Насловна / Вести / Симпозиум „Ликовната критика денес“ на македонските ликовни критичари во клубот ГЕМ

Симпозиум „Ликовната критика денес“ на македонските ликовни критичари во клубот ГЕМ

aika„Ликовната критика денес“ е насловот на годишниот симпозиум на Здружението на ликовни критичари – AICA Македонија, кој ќе се одржи денес, во клубот ГЕМ во Скопје, со почеток од 17 часот.
Настанот е во организација на Управниот обор на АICA Македонија. Намерата на симпозиумот е да го постави прашањето за современиот третман на ликовната критика во Македонија. Во рамки на програмата, на симпозиумот ќе биде доделена наградата „Ладислав Баришиќ“, за најдобар истражувачки проект од областа на ликовната критика, на овогодишниот добитник Тихомир Топузовски, како и презентација на неговото истражување „Мапирање на субверзивноста“.

Третиот дел од програмата се состои од дискусија насловена „Но, јасно, и критика на уметноста“ по концепт и модераторство на Ивана Васева. „Но, јасно, и критика на уметноста“ како појдовна точка го зема есејот „Критичарот како уметник“ од Оскар Вајлд, како смел гест во време кога уметноста е разбирана исклучиво како вдахновение, креацијата како ултимативен естетски гест, а критичарот само ја зајакнува нејзината моќ пред проследувачите. Вајлд во еден дел од есејот вели дека критичарот е интерпретатор, но нема да ја смета уметноста како Сфингата чија плитка тајна лукаво ќе биде откриена, туку ќе ја гледа како божица чија мистерија е во неговата компетенција да ја интензивира и чие величество е негова привилегија да ја направи повеличенствена во очите на луѓето.
Тргнувајќи од Вајлдовите идеи и транспонирајќи се во сосема други констелации и сосема поразличната сегашност, сесијата нема намера ни оддалеку да го потенцира истото, туку да разгледа според кои параметри и критериуми се разгледува (критикува) уметноста, или враќајќи се еден чекор поназад, кое е мислењето за уметноста, ако музите се веќе заборавени и таа живее и надвор од ателјето и е активен чинител во општеството.
Во самата пролиферација на уметноста, се чини дека критиката го наведна грбот (оттаму и малку променетиот извадок од есејот Но, јасно, и самата критика е уметност), иако потребата од неа е акцентирана речиси секојдневно од уметниците, кураторите, историчарите на уметност, теоретичарите, со жалење и носталгичност повикувајќи се на времињата кога имало пишувачи, но имало и медиуми каде таа се објавува.
За разлика од интернационалната уметничка сцена која се создава во силни неолиберални капиталистички рамки, а кризата на критиката се доведува во врска со Интернетот и со уметничкиот пазар под заканата дека уметноста станува забава и оттаму критиката повеќе опишува отколку што критикува, во Македонија таа речиси и да не постои, освен неколкуте долгогодишни критичари кои успеваат сè уште да го зачуваат својот занает.

Оттаму, дали критиката е на смртна постела и ако да, како повторно да се воздигне бидејќи, како што е веќе констатирано, многу ни е потребна?
Панелисти во сесијата на симпозиумот се: Бојан Иванов (со презентацијата насловена „Неколку цртички за преобразбата на претставите на ликовната критика… во овдешноста“), Златко Теодосиевски („Молчењето не е злато“), Ана Франговска („Критика, каде по ѓаволите?“), Владимир Јанчевски („Интерпретензии: од критично до критичко“), Нада Пешева („Ликовната критика во Македoнија низ призмата на културните политики“) и Јованка Попова („Уметничката критика во лавиринт – осврт кон XLVII интернационален конгрес на AICA, Јужна Кореја, 2014“).
Намерата на сесијата е да адресира неколку важни прашања, конкретно разгледувајќи ја состојбата во Македонија и во домашни услови како: дали намалената продукција на полето на критиката е резултат на немањето стручни списанија (иако постојат дневни весници кои се заинтересирани за соработка, но ретко даваат парична надокнада)? Дали е резултат на самата уметничка продукција која можеби навлегува во некој своевиден маниризам, со исклучок на неколкумина, па потребно е да се зацврсти нејзиниот обрач? Или пак едноставно желбата за изразување на критичко мислење и став е занемена под притисокот на општествените и политичките околности и прилики?
Организацијата за оваа сесија предлага серија на симпозиуми на годишно ниво, а ова е почеток во посериозно анализирање и редефинирање на позицијата и улогата на критичарот, посебно имајќи ги предвид околностите каде се развива уметничката сцена, како и актуелните општествено-економски прилики.

Испрати коментар

Scroll To Top