Израел со архитектонска инсталација се претстави на овогодишното Венециско биенале за архитектура насловена како „LifeObject: Merging Architecture and Biology“. Се работи за скулптурна поставка со голем размер и седум „спекулативни“ архитектонски сценарија кои се однесуваат на Израел.
Изложбата се фокусира на односот помеѓу биологијата и архитектурата, делувајќи како „истражувачки ориентирана платформа“. Тимот од кустоси вклучувајќи ги архитектите Bnaya Bauer, Arielle Blonder, Noy Lazarovich, повикале седум групи архитекти и научници меѓу кои и професорот Dan Shechtman, добитник на Нобеловата награда за хемија во 2011 година, „да ги здружат своите сили и да го редефинираат својот пристап кон архитектурата“.
Токму затоа, изложбата нуди многу нови идеи и визии за иднината, од користење на нано материјали до техники за третирање на урбаното „згуснување“. Самоносечката структура, инспирирана од 3D скенирано гнездо за птици, се наоѓа во центарот на изложбата. Структурата се вика „LifeObject“ („Жива структура“) и се бранува низ целиот простор на Израелскиот павилјон.
Концептуалниот темел на изложбата е „отпорност“, битен елемент на биолошките системи кој се однесува на нивната отпорност да се носат со шокот или траумата. Оваа тема му носи и зголемено значење на Израел и специфичното геополитичко милје, каде кризните состојби во голема мерка влијаат врз квалитетот на живот и просторниот дизајн.