Синдикалците ги изнесоа на маса аргументите за, како што велат, вистината за затворањето на комбинатот „Југохром“, каде што повеќе од 1.000 работници се уште седат дома.
Обвинувањата на Здружението „Еко Герила“ дека фабриката работела спротивно на еколошките стандарди, се тенденциозни и неточни, велат од синдикатот.
Бараат „Југохром“ да почне да работи, паралелно додека се гради филтерот.
Од невладината „Еко Герила“ ги отфрлаат наодите на синдикалците и велат дека остануваат на ставот оти „Југохром“ е еден од најголемите загадувачи во Пологот.
„Еко Герила секогаш има објавени официјални мерења превземени само од Министерството за животна средина и просторно планирање. Бројот на деца со респираторни болести за пред и после затварањето на „Југохром“ е од Институтот за јавно здравје на РМ. Во 2015 година, кога работел „Југохром“, овој број изнесувал 31.446 случаеви, додека во 2017 година кога не работел, овој број се намалил на 18.578 случаеви. Ние не им веруваме на ветувањата на „Југохром“ и на Владата, бидејќи со години сме изиграни. Не е точно дека ние се ставаме над институциите, туку бараме само да се почитуваат Уставот и законските прописи, а како што се знае во Македонија институциите често пати си се ставале над правото“ – велат од „Еко Герила“.
Неодамна, вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека тетовскиот комбинат нема да се рестартира се додека не се постават потребните еколошки филтри. Денеска од неговиот кабинет за ТВ 24 велат дека операцијата се очекува да заврши до Нова година, по што фабриката повторно ќе ги запали печките.
„Се поставува челичната конструкција која треба да биде готова до крајот на септември. Внатрешните елементи ќе бидат поставени до крај на декември. По Нова година, во погон ќе бидат пуштени печките и ќе се тестираат како функционираат филтрите. На крај на јануари се почнува со производство“ – информираат од Владата.
Воведувањето на потребната А-интегрирана еколошка дозвола во „Југохром“ долго време ја бранува јавноста – вработените велат дека фабриката не е најголем загадувач и потсетуваат дека таа е извор на егзистенција на стотици семејства, а невладините жестоко се противат на рестартирањето.
Големите индустриски капацитети законски со рокови беа условени да инвестираат во еколошки стандарди – во согласност со европските.