Реонот на Стар Аеродром денес, веројатно, е најголемото градилиште во Скопје. Таму забрзано никнува нова станбена населба во која најниската висина на објектите е 10 етажи! По густината, висината, па ако сакате, и по досадноста на архитектурата, тоа ќе биде сигурно најнехуманата за живеење нова населба. Балконите се скоро забранети, а зелените површини и чистиот воздух, што и онака во Скопје сè помалку го има, овде стануваат луксуз. Но тоа ќе биде тема за некој друг напис, а сега само сакав да прикажам нешто сосема спротивно, нешто што во нормалниот свет полека станува правило – стил на живеење.
Милано, кварт Порта Нуово, во централниот дел на големиот град. Две кули од 80 и 112 метри висина, со оригинално име Bosko vertikale (вертикална шума), со околу 40.000 м2 изграден станбен простор. Творци на проектот – архтектонско биро Boeri studio. Главната атракција се терасите. Насадени се 900 високи, средни и ниски дрвjа, уште 5.000 грмушки и 11.000 цвеќиња. Идејата е ваквите зданија во големите градови да овозможат создавање на микро клима, заштита од опасните по здравје микро честички, истовремено го чистат воздухот и ја зголемуваат осетно енергетската ефикасност на објектите. Едноставно кажано, создаваат нов повисок стандард на живеење во високите згради. Уживајте во фантастичните слики, од некој за нас нестварен начин на градско живеење.
А ние! Е, ние ќе си живееме во новите станбени џунгли од типот на Дебар Маало, Стар Аеродром , Расадник… и ќе сонуваме за еколошка средина, паркови и чист воздух, зеленило на терасите…