Традиционално на 1 февруари во Швајцарија се објавува добитникот на Годишната награда за најдобар објект за изминатата година. Добитник на ова признание за 2016 година е Затворениот базен за пливање во склоп на училишниот кампус во делот Ерленбах во Цирих. Објектот е одбран помеѓу 50 конкуренти.
Меѓу кандидатите што се натпреваруваа за објект на годината, има објекти со различни функции и за различни корисници, и тоа објекти за домување, индивидуални и колективни, јавни објекти како административни објекти, училишта и градинки, објекти од културата, меѓу кои е и доградбата на Музејот за современа уметност во Базел, објекти за спорт и рекреација, повеќето во зимските центри во Швајцарија, а секако и објекти за угостителство, хотели и ресторани. Накратко, една широка лепеза од различни објекти според нивната намена.
Проектот за Затворениот базен за пливање е изработен во проектантското биро Illiz-Illiz architektur од Цирих, а автори се Petra Meng и Stefanie Wograth. Кога ќе го видите објектот, секако ќе се запрашате, што го прави посебен и со што се издвојува од останатите 49 објекти. Се работи за адаптација и пренамена на подземен систем за воена заштита (засолниште), адаптирано и пренаменето во затворен базен за пливање во склоп на училишниот двор на основно училиште во Ерленбах, Цирих.
Заедницата на Ерленбах и училиштето решиле постоечкото подземно засолниште во склоп на локацијата, да го пренамени во затворен базен за учење пливање и рекреативно пливање на учениците. Локацијата на објектот е на блага косина, затревена, со отворени и широки погледи кон Циришкото езеро. Постоечкиот подземен систем за воена заштита бил одамна напуштен и надвор од секаква употреба. Се наоѓа на границата на локацијата на училиштето, во делот организиран со спортски терени. Овој простор е искористен и пренаменет за поставување на базенската бетонска школка и помошните технички и енергетски простории. На ниво на подрум, доградена е влезната партија со санитарии и гардероби. Влезната партија е целосно застаклена. Внатрешните ѕидови и подовите во гардеробите, како и санитариите, се обложени со керамички плочки во различни бои: зелена, сина, розова и сребрена, и кога се влегува во овој простор се добива впечаток дека сте во школка во подводниот свет на езерото. Со еднокраки скали или со лифт од влезната партија се доаѓа во просторот со базенот.
Просторот на базенот претставува еден светлечки стаклен павилјон поставен на постоечката бетонска структура на подземниот систем. Конструкцијата на базенот е бетонска со столбови и касетирана покривна плоча. Просторот на затворениот базен е застаклен од сите страни, и кога пливате ве облева светлина и сонце од сите страни, а имате и прекрасни погледи кон Циришкото езеро. Околу објектот, на косините на малото брдо, е интервенирано за да се овозможи пристап до базенот. Затоа, од долната страна е оформено плато пред влезниот хол на ниво на подрумот, а од горната, спотивна страна, изведена е пешачака патека за влез–излез директно во и од базенскиот простор.
Самата локација, косиот терен со широки погледи кон Циришкото езеро и постоечкото подземно засолниште, влијаеле на дизајнот на покриениот базен. Проектантите ги искористиле сите предности на локацијата и умешно го пренамениле постојниот објект во поинаков простор, покриен базен исполнет со светлина. Во секој случај, необично, функцонално и рационално решение, на многу мал и ограничен простор. Вкупниот волумен на објектот е 5500 м3 со површина од 833 м2. Објектот е проектиран и граден две години.
Пишува: Натка Ќосева, дипл.инж.арх.
(специјално од Швајцарија)