Ако прошетате по булеварот „Свети Петар Цетињски“ во Подгорица и го поминете мостот „Блажо Јовановиќ“, од десната страна ќе видите бел џин – зградата на ЦК на Сојузот на комунистите на Црна Гора, популарно позната како „Стара зграда на владата“.
Таму е од 13 јули 1979 година, на десната страна на Морача. Нејзин автор е познатиот архитект од Црна Гора – Радосав Зековиќ, кој во ноември 1965 година победил на републичкиот конкурс на Друштвото на архитекти на Црна Гора за идејно решение на зградата ЦКСКЦГ во тогаш, Титоград. Кога победил и освоил 800 илјади динари имал само пет години стаж. Зековиќ зад себе остави 12 колеги пријавени на конкурсот и стекнал условите за реализација на објектот што подоцна ќе ја одбележи неговата кариера.
Зековиќ не го криел воодушевувањето од победата: „Сопругата и децата речиси ги избркав од дома. Заминаа на одмор. Потоа дојде она другото – се затворив во станот и работев со денови. Менував план по план, идеја по идеја. Веќе завршени, или речиси завршени проекти, фрлав. Работев нови. Така до последниот ден. И којзнае кога ќе престанев, да не дојдеше последниот час да ја испратам мојата работа на конкурсот. И ете – прва награда“.
Главниот проект е разработен во бирото Индустрија импорт инженеринг во Белград.
Зековиќ ја проектирал зградата во духот на структурализмот. Централен елемент се два аголни канцелариски коридори долги 100 метри кои се блиску поставени и се паралелни, а издигнати неколку метри над земја на бетонски столбови. Овие два издигнати волумена се пресекуваат со долг канцелариски простор во приземјето.
Некои извори тврдат дека модернистичката архитектура на оваа зграда треба да се толкува како вид на „критички регионализам“, при што структурата се повикува на локалната естетика на градење и традиционалниот јазик на дизајнот. Некои рани скици на Зековиќ дури илустрираат дека двата издигнати коридори на зградата може симболично да се сфатат како товар ставен на коњ што се носи од двете страни (референца на историските методи на транспорт во регионот).
„Специфичната намена и содржина на овој објекти, навистина претставува благодарна работа. Објекти од ваков вид поретко се градат и поради тоа се трудев, колку што е повеќе можно, да апострофирам национално – фолклорни елементи, по пат на стилизирани архаични форми, и со примена на едноставни материјали, без кава и да е помпезност, раскош и слично. Тоа е суштината на монументалноста на градењето, да се прилагоди на нашите околности и можности“, говорел Зековиќ.
Авторот, свесен за моментот во кој создава, ја поврзал црногорската и југословенската архитектонска сцена со тенденциите на светската архитектонска сцена во 60-тите години на 20 век.
Кога победил на конкурсот рекол дека ЦКСКЦГ ќе биде убав, едноставен, функционален објект, а дека нема да биде скап.
Изградбата на објектот започнала во 1978 година, а завршена е 1979 година, полни 14 години откако Зековиќ победил на конкурсот.
На 19 февруари 1980 година, жирито за доделување на наградата „Борба“ за архитектура донело одлука да ја додели 15-тата јубилејна републичка награда за најдобро архитектонско дело на територијата на Црна Гора на Радосав Зековиќ за објектот ЦКСКЦГ.
Убав парк со пешачка патека и амфитеатар до зградата на ЦКСКЦГ го комплетира споменикот на адвокатот и организатор на Комунистичката партија на Црна Гора, Јован Томашевиќ. Тоа е и последното скулпторско дело на познатиот црногорски скулптор и сликар Воја Станиќ, создадено во 1963 година, пред целосно да се посвети на сликарството.
По распадот на Југославија и исчезнувањето на комунистичката партија, зградата служела за потребите на Владата на Црна Гора до 2010 година.