Со своите политики во врска со отпадот, Шведска може да биде пример за другите земји. Иако во оваа земја се генерира годишно 461 kg отпад по жител, на депониите завршува само 1%, односно помалку од 5 kg. За оваа сосотојба во голема мера се заслужни погоните за рециклирање и постројките за спалување, кои отпадот го претвораат во енергија (најчесто топлинска која се користи за греење). Шведска дури и увезува отпад за потребите на постројките за спалување, и тоа од Велика Британија, Италија, Норвешка и Ирска.
Неодамна, Шведска најави и други чекори во борбата за што помалку отпад на депониите. Имено, од 2017 година преку воведување на пониски даноци, државата ќе ги субвенционира граѓаните за поправки на велосипеди, обувки, апарати во домаќинството и сл.
На тој начин, наместо 25% граѓаните во иднина би плаќале 12% данок на тие услуги. За поправка на апаратите во домаќинството ќе може да бараат и враќање на данокот.