Проектот наречен Beyome, претставен оваа пролет во Мадрид, има за цел да ги трансформира традиционалните станови обезбедувајќи поголем степен на флексибилност во просторите, за да можат да се прилагодат на современиот начин на живот, земајќи ги предвид различните намени што им ги даваат нивните станари.
Во Шпанија, според официјалната статистика, 32,3 отсто од домовите имаат површина помала од 65 квадратни метри. Имплементирајќи нови дизајнерски решенија, технологии и сопствен систем на роботизиран мебел, Beyome е проект развиен во мадридската населба Лавапиес кој може да ја зголеми површината на стан од 45 квадратни метри на цели 90 квадратни метри, пренесува ArchDaily.
Фокусирани на подобрување на условите за живеење во становите и создадени како одговор на побарувачката за извршување на повеќе од една активност во еден простор, овие одржливи станбени единици проектирани се со простори што може да се реконфигурираат.
Така Beyome не само што овозможува поголем степен на приспособливост во различни околности, туку и ја подобрува пристапноста помеѓу просторите, енергетската ефикасност и рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот.
Ротација и отворање според потребите на станарите
Развиен од експерти од компанијата Project Consortium во соработка со архитекти од бирото Enorme Studio, овој флексибилен систем има две спални соби, од кои едната има гардеробер, како и два затворени простори за работа или учење, дневна соба, бања и кујна до 30 квадратни метри.
Употребата на два подвижни ѕида дава можност за ротација и отворање на различни делови од станот во согласност со потребите на станарите. Притоа, овие ѕидови се опремени со мобилен мебел, вклучувајќи системи на кревети на расклопување, трпезариски или работни маси и столови, како и опрема за складирање и полици.
Овој модуларен систем целосно е конфигурабилен, а просторите во станот може да се уредат и рачно и на роботски погон.
Без оглед на системот на поместување што се применува, бико да е линеарен или ротационен, фокусот е на една цел, а тоа е да се постигне флексибилност во домувањето, обезбедувајќи одговор на 95 отсто од традиционалните и ригидни типологии кои во моментов постојат на пазарот.
Конфигурација на стан во текот на денот