Кралскиот институт на британските архитекти во јануари оваа година ја прогласи болницата „Пријателство“ во Саткхира, Бангладеш, проектирана од Кашеф Чоувдхури/УРБАНА за добитник на Меѓународната награда (за архитектура) за 2021. Со оваа награда се одбележува најтрансформативниот објект кој искажува визионерско, иновативно размислување, одлична изведба и дава исклучителнен придонес за своите корисници и за физичкиот контекст во кој се наоѓа. Станува збор за биенална награда за објект кој ја истакнува исклучителноста на проектот и архитектонската амбиција и обмисленото социјално влијание. Станува збор за една од најригорозно оценуваните светски архитектонски награди каде сите селектирани објекти се посетени од меѓународните експерти.
Оваа година наградениот објект бил избран од најтесната селекција од три исклучителни објекти избрани од Големото жири под претседателство на светски познатиот мултидисциплинарен француски архитект Одил Дек. Другите два објекти влезени во најтесниот избор за наградата биле Галеријата Џејмс-Симон од Дејвид Чиперфилд архитектите и мостот Лиле Лангебро од Вилкинос Ајр, со Урбан Аџенси.
ГРИЖА И ХУМАНОСТ ВО СРЖТА НА ПРОЕКТОТ
Болница во оддалечена заедница, лоцирана во пејзаж обременет со водите на Бенгал во југозападниот Бангалдеш, е одржлив и нискобуџетен објект кој ги обезбедува основните здравствени услуги за локалните заедници на Саткхира, овозможувајќи здравствена заштита за илјадници лица во зона тешко погодена од големиот циклон во 2007 година. Прикажана за својата грижа и хуманост во сржта на својот дизајн, објектот одговара иновативно на предизвикувачките природни услови на Бенгал, кревка и динамична средина која директно е изложена, без заштита, на нивото на морето во пораст.
Невладината организација „Пријателство“, работејќи со долгогодишниот клиент ја нарачала болницата како дел од мисијата на организацијата да се зајакнат далечните рурални средини. Онаму каде во минатото окружувањето го сочинувале полиња за житарици, денес, покаченото ниво на морето го претворило ова плодно земјоделско земјиште во фарми за ракчиња. Како резултат на ова, водата зазема централно место во проектот на болницата, искажано преку цик-цак канал кој е всечен по должината на локацијата, одделувајќи го стационарот од амбулантите.
Дождовницата од сите делови на комплексот се собира и чува во новоизградена цистерна која претставува неопходен извор и алатка за да се избегне заситувањето на почвата со вода, но и да се обезбеди вода за потребите на болницата. Солените подземни води не се погодни за најголемиот број практични промени и собирањето на дождовницата во каналот е потребно за заштита од сè поинтензивните дождови. Овој воден канал исто така помага и во создавањето на микроклимата која помага со ладењето на комплексот во текот на исклучително жешките лета, а со што се избегнува потребата од употреба на климатизери со висока потрошувачка на енергија. Водениот канал исто така нуди и визуелно олеснување и овозможува добредојдено одвлекување на вниманието од анксиозноста и нерасположението поврзано со болест, како за пациентите, така и за нивните роднини.
СПОКОЈНА СРЕДИНА ПОГОДНА ЗА ЗДРАВЈЕ И ЛЕКУВАЊЕ
Овој нискобуџетен објект бил финансиран да работи и да ги издржи опипливите ефекти на климатските промени коишто произлегуваат од подигањето на нивото на морето во опкружувањето на објектот. Технологијата на болницата не е нагласена, но е сокриена во едноставноста и во решението на основата. Архитектонското решение ефективно го пренесува чувството на заштита на корисниците на болницата преку осенчените коридори околу сите блокови и низата дворови коишто обезбедуваат природна вентилација насекаде и ја регулираат температурата. Отсликувајќи ги определбите на невладината организација за трајни социјални промени, архитектонското решение создава не само чувство на прифатеност и воздигнатост за посетителите, пациентите и здравствените работници, туку нуди и спокојна средина погодна за здравје и лекување. Низата од интимни дворови внесува светлина и природна вентилација во одделенијата, нудејќи простори за одмор за пациентите и посетителите со погледи кон природното опкружување на комплексот. Чувствителните делови на болницата се заштитени од директното тропско светло преку заштитени коридори и лакови.
Изграден за да биде траен, болничкиот кампус е изработен од локална тула избрана заради својата отпорност и пристапна цена. Отворите во тулата овозможуваат осенчени простори и природна вентилација. Примената на тула го почитува овој обичен материјал без да има потреба и зависност од сложени технологии коишто водат кон зголемени буџети. Локалните материјали од локални занаетчии ја помагаат интеграцијата на објектот во локалната култура и општество.
