СЕЛОТЕЈП
Sellotape (/ˈsɛləˌteɪp/) е британски бренд на транспарентна, самолеплива, полипропиленска лента чувствителна на притисок. Sellotape генерално се користи за спојување, запечатување, прицврстување и поправање. Селотејп првично е произведен во 1937 година. Името е изведено од целофан, во тоа време име со заштитен знак, со „C“ променето во „S“ за да може новото име да има свој заштитен знак. Името често се користи и за други лепливи ленти во многу земји каде се произведува.
Еден од дизајнерите на фабриката бил Е.Ф. Пит, архитект кој работел за Е.С. & A. компанија за производство на пакување и производи од хартија. Лентата може да се користи за поправка на скината хартија или за прицврстување на парчиња хартија или картон заедно за моделирање. На кревки површини на хартија, лентата може да се користи само еднаш, бидејќи со нејзино отстранување, или ќе се искине хартијата, или ќе се отстрани горниот слој.
Овој вовед ми е потребен за да го објаснам основниот материјал со кој Симе (Симон Узуновски) го користи во создавање на своите дела. Како студент на Архитектонскиот факултет во Скопје цртајќи ги програмите по поедини предмети, на хартијата, хамерот и на други подлоги за цртање кои се прицврстуваа за подлогата, таблата за цртање или масата, со оваа леплива лента – селотејп, Симе добива инспирација за создавање дела со селотејпот како медиум за „сликање“. Во некои од своите фантазии Симе го инспирира овој материјал да ги „фиксира“ своите идеи за уметничко изразување. И така почна неговата приказна на создавање дела со користење на селотејпот како негов препознатлив „стил“.
Најголем дел од изложените дела во Музејот на современа уметност во Скопје се ваквите „слики“ на конкретни формати на хартија за акварел и на хамери претежно формати 50 х 70 и 70 х 100 сантиметри. Покрај овие дела Симе се занимаваше со просторни инсталации користејќи како материјал, хартија, коноп, пластика, а исто така компонираше асамблажи.
За неговото значење како појава во уметноста во Македонија го пренесувам текстот објавен по повод изложбата од страна на МСУ, т.е. кураторите на изложбата, Марика Бочварова-Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски.
Узуновски отвори еден сосема поинаков пристап кон сфаќањето на уметноста, со што беа доведени во прашање воспоставените конвенционални јазични и естетски нормативи на традиционалните ликовни дисциплини.
„Пат за Волкодери – Ретроспектива“ е насловот на ретроспективната изложба на дела од македонскиот уметник, архитект, Симон Узуновски (Белград, 4 август 1949 – Скопје, 10 декември 2018). Узуновски активно твореше речиси 50 години, а долго време работеше и живееше на италијанскиот остров Капри. Своите најрадикални уметнички пробиви ги оствари во втората половина на 70-тите, со реализација на редица изложби, акции и партиципативни просторни инсталации, како оние во аулата на Филозофскиот факултет (1977 и 1978) во рамките на активноста на Естетичката лабораторија, потоа во галеријата „Кора“ (1977), уличната акција (1977) и легендарната изложба/инсталација во подрумскиот простор на улицата „Максим Горки“ (1978/1979). Во 1984 учествува на изложбата „Нови појави во македонската ликовна уметност во последната деценија“ во Домот на младите „25 Мај“ – Скопје. Истата година, во Домот на младите ја реализира и својата самостојна изложба/амбиентална инсталација. Во 1994 во Музеј на град Скопје е прикажано неговото дваесетгодишно творештво, а во 1995, 1996 и 1997 учествува на изложбите во Чифте амам.
Симон Узуновски е клучната фигура на овие нови уметнички практики во нашата средина. Со своето уметничко дејствување, Узуновски отвори еден сосема поинаков пристап кон сфаќањето на уметноста, Во неговите концептуални проекти тој ги напушта ликовните средства на традиционалните уметнички дисциплини и користи исклучиво фабрикувани, секојдневни предмети и материјали: новинска хартија, селотејп, метални конструкции, пластични материјали, белешки потсетници за купување и слично. Проектите се профилирале како просторни и амбиентални асоцијативни инсталации или се развивале процесуално како дела во прогрес, на пример, тркалајките од селотејп, што постапно временски се обликувале до степен на „завршеност“ што авторот ги определувал.
Инсталациите и перформансите се претставени со фотодокументација што ќе ги долови 70-тите години и ентузијазмот со кој Симон Узуновски заразно ја ширеше идејата за демократизацијата на уметноста. Ретроспективната изложба на Узуновски има за цел не само историографски-ретроспективно да го презентира неговото творештво, туку и теоретски да ја осветли неговата исклучителна појава. Фокусот на изложбата е, сепак, насочен на најзначајниот за него период на 70-тите години на 20 век, период кога на локалната сцена, како дел од југословенскиот културен простор, продираат алтернативните уметнички практики. Од 2003 зачестува неговото присуство во МСУ и е дел од проектот „Идеја-тека“ (Избор на документи од концептуалниот дискурс во Македонија), „Невидливиот пејзаж“ во 2013 година, „Солидарноста – недовршен проект“ (Постојаната поставка) во 2014-та, и „Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 70-тите и во 80-тите“ во 2020 година.
Во поставката, изложени се повеќе од 100 дела што вклучуваат објекти, фигурини колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија, материјал по кој е препознатливо делото на Узуновски. Неговото творештво го претставуваат петмина историчари на уметноста и негови блиски пријатели: Марика Бочварова-Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски. Куратор соработник на изложбата е Благоја Варошанец, а при подготовките свој придонес дадоа и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска и архитект Крсте С. Џидров за реализација на градежното скеле за поставка на експонатите.
Текст и фотографии: Крсте С. ЏИДРОВ – Џиби, дипл. инж. арх.