Норвешката компанија Wind Catching Systems (WCS) неодамна добила одобрение за својот револуционерен проект на пловечки ветерни турбини, познат како Windcatcher. Додека многу напори во областа на ветерната енергија се фокуирале на зголемување на моќноста преку поголеми ротори на конвенционалните турбини, WCS носи поинаков концепт. Нивниот систем се состои од мрежа на помали ротори, кои заедно можат да дадат капацитет до 126MW.
Една од клучните предности на проектот за Windcatcher, е едноставната инсталација во однос на стандардните ветерни турбини. Исто така, овој систем нуди полесен пристап за одржување, поедноставна скалабилност и работен век од 50 години. Windcatcher системот користи пловечки потпори за низа мали, релативно лесни турбини, распоредени на големи конструкции. Оваа конструкција рамномерно ги распоредува тежините на турбината и генераторот, преку својата голема површина. Од истите причини и одржувањето односно пристапот до постројката е едноставен. Во текот на последните три години WCS постигнал значаен напредок во овој проект. Обезбедени биле 10 милиони долари инвестиции од компанијата GM Ventures, огранок на компанијата General Motors, со која во 2022 создава стратешко партнерство. Овој успех, носи и грантови во вредност од над 3 милиони долари.
Неодамна проектот добил одобрение од страна на меѓународната организација Det Norske Veritas (DNV). Од WCS велат дека ова е важен чекор кон изградба на првата комерцијална единица. Иако сеуште не се изнесени специфични информации за цената на енергијата (Levelized Cost of Energy – LCoE) за овој дизајн, се очекува успехот на овој демонстрациски проект значајно да го смени изгледот на идните ветерни паркови на море.