Оваа локална болница со капацитет од 80 легла и внатрешна површина од 4.777 квадратни метри, а со градежна вредност од нешто повеќе од 1,812 милиони евра, односно околу 379 евра по метар кавдратен, била завршена во април 2018 година. Проектот бил инициран со донација на земјиштето од локалните филантропи.
За претседателката на жирито, Одил Дек: „Болницата „Пријателството“ содржи архитектура на хуманост и заштита која ја отсликува филантропската мисија на невладината организација „Пријателство“, за да овозможи достојност и надеж за заедницата преку социјална иновација“.
Кашеф Чоувдхури/УРБАНА постигнале објект испроектиран со хуманост, а којшто е обмислено интегриран во своето опкружување и ги слави локалните и традиционалните занаетчиски материјали. Оваа болница е многу релевантна во однос на глобалните климатски предизвици, како на пример нееднаквоста кон пристапот до здравствена заштита и големото влијание на нарушувањето на климата врз ранливите заедници. Таа е демонстрација за тоа, како може да се постигне прекрасна архитектура преку добро решение кога се работи со релативно ограничен буџет и со тешки контекстуални ограничувања. Оваа болница претставува оддавање почит на објект посветен на луѓето.“
АРХИТЕКТУРА КОЈА СЕ ГРИЖИ И ЗА ЧОВЕШТВОТО И ЗА ПРИРОДАТА
Слично, според претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти Сајмон Алфорд: „Болницата „Пријателство“ е пример на обмислен и креативен дизајн на објект од големо значење и мерка, изграден со скромен буџет, и изработен со водење сметка за локалната заедница и за природното опкружување. Кашеф Чоувдхури/УРБАНА создале иновативна, јасна, рафинирана, економична и прекрасна архитектура со социјално влијание преку обезбедување на нужните здравствени услуги во рурална област и одговарајќи на сè поголемите ефекти на климатската вонредна состојба. Јас сум пресреќен дека овој објект се одбележува како добитник на Меѓународната награда за 2021 година.“
По објавата на наградата, лауреатот Кашеф Чоувдхури истакнал дека: „Во исклучително значаен момент, Кралскиот институт на британските архитекти и жирито избрале проект од глобалната периферија за да го донесат во центарот на архитектонската дебата и за да стане предмет на една од најзначајните меѓународни награди. Охрабрен сум бидејќи ова призание може да инсипирира повеќемина од нас да се посветиме, но не покрај, туку токму заради ограничувањата на ресурсите и средствата, кон архитектура која се грижи и за човештвото и за природата, и да се издигне колективно кон ургентните состојби со коишто се соочуваме денес на планетарно ниво. Јас сум му исклучително благодарен на нашиот клиент „Пријателство“, и на нивниот основач Руна Кан, за нејзината бескрајна поддршка и разбирање, и на многу архитекти, инженери и консултанти коишто беа со нас низ ригорозниот четврт век од нашата посветеност кон општеството, културата и нашата најсакана природа.“
Основачот и извршниот директор на „Пријателство“ Рана Кан нагласува: „Работејќи со заедници коишто најмногу се погодени од климатските промени во изминатите 20 години, јас имам видено, повторно и повторно, доказ за моето верување дека ’Сиромашните не можат да си дозволат сиромашни решенија!’ “ Работата со Кашеф беше задоволство за сите нас. Некој кој може ефикасно да ги користи локалните материјали, да обезбеди ефикасност на работите коишто треба да се извршат и да го одржува духот на пријателството живо, и да не прави компромиси со квалитетот било за себе или пак за духот којшто ние сакавме да биде. Навистина за мене тој беше архитект којшто можеше да го донесе ова – во неговиот проект, во неговата грижа и реализација.
Преку играта на светлото, глината, воздухот и водата, Болницата пријателство Шијамнагар оживува во убавината со улогата на која ѝ служи. Таа носи нова надеж за подобро утре за едни од најповредените луѓе од климата на оваа планета“.
За жирито било особено пријатно да види болница проткаена со толку хуманост и природа. Болницата пријателство е од големо значење во овој период со оглед дека одговара на прашањето за нееднаков пристап до здравствена заштита низ целиот свет. Таа е показател за тоа како прекрасна архитектура може да се постигне преку добар дизај кога се работи со скромни материјални средства и сложени ограничувања на опкружувањето. Оваа болница го прославува објектот посветен на луѓето.