвува Прирачник/Упатство за примената на Ценовникот во кој ќе бидат појаснети погоренаведените прашања како и дополнителни прашања кои постојано пристигнуваат до Комората на наменската контакт-адреса [email protected]. Упатството ќе биде достапно за членството на веб-страницата на КОАИ како прв чекор за обид да се одговори на прашањата во „real time“, а организирањето на регионални средби останува како приоритет на Комората и во тековнава 2024.
Дебатите што се развиваат при обуките, допираат различни теми кои покрај Ценовникот даваат јасна слика за потребата од организација на регионални средби на кои би се дискутирало на различни теми, да се слушне мислење, се одговараат прашања за секојдневните предизвици со кои се соочуваат архитектите и инженерите. Ваквите средби ни даваат насока да се обидеме да најдеме решение на детектираните проблеми на колегите архитекти и планери и инженери од различни региони кои сигурно се идентични во целата земја.
Во однос на работењето на формираната Комисијата за контрола на спроведување на Ценовникот со задача да се утврдува повреда, непочитување и неприменување на истиот, вообичаено пристигнуваат пријави по однос на Јавни набавки од страна на државните институции. Во периодот 2010 – 2020 кога како единствен критериум за инженерска услуга станува минимална цена за изработка на конкретна задача, забележливо е драстично опаѓање на квалитетот на инженерските услуги кои резултираат со несоодветни технички решенија, долгогодишна изградба на објекти што како краен ефект резултира со финансиски импликации на инвестицијата. Особено е неповолен периодот кога инженерската услуга која и покрај тоа што влегува во категотијата интелектуални услуги, беше предмет на електронска аукција која како начин за избор ја користеа скоро сите јавни институции. Ваквиот начин на избор на оваа услуга директно влијаеше врз квалитетот на инженерската услуга бидејќи самиот пазар наметна состојба во која за да може да се егзистира или преживее, архитектите и инженерите беа принудени да изработат повеќе проекти за многу кратко време.
Главно изминатиов период при подготовка и распишување на тендерските постапки се почитуваат одредбите согласно со Ценовникот, односно со самото изготвување на со години употребуваниот метод на најниска цена веќе сме на чекор поблиску кон соодветна валоризација на инженерските услуги.
КОАИ ГО ОХРАБРУВА ЧЛЕНСТВОТО ДА ПРИЈАВУВА ПОВРЕДА НА ЦЕНОВНИКОТ
Пријави по однос на непочитување на Ценовникот од страна на нашите колеги при давањето на инженерските услуги кон приватните инвеститори сѐ уште не се пристигнати и Комората го охрабрува членството да пријавува состојби на повреда и неприменување на Ценовникот. Само на тој начин со самопочитување и со меѓусебно почитување заеднички ќе успееме да се избориме за достоинствена валоризација на архитектите и инженерите од каде и доаѓа и заложбата за регулирање на инженерската услуга односно донесувањето на Ценовникот за минималните инженерски услуги.
Организирањето на средбите, пријавувањето на непочитувањето на Ценовникот и Тарифникот се најдобриот начин да се слушне мислењето на членството на КОАИ, да се приближи раководството и регионалните одделенски претставници до членството, да се дебатира за начинот на работењето на Комората, да се иницираат активности, а со тоа и да се подобри нејзиното работење и реализирање на примарната дејност да ги застапува, усогласува и заштитува интересите на овластените архитекти и овластените инженери.
Автори: Кристинка ЧУЛАК, дипл. инж. арх.
претседател на УО и на Комората на овластени архитекти и овластени инженери
Веселинка ГЕРАСИМОВА – ПЕТРОВСКА дипл. инж. арх.
Раководител на одделението за архитекти