Во среда на 1 февруари, Швајцарија ќе спроведе годишно тестирање на национално ниво на системот сирени за предупредување.
Во Швајцарија има поставено околу 7.200 сирени низ целата земја како јавен систем за предупредување од природни катастрофи или расипување на нуклеарна централа.
Сирените, најпрво биле поставени за време на Втората светска војна, за да се предупредат луѓето од бомбардирање, а останале и по нејзиното завршување, за време на Студената војна меѓу Западот и Истокот, за да предупредат од евентуален нуклеарен напад.
Има два вида предупредувања. Првиот е за општа катастрофа, и тогаш сирените испуштаат континуиран осцилирачки звук во времетраење од една минута. Вториот се користи најмногу за луѓето што живеат под некоја брана, и служи за предупредување од излевање голема количина вода. Тоа се серија од 12 силни звуци кои испрекинато се повротуваат во трање од 20 секунди со паузи од 10 секунди.
Секоја година, првата среда во февруари се испробува исправноста на овој систем. Пробата е во 13.30 часот и трае половина час. Водниот аларм, пак, следи во 14.15 часот во областите каде од него има потреба.
Тестирањето се најавува на сите телевизии и радија, за да не се створи паника кај луѓето, но сепак, може да биде шок за оние што дента дошле во земјата и не знаат што се случува. Само треба да ги следат Швајцарците, кои го игнорираат звукот.
Ако го слушнете овој звук во друг ден, што не е првата среда на февруари, треба да се загрижите. Ако е звукот на општо предупредување, треба да се почекаат инструкциите од надлежните, кои најбрзо ќе бидат соопштени преку медиумите. Ако се работи за вториот воден аларм, бегајте, колку ве држат нозете.
Водниот аларм досега не се огласил во друг ден, освен на пробата. Општиот аларм пак бил вклучен во 2007 година, кога водата во реката Аре во Берн достигнала опасно ниво.
Сите се сложуваат дека овој систем не доликува многу на 21 век. Затоа владата работи на изработка на смартфон апликација, која на сите косирници на телефони би им испратила аларм на телефонот, во случај на катастрофа или тероризам.
Алертсвис системот веќе е во функција, а пософистицирана верзија се подготвува до крајот на годината и ќе биде во функција во 2018 година.