Шведска прва во светот ќе добие електричен автопат, а до 2045 година би можела да има дури 3.000 километри електрични сообраќајници. Со оглед на тоа дека Европската унија минатиот месец одлучи дека сите нови автомобили до 2035 година не смеат да емитуваат јаглерод диоксид (CO2), нејзините членки настојуваат да имаат инфраструктура за патување без фосилни горива. Со електричниот автопат ќе биде овозможено полнење на батериите на возилата додека се движат. Стручњаците сметаат дека тоа ќе значи подолги патувања за возилата со помал капацитет на батериите. Со тоа би требало да се намали чекањето на станиците за полнење.
Шведска низ неколку проекти е пионер во електрификација на патиштата, а меѓу тие проекти е електричниот авопат со кој би требало да бидат поврзани логистичките јазли помеѓу градовите Hallsberg и Orebro, кои се наоѓаат помеѓу три големи градови – Стокхолм, Гетеборг и Малме. Првата делница на електричниот автопат би требало да биде изградена до 2025 година, но сеуште не е одлучено како со нив ќе се овозможи полнење на возилата. Постојат три можности – а тоа се систем на ланчана мрежа, индуктивен систем и проводен систем. На првиот начин можат да се полнат само тешки возила. Станува збор за систем кој моментално се користи за напојување на трамваи и автобуси. Ваквиот систем за тешки електрични возила е во употреба од 2018 година, на сообраќајницата со која се поврзани стокхолмскиот аеродром Арланд и логистичкиот центар во Розерберг. На улицата долга два километри има контактна шина на која возилото се приклучува за да се напојува со струја. Индуктивниот систем подразбира под улицата да се наоѓа посебна опрема со која возилото се напојува. Проводниот систем функционира како полнач за мобилни телефони. Но, наместо полнач, на улицата има подлога која овозможува безжично полнење. Во шведскиот град Визби од 2020 година е овозможено безжично полнење на електрични автобуси и камиони.
Со истражување е утврдено дека со електричните сообраќајници, големината на батериите за автомобили може да се намали за 70%. Притоа е утврдено дека во Шведска не мора да се електрифицираат сите патишта, туку околу 25%. Шведска соработува со Германија и Франција по прашањето на изградба на електрични сообраќајници кои имаат намера да ги градат и Италија, Велика Британија и САД